1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин со одговор до Трамп: „Ова не е војна на НАТО“

ЖА / агенции
16 март 2026

Германската влада ги отфрли барањата на Доналд Трамп НАТО да испрати воени бродови во Ормускиот Теснец, нагласувајќи дека конфликтот не е мандат на Алијансата.

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул со повеќе микрофони пред себе дава изјави за новинарите
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул јавно ги отфрли барањата на Трамп за евентуален НАТО ангажман во стратешки важниот теснец меѓу Иран и Арапскиот ПолуостровФотографија: Nicolas Tucat/AFP/Getty Images

Германската влада решително ги одби повиците на американскиот претседател Доналд Трамп НАТО да се вклучи во обезбедување на Ормускиот Теснец во рамки на блискоисточниот конфликт. „Оваа војна нема врска со  НАТО.  Ова не е војна на НАТО“, изјави владиниот портпарол Стефан Корнелиус во Берлин, нагласувајќи дека Алијансата е одбранбено сојузништво со јасно определено територијално делување и дека недостасува било каков мандат за нејзино активирање во регионот.

Германската дипломатија: Нема основа за ангажман на НАТО во Ормус

Германскиот министер за надворешни работи  Јохан Вадефул  претходно исто така јавно ги отфрли барањата на Трамп за евентуален НАТО ангажман во стратешки важниот теснец меѓу Иран и Арапскиот Полуостров. Говорејќи на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел, политичарот од ЦДУ оцени дека Алијансата не може да преземе одговорност за Ормускиот Теснец. Доколку постоеше надлежност, „НАТО органите би се занимавале со тоа“, додаде тој.

Вадефул најави дека ќе се залага за санкции насочени против оние кои стојат зад блокадата на Ормускиот Теснец. На тој начин, според него, ЕУ би испратила јасна порака на поддршка кон партнерите во Заливот. Според дипломатски извори, евентуалните мерки би можеле да ги опфатат иранските безбедносни структури.

Министерството за одбрана: НАТО има други приоритети

И германскиот министер за одбрана Борис Писториус јасно се спротивстави на идејата за испраќање германски воени бродови во  Ормускиот Теснец по барање на Трамп. „Ова не е нашa  војна,  ние не ја започнавме. Сакаме дипломатски решенија и брзо ставање крај на конфликтот, но дополнителни воени бродови во регионот најверојатно нема да придонесат за тоа“, изјави тој по средбата со својот летонски колега Андрис Шпрудс во Берлин.

Писториус посочи дека НАТО има обврска да го обезбеди сопственото сојузничко подрачје. „Наша одговорност е Источното крило и Атлантикот, особено од гледна точка на  германската геополитичка позиција.  Тоа е наш приоритет. Сѐ друго може да се разгледува само во исклучителни случаи – или воопшто да не се разгледува“, истакна тој.

Министерот предупреди дека иако сојузниците ја делат целта за ограничување на влијанието на иранскиот режим, методите се различни. „Следниот чекор, кој го предлагаат САД и Израел, може да нѐ повлече во конфликтот“, предупреди Писториус, додавајќи дека проширувањето на  мисијата на ЕУ,  „Аспидес“ во Црвеното Море не е основа за интервенција во Ормускиот Теснец.

Трамп со остар тон: НАТО ќе се соочи со „мрачна иднина“

Американскиот претседател  Доналд Трамп претходно  ги повика НАТО-сојузниците  да помогнат во осигурувањето на транспортот на нафта низ Ормускиот Теснец, предупредувајќи дека „мрачна иднина“ ја очекува Алијансата доколку партнерите на  САД  одбијат учество. Во изјава за „Фајненшел тајмс“, тој порача дека негативен одговор од европските сојузници би бил „многу лош за иднината на НАТО“.

Според безбедносни експерти, непосреден НАТО ангажман кај брегот на Иран е малку веројатен, пред сѐ затоа што Ормускиот Теснец не е дел од сојузничката територија, па САД не можат да се повикаат на членот 5 од Северноатлантскиот договор. Потенцијална операција таму би претставувала мисија „надвор од подрачјето“, што би барала едногласна согласност од сите членки на Алијансата – нешто што моментално изгледа нереално.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми