1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиГерманија

Германија бара пристап за помошта во Сирија по земјотресот

ЖА / агенции
8 февруари 2023

По разорниот земјотрес со повеќе од 11.000 мртви во Турција и Сирија, германскиот канцелар вети натамошна помош и побара на хуманитарните организации да им се овозможи пристап до погодените региони во Сирија.

Луѓе со голи раце се обидуваат да извлечат затрупани под урнатините од земјотресот во Алепо во Сирија
Луѓе со голи раце се обидуваат да извлечат затрупани под урнатините од земјотресот во Алепо во Сирија Фотографија: BAKR ALKASEM/AFP

„На удар на земјотресот се најдоа многу луѓе кои и без тоа живееја во лоши услови, посебно во Сирија, а нивната состојба сега дополнително се заострува. Дотолку поважно е хуманитарните организации што поскоро да добијат насекаде пристап во подрачјата погодени од катастрофата“, изјави денеска Бербел Бас, претседателка на германскиот парламент на седницата на Бундестагот во Берлин, која започна со минута молк за жртвите на катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија.

Германскиот канцелар Олаф Шолц истакна дека Германија веќе испорачува пратки со помош во Турција, каде се пристигнати и германски спасувачки тимови, а истовремено е во тесен контакт со ОН во обид да се испрати хуманитарна помош и во областите во Сирија погодени од земјотресот.

Германскиот канцелар Олаф Шолц во БундестаготФотографија: John MacDougall/AFP/Getty Images

„И таму луѓето се изложени на големи страдања. Во оваа прилика повторно се потврдува животната важност на прекуграничен пристап за помошта, за кој ние со години се залагаме“, изјави германскиот канцелар.

Трка со времето во потрага по преживеани во Турција и Сирија

01:41

This browser does not support the video element.

Бас и Шолц искажаа благодарност до луѓето во Германија за нивната солидарност и подготвеноста да помогнат. „На овој начин се манифестира и нивната блискост до нашите сограѓани со турски или сириски корени, кои во овие часови можеби треперат околу судбината на своите роднини или пријатели во погодените региони“, рече Шолц.

Благодарност кон пријателите и партнерите во регионот Шолц искажа и преку посочување на примерот со телефонскиот разговор меѓу грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган: „Во вакви катастрофи јасно се покажува нужноста од наше обединување и меѓусебна поддршка.“

„Не сум сигурен дали се живи“

01:33

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми