Германија испраќа иследници по падот на авионот во Вилнус
25 ноември 2024Во потрагата по причините за падот на товарниот авион кој полета од Лајпциг и се урна кај аеродромот во Вилнус ќе учествуваат и германски иследници. Сојузната служба за истражување на авионски несреќи ќе испрати свои луѓе кои ќе им дадат поддршка на истражителите во Литванија, изјави портпарол на германското Министерство за сообраќај пред новинарите во Берлин. Германските иследници ќе бидат на лице место веќе вечерва.
„За причините за несреќата сѐ уште не може да се дадат никакви изјави“, изјави портпарол на германското Министерство за внатрешни работи. Дали станува збор за несреќа или за падот има некоја друга причина, тоа, како што се вели, ќе покаже истрагата.
Авионот на шпанската авиокомпанија Свифт Ер, кој од Лајпциг, Германија, полета по налог на ДХЛ, се урна рано изутринава (25.11) во близина на аеродромот на литванскиот главен град Вилнус. Притоа, авионот падна веднаш до станбена зграда. Во несреќата загина едно лице, а повредени се три лица.
На крајот на август германските безбедносни служби предупредија од „неконвенционални запаливи“ пратки, кои биле испраќани преку ДХЛ од страна на непознати лица. Службата за заштита на уставот и Сојузната криминалистичка служба тогаш издадоа предупредување кое го упатија до компаниите од логистичката бранша и воздухопловството. Досега нема сознанија за можна поврзаност со вакво нешто, изјави портпарол аа Министерството за внатрешни работи.
Предупредувањето тогаш во безбедносни кругови се поврзуваше со инцидент во логистичкиот центар на ДХЛ во Лајпциг, каде во јули годинава се запали пакет испратен од Балтикот кој создржел запаливо средтсво. Во безбедносните кругови не се исклучува поврзаност на случајот со зголемени случаи на руска саботажа во Германија.