1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МиграцијаГерманија

Германија ги олесни условите за престој на странци

Тагесшау | ЕМФ
2 декември 2022

Бундестагот донесе одлука за „шанса за право на престој“ во Германија. Според владејачката коалиција, тоа на добро интегрираните странци без сигурен статус во земјата би требало да им понуди перспектива.

Бундестагот даде зелено светло за законот за „шанса за престој“
Бундестагот даде зелено светло за законот за „шанса за престој“Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Пратениците во Бундестагот со мнозинство гласови од владејачките партии ѝ дадоа зелено светло на т.н. „шанса за право на престој“, 226 гласаа против, а 57 пратеници беа воздржани.

Политичарот од СПД, Хелге Линд рече дека е „комплимент за оваа земја“ што толку многу луѓе се населуваат и бараат да се интегрираат во Германија. Линд ги бранеше новите регулативи и во интервју за новинската агенција АФП, велејќи дека со нив конечно им се дава поголема сигурност на странците кои долги години имаат статус на толерирани лица, односно на луѓето „кои всушност долго време се дел од нашето општество, но живеат во недостоинствена ситуација на постојано продолжување на статусот на толерирано лице“. 

Од загубена до „вин-вин“ ситуација 

Миграциската политика честопати е површина за идеолошки борби и себепромоција, но „ја губи од вид практиката и реалноста на животот“, предупреди Линд. Законот за шанса за престој ја претвора загубената ситуација во „вин-вин ситуација“, што „хуманитарно, миграциско политички, економски и безбедносно политички“ претставува чекор кој има смисла, уверен е тој.

Потпретседателката на Бундестагот, Катрин Геринг-Екарт од Зелените се заложи за „прагматични и современи“ решенија, кои би можеле да се создадат со новиот закон. Се работи за тоа „како настапуваме кон луѓето кои овде, со нас, сакаат да учествуваат во изградбата“, рече таа и побара: „Да станеме светски шампиони на можности. Оваа земја и нејзиниот народ го заслужуваат тоа“, нагласи Геринг-Екарт. 

Експертката за прашања на миграција од редовите на Зелените, Филиз Полат, ги истакна економските предности што се очекуваат од новата регулатива. Во многу компании работат луѓе кои би можеле да профитираат од тоа. Така е и во изборните единици на многу пратеници од опозициската Унијата, подвлече Полат. 

Унијата стравува од „лоша стимулација“ 

Страничниот удар беше насочен против постојаните критики од ЦДУ и ЦСУ за плановите на владеачката коалиција. Во својот говор пред Бундестагот, заменик-претседателката на парламентарната група на Унијата, Андреа Линдхолц, повторно ја обвини сојузната влада дека дава „лоши стимулации“ за останување во Германија. „Тие не сакаат репатријација од идеолошки причини. Наградувате погрешни луѓе“, предупреди таа. Според неа, веќе има доволно исклучоци и прагматични решенија за добро интегрирани толерирани лица. Затоа, владеачката коалиција мора да ја фокусира својата политика „на оние кои навистина имаат право на заштита“, бара Линдхолц.

Законот за шанса за престој би требало да им понуди перспектива на добро интегрираните странци, кои живеат во Германија без сигурен статус.Фотографија: Wolfgang Kumm/dpa/picture alliance

Експертот за внатрешна политика на пратеничката група на Унијата (ЦДУ/ЦСУ), Александер Тром, во пресрет на дебатата во Бундестагот предупреди дека новиот закон за престој може да создаде погрешни привилегии. „Германскиот пазар на труд веќе сега е широко отворен за оние од кои се бара да ја напуштат земјата. Илјадници луѓе од кои претходно беше барано да ја напуштат земјата и кои работат овде и се добро интегрирани, веќе долго време имаат право на престој“, изјави Тром за весникот „Ноје ознабрикер цајтунг“. 

Да се создаде перспектива за добро интегрираните странци  

Според плановите на владата, законот за шанса за престој би требало да им понуди перспектива на добро интегрираните странци, кои живеат во Германија без сигурен статус. Сторители на кривични дела и луѓе кои го прикриваат својот вистински идентитет со цел да избегнат протерување, се исклучени. Кој до 31-ви октомври 2022 година живее пет години во Германија и не сторил кривично дело, би требало да добие време од 18 месеци за да ги исполни предусловите за долгорочен престој. Дел од тие предуслови, на пример, се познавање на германскиот јазик и обезбедување доволно средства за живот. Од новите правила, според наводи на владата, би требало да можат да профитираат околу 136.000 луѓе.

Парламентот усвои и закон со кој се предвидуваат измени во постапките за азилпред надлежните институции и за судските процедури за азил. Целта е да се забрзаат процедурите во Сојузната служба за миграција и бегалци, како и забрзување на судските процедури. Со денеска донесениот закон првпат се воведува и независно Советувалиште за азил, каде што бегалците ќе можат да добијат совет и помош пред и за време на постапката. Пакетот регулативи вклучува и полесна депортација на криминалците. Уредбите за притвор до депортација треба да се поедностават. За сојузната влада, денеска (2.12) донесениот закон е првиот дел од пакетот закони за миграција. Треба да следат уште два закона.

Германското стопанство има потреба од квалификувани бегалци

01:20

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми