1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија и односот кон Кина – комплицирано балансирање

Кај Кистнер
20 јуни 2023

Прв пат по пандемијата, повторно се одржуваат германско-кинески владини консултации. Во меѓувреме, германската влада усвои Стратегија за национална безбедност, но што значи тоа за односот кон Кина?

Олаф Шолц  Ли Чијанг  Берлин
Германскиот канцелар Олаф Шолц и кинескиот премиер Ли Чијанг во Берлин - први германско-кинески владини консултации по пандемијатаФотографија: Fabrizio Bensch/REUTERS

 Геополитички, Кина несомнено е колос. Сразмерно на тоа, германската влада на економскиот и воен гигант во својата национална безбедносна стратегија му посветува минимален простор. Неколку скудни реченици од главно општа природа во документот од 76 страници и тоа е се`. Оној кој очекуваше повеќе, мора да се теши дека германската влада планира по Стратегијата за национална безбедност да следи дополнителна стратегија во однос на Кина, но таа уште не е готова. Може ли тоа да успее? Земја како Кина да биде „стегната“ во неколку реченици?

Во односот кон Пекинг, германската влада одамна се раководи од еден трозвук, некои коалициски политичари смешкајќи се дури го користат терминот – тројство. Од германски аспект, Кина е истовремено партнер, конкурент и системски ривал. Притоа, во националната безбедносна стратегија стои дека „елементите на ривалство и конкуренција во изминатите години се зголемени.“

Автократии против демократии

Полека и неосетно, извршена е промена на рамнотежата. Кон негативно, или како што вели министерот за финансии Кристијан Линднер: „Кина е трговски партнер, но ривал на полето на вредностите.“ Тоа што Пекинг отворено се колне во партнерство со рускиот претседател Владимир Путин и понекогаш и го слави, дополнително го потенцира впечатокот за ривалство.

Што значи тоа за практичниот однос кон гигантот? Германскиот канцелар Олаф Шолц зборува за континуирано „балансирање“. На одредени полиња, во поглед на партнерство, соработката не само што е натамошно можна, туку и неизбежна, на пример кај климатската политика. Тука постојат пресеци, и тоа големи, истакнува министерката за надворешни работи Аналена Бербок. Спас на климата без дијалог со Кина е неможен. Еден од фокусите на владините консултации би требало да биде токму на тоа.

Германската влада уште го нема целосно дефинирано односот кон КинаФотографија: Thomas Koehler/photothek/imago images

Економски зависности

На прашањето како да се постапува со далечната Кина во поглед на демократијата и човековите права, како може да успее тука „балансирањето“, од германската влада може постојано да се чуе: „Не сакаме раздвојување, туку сакаме разградување на ризиците.“ Тоа би значело: раскинување на сите економски врски со Кина, би било погрешно.

Но, желбата е да се минимизираат ризиците и да се внимава кај суровините или сензибилни ИТ-компоненти, на пример кај мрежите на мобилната телефонија, да не се стане премногу зависен и со тоа податлив за уцени. Истата грешка како кај енергетската зависност од Русија не смее да се повтори. Тоа на прв поглед звучи хармонично, но тоа значи само почеток на балансирачкиот акт.

Кавгата околу учество на кинескиот државен концерн Коско во Хамбуршкото пристаниште покажа колкава борба треба да се води околу вистинскиот курс во рамките на самата влада. Економското крило на СПД на Министерството за надворешни работи на Аналена Бербок неодамна му префрли дека води антикинески курс. Слично е и во ЕУ или трансатлантското рамниште: францускиот претседател Емануел Макрон посакува, па и околу прашањето Тајван, многу поблаг курс од оној кој го имаат САД.

Франција повнимателна, САД поостри

Германскиот канцелар Олаф Шолц посебно го истакнува постоењето меѓународна хармонија: „Ако го слушавте американскиот претседател на самитот на Г7 во Хирошима, тогаш звучеше исто онака како она што ние го напишавме овде кај нас“, изјави Шолц во врска со безбедносната стратегија. Точно е дека Џо Бајден зборуваше за намалување на ризиците во односот кон Кина. Но истовремено е тешко да се негира дека САД посакуваат еден појасен курс од Германија и од Европа.

Ако одговорот се побара во германската национална стратегија, формулацијата во неа е толку општа, што Германија без проблеми може да се класифицира и кај претпазливиот Макрон, исто како и кај поострите САД. 

Значи не е никаква случајност тоа што новата стратегија за Кина уште не е готова, зашто се чини дека германската владејачка коалиција допрва треба да ја најде својата улога во односот кон азискиот колос. Така, актот на балансирање само што почна.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми