1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Каде со толку бегалци?

АРД
20 септември 2023

Никогаш немало повеќе баратели на азил и бегалци во ЕУ и во Германија. И власта и опозицијата се тркаат како да го намалат нивниот број.

мигранти
Никогаш немало повеќе баратели на азил и бегалци во ЕУ и во ГерманијаФотографија: Patrick Pleul/dpa/picture alliance

Постои ли опасност да се промени односот кон бегалците во Германија? Многу општини и градови известуваат дека не знаат што да прават повеќе со бегалците, сѐ почести се протестите пред прифатните центри, а бројот на барања за азил повторно поставува рекорди.

Според Европската агенција за азил, бројот на барања во првата половина од годината надмина половина милион во ЕУ, Швајцарија и Норвешка. Само во Германија до крајот на август имало над двесте илјади барања за азил. Ова се веќе рекорди од екот на бегалската криза во 2015 и 2016 година.

Но, на тоа треба да се додадат повеќе од четири милиони Украинци кои влегоа во ЕУ од почетокот на руската агресија. Официјално, тие не се баратели на азил, туку автоматски добиваат привремена заштита. Но, и тие треба да бидат згрижени.  

Во кој правец можат да се движат работите покажува и редовната анкета на Дојчландтренд, каде за Германците во август прашањето за миграцијата и бегалците се искачи на второто место на горливи проблеми во земјата, веднаш зад економските проблеми.

Истражувачот Штефан Мерц од институтот за истражување на јавното мислење Infratest dimap  вели дека оваа тема доведува до губење на довербата во властите. „Ако политичарите не успеат да создадат впечаток во јавноста дека го контролираат бројот на луѓе кои доаѓаат во земјата, тогаш довербата во политичарите и сојузната влада нема да се врати“, вели тој. 

Алармантна состојба во многу општини 

Сојузната и покраинските влади се „во ист брод“. Двете страни се одговорни за миграциската политика. Но, дали успеваат да создадат впечаток дека имаат сѐ под контрола?

Многу општини веќе не се во можност да ги примат сите што ќе дојдат (фото: дом за бегалци во Берлин)Фотографија: Markus Schreiber/AP Photo/picture alliance

Не изгледа така. Општините одговорни за сместување на бегалците креваат тревога. Многу општини веќе не се во можност да ги примат сите што ќе дојдат. 

Покраината Саксонија-Анхалт привремено ги суспендираше упатствата за сместување бегалци. Сега повеќе луѓе можат да се сместат во помал простор.

„Доколку сте соочени со прашањето дали да ги наполните собите во заедничкото сместување со уште неколку луѓе или дали да се преселите во фискултурна сала или да поставите шатори, тогаш мислам дека е подобро барателите на азил всушност да имаат постојано сместување.“, изјави покраинската министерка за внатрешни работи Тамара Цишанг.

Спор во врска со безбедните земји 

Сојузната влада исто така реагира. На затворена седница на партиите од владејачката коалиција неодамна беше постигнат договор Грузија и Молдавија да се вклучат во листата на безбедни земји. На таа листа веќе се и Северна Македонија и соседните балкански земји.

Тоа значи дека барателите на азил од тие земји може рутински да бидат депортирани, освен ако немаат многу убедливи докази дека се изложени на ризик од политички прогон.

А, тоа доведе до кавги во владејачката коалиција. Социјалдемократите и либералите сакаа Ерменија, Мароко, Тунис, Алжир и Индија да бидат прогласени за безбедни земји, но Зелените го спречија тоа.

Сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер (СПД) очигледно размислува и за други мерки. Во документот до кој имал увид јавниот сервис АРД, се наведува дека кривичното дело криумчарење во Законот за престој ќе се заострува.

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер при неодамнешната посета на Тунис (јуни 2023 година)Фотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Ова ќе им овозможи на надлежните органи многу полесно да издаваат налози за депортација и да ги одземат дозволите за престој. 

Во документот се наведува и дека сојузната министерка за внатрешни работи сака и подобра комуникација со матичните земји со цел да ги предупреди луѓето на нивниот мајчин јазик за опасностите од шверцот и во исто време да ги насочи кон легалните миграциски рути. 

Освен тоа, Фезер предлага притворот за депортација да се продолжи од 10 на 28 дена, а полицијата да има право да ги претресува мигрантите не само во нивните соби, туку и во другите. Исто така, доколку не покажат лични документи при пристигнувањето во Германија, полицијата би имала право да им го пребара телефонот за да го утврди нивниот идентитет. 

Мелони ја бара морнарицата 

Не е тензично само во Германија. Шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во неделата (17.08) заедно со италијанскката премиерка Џорџа Мелони го посети островот Лампедуза. Тие беа пречекани со гласни протести од локалното население.

Минатата недела, за само три дена, на тој остров, кој има едвај дваесет квадратни километри, пристигнаа двесте чамци и бротчиња со околу 8.500 мигранти. Ова ја поттикна Мелони да побара од ЕУ да се блокира пристапот до италијанските води.

Преполниот мигрантски центар на ЛампедузаФотографија: Cecilia Fabiano/AP Photo/picture alliance

Фон дер Лајен и Мелони ги повикаа европските партнери да ѝ помогнат на Италија да управува со миграциските текови од Северна Африка и да прифати дел од мигрантите кои го преминале Средоземното Море. 

Зедер прифаќа бегалци за построги ограничувања 

Баварскиот премиер Маркус Зедер исто така повикува на ограничувања, но тој повеќе смета на Германија, отколку на ЕУ. Во врска со зголемениот број бегалци, Зедер во интервју за таблоидот Билд рече: „Потребен ни е германски пакт против неконтролираната имиграција“.

Во спротивно, како што оцени тој, загрозена е стабилноста на Германија, која со оглед на подемот на десничарската Алтернатива за Германија „веќе е на пат кон деструктивна демократија“. 

Лидерот на Христијанско-социјалната унија Зедер потсети на претходниот модел на ограничување на приемот на бегалци, на кој инсистираше неговата партија. Тој предвидува пристигнување на најмногу 200.000 мигранти годишно.

Сојузната влада, додава тој, безгрижно се откажала од тоа, па Германија сега оди кон рекорден број мигранти. Зедер се залагаше и за повеќе депортации, како и договори за депортирање на лица со криминално досие.

Инаку, Зедер за дваесетина дена е соочен со избори во Баварија. Таму, како и низ целата земја, а особено на истокот на Германија, се засилува десничарската Алтернатива за Германија, чија омилена тема се бегалците.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми