1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија бара заштита на Палестинците на Западниот Брег

БГ | афп
30 октомври 2023

Германската влада очекува од Израел, како окупаторска сила на Западниот Брег, да ги заштити Палестинците од нападите на „екстремните“ израелски доселеници, соопшти Министерството за надворешни работи.

Хеброн Западен Брег
Судири на израелски доселеници и Палестинци во близина на Хеброн, на Западниот Брег, 01.08.2023 Фотографија: Mamoun Wazwaz/APA Images/ZUMAPRESS/picture alliance

Израел мора да ја осигура безбедноста на Палестинците на окупираниот Западен Брег од насилството на екстремистичките доселеници, изјави портпарол на германското Министерство за надворешни работи по серијата напади и убиства на Палестинците на територијата која е под контрола на израелската армија.

„Израел, како окупаторска сила на Западниот Брег, е одговорен за обезбедувањето сигурност и интегритет на палестинското население на Западниот Брег“, изјави портпаролот на германското МНР, Себастијан Фишер. „Го повикуваме Израел да ги заштити Палестинците од активностите на екстремните доселеници и да преземе мерки против одговорните“. 

„Мора да им се обезбеди на палестинските семејства да останат таму каде што живееле со децении и да не бидат принудувани да ги напуштат своите вековни огништа поради страв за животот или имотот“, додаде портпаролот. 

Раст на насилството  

По терористичкиот напад на исламистичкиот Хамас врз делови од јужен Израел на 7 октомври годинава, израелската армија одговори со воена операција во Појасот Газа во која досега загинаа над 8.300 Палестинци. Зголемување на насилството има и на Западниот Брег, каде, од почетокот на годината, загинале 329 Палестинци, а 121 од нив од 7 октомври досега.

Во понеделник (30.10) загинаа четворица Палестинци за време на операција на израелската армија во градот Џенин. Во неделата, во слична операција, беа убиени петмина Палестинци. 

Израел го окупираше Западниот Брег за време на арапско-израелската војна во 1967 година, а неговите единици редовно вршат акции против тамошните палестински милитанти. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми