1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Градоначалничката избодена од нејзината ќерка

БГ /АП
8 октомври 2025

Ќерката е главно осомничена за вчерашниот напад врз новоизбраната градоначалничка на градот Хердеке во западна Германија. Полицијата брзо го затвори случајот, откако беше откриено дека нема политичка позадина

Новоизбраната градоначалничка на градот Хердеке, Ирис Шталцер
Новоизбраната градоначалничка на градот Хердеке, Ирис Шталцер била нападната од нејзината ќеркаФотографија: Bernd Henkel/dpa/picture alliance

Истражителите во средата изјавија дека новоизбраната градоначалничка на германскиот град, која беше пронајдена во нејзиниот дом со убодни рани, очигледно била нападната од нејзината тинејџерска ќерка, и дека нејзиниот живот веќе не е во опасност.

Ирис Шталцер (57) беше избрана за градоначалничка на Хердеке, во западна Германија, на 28 септември и треба да ја преземе функцијата на 1 ноември. Полицијата соопшти дека итните служби биле алармирани во вторникот од нејзината ќерка, која пријавила дека Шталцер била сериозно повредена пред нејзината куќа во обид за грабеж.

Полицијата пристигнала во куќата на Шталцер, каде што ја пронашле како седи на стол со повеќе убодни рани и утврдиле дека нападот најверојатно се случил внатре. Таа била пренесена со хеликоптер во болница. Во средата, полицијата соопшти дека таа веќе не е во животна опасност.

Истражителите во куќата пронашле два ножа и облека за која се верува дека била користена при нападот, и ги привеле 17-годишната ќерка и 15-годишниот син на Шталцер. При испрашувањето во вторникот навечер, Шталцер ја посочила својата ќерка како осомничена, изјави полицискиот истражител Јенс Раутенберг. 

Семејниот мотив нејасен 

Нема веднаш достапни информации за природата на семејниот конфликт што му претходел на нападот. Раутенберг одби да коментира за можниот мотив, велејќи дека тоа сè уште е предмет на истрага.

Обвинителот Бернд Халдорн изјави дека случајот се третира како телесна повреда, и дека полицијата и обвинителството во моментов имаат намера да ги ослободат децата и да ги предадат на службата за заштита на млади, која ќе одлучи за понатамошни мерки додека истрагата продолжува.

Нападот врз Шталцер, кој следи по други случаи на насилство врз локални политичари во Германија во последниве години, предизвика брзи осуди од канцеларот Фридрих Мерц и други. Но, истражителите брзо утврдиле во вторникот дека нема знаци за политички мотив.

Хердеке е град со околу 23.000 жители во западниот дел на Германија, во регионот Рур, помеѓу Хаген и Дортмунд.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми