1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалГерманија

Германија: Како против омразата и антисемитизмот?

2 декември 2023

Муслимани во Германија на улиците ги славеа нападите на Хамас врз Израел. Дали овие претежно млади луѓе се целосно изгубени за демократијата? Со ова се занимаваше и Федералната служба за борба против криминал.

Белин пропалестински демонстрации
Берлин: Одржани повеќе забранети пропалестински демонстрацииФотографија: Michael Kuenne/Zumapress/picture alliance

„Причините и динамиката на насилството – како да се скрши овој бран?“, беше насловот на есенската конференција на германската Сојузната криминалистичка служба (БКА) во Визбаден. Полицајци и експерти беа поканети на собирот уште пред 7 октомври, кога терористите на Хамас убија повеќе од 1.200 луѓе во Израел и киднапираа околу 240.

Антисемитскиот погром и израелската воена интервенција во Појасот Газа со повеќе од 13.000 мртви, според палестинските податоци, како сенка лебдеа и над конференцијата во Визбаден, каде што е седиштето на БКА.

„Од 7 октомври, видовме нагло зголемување на политички мотивираниот криминал со странска или верска идеологија“, рече претседателот на БКА, Холгер Мин. За месец и половина од нападот, во Германија се регистрирани близу четири илјади злосторства од овој тип.

Како Хамас предизвикува емоции со слики

Медиумската стратегија на Хамас покажува дека емотивните слики можат да привлечат голем број поддржувачи. Дури и Хамас да не е толку организиран во Германија, влијанието не треба да се потценува, предупредува шефот на БКА.

„Нашата проценка на ризикот е дека сторителите, кои дејствуваат сами, сигурно ќе го сфатат ова како импулс“, рече Мин. Во превод - германските безбедносни сили не ја исклучуваат можноста за напад во Германија.

На конференцијата зборуваше и Ахмад Мансур, израелско-германски психолог со палестински корени и познат критичар на политичкиот ислам.

Тој вели дека исламистите во Газа и активистите блиски до нив во Германија делуваат „многу професионално“, на германски, англиски и француски јазик, „со цел масовно да ги изнесат луѓето на улица, но и да ги направат улиците небезбедни“.

Оваа стратегија е очигледно успешна со оглед на сликите на воодушевени луѓе во берлинските населби претежно со мигранти, како што е Нојкелн. Таму, десетици луѓе ја прославија убиствениот поход на Хамас на улица , практично истиот ден кога се случи.

Правото на Израел да постои

„Излегувањето на улица за палестинската кауза во принцип е легитимно. Да се ​​биде против израелската политика за населување во палестинските автономни области е исто така легитимно“, вели Ахмад Мансур.

Но, не е легитимно да се слави тероризмот. Мансур исто така смета дека извиците „Од реката до моретоПалестина ќе биде слободна“, исто така не се легитимни бидејќи тие подразбираат уништување на еврејската држава. Тука се мисли на Средоземното Море и реката Јордан.

Мансур дури се прашува дали тој дел од германското општество, кој го негира правото на Израел да постои, некогаш може да се придобие за демократијата. „Се работи само за тоа да не се доведува во прашање правото на Израел да постои и да не се извикуваат антисемитски слогани“.

Ахмад Мансур на средбата во ВизбаденФотографија: Arne Dedert/dpa/picture alliance

Од своето долгогодишно искуство, Мансур вели дека е неопходно да се уништат патријархалните структури, слободата на изразување и верската слобода и пред се борбата против антисемитизмот.

Затоа тој повикува на „демократска офанзива“ за да се излезе од овој маѓепсан круг. Ова значи масовна работа на превенција и систем на вредности во училиштата, на курсеви за интеграција и слично. „Потребни ни се состаноци, дискусии и емотивен пристап кон луѓето“.

Граници кои не смеат да се преминат

Сепак, Ахмад Мансур, исто така, ги наведува границите што не смеат да се преминат „кога луѓето систематски го презираат нашето општество, го гледаат политичкото насилство како легитимно средство за борба против политичките противници и сметаат дека одмаздата е неопходна“. 

Експертот за интеграции смета дека е потребно итно да се забрза кривичната постапка.

За ова се заложува и претседателката на берлинската полиција Барбара Словик. На конференцијата на Службата за борба против криминал таа предупреди и за стигматизирање на одредени групи на население:

„Поддршката на насилството од, како што верувам, мал број муслимани кои живеат во Берлин води до генерализација, предрасуди и прерана осуда“, вели таа.

Рација против симпатизерите на Хамас во Берлин (23 ноември)Фотографија: Paul Zinken/dpa/picture alliance

Според Барбара Словик, рецептот против насилство би бил мешавина од санкции и превенција. „Ова вклучува рана и доследна интервенција насочена кон спречување на криминални кариери“, вели таа.

За да се намалат предрасудите и да се прекине стравот од контакт меѓу младите и полицијата, особено во социјално загрозените области, неопходно е да се започнат заеднички проекти во слободното време, вели Словик. „Нашите колеги играат фудбал, готват или дизајнираат игралишта – така споделуваат искуства и емоции“.

Немири на новогодишната ноќ 

Долго пред ескалацијата на ситуацијата на Блискиот Исток, германската престолнина доживеа колку се експлозивни проблемите на полето на интеграцијата.

Судирите меѓу младите и полицијата минатата новогодишна ноќ предизвикаа вонемирување. Владата во Берлин одговори со самит против насилството меѓу младите, ставајќи на располагање дваесет милиони евра за таа намена.

Сите седнаа на иста маса: претставници на политиката, судството, училиштата, спортот и функционерите, кои се занимаваат со прашањето на интеграцијата.

„Но, треба да се направи многу повеќе за да се прекине бранот на насилство“, нагласува Барбара Словик.

Покрај превенцијата и санкциите, вели таа, демократијата и социјалниот мир бараат консолидација на редовите и заедничко дејствување на целото општество.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми