1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоГерманија

Германија: Како Уставниот суд да се заштити од екстремисти?

СН | АРД
6 април 2024

Германија очигледно планира промена на Уставот со цел подобро да го заштити Уставниот суд и неговата независност од екстремните сили во општеството на кои оваа институција им е трн в око.

Седиштето на Уставниот суд на Германија во градот Карлсруе
Седиштето на Уставниот суд на Германија во градот КарлсруеФотографија: Uli Deck/dpa/picture alliance

Како што пишуваат германските медиуми, коалициската влада на канцеларот Олаф Шолц планира да го промени Основниот закон, како што се нарекува Уставот во Германија, во делот кој се однесува на Уставниот суд.

Власта и опозицијата се согласуваат

Како што пренесува весникот „Рајнише пост“ од нацрт законот, членовите 93 и 94 ќе бидат изменети со следните реченици: „Сојузниот уставен суд со сите други уставни органи е самостоен и независен највисок суд во земјата“. Понатаму се дефинира дека Уставниот суд се состои од два судски совети со по осум судии избрани на 12 години од долниот и горниот дом на германскиот парламент- Бундестагот и Бундесратот. Дополнителни промени на судиите нема да бидат можни.

На основниот закон треба да се додаде реченицата: „Одлуките на Сојузниот уставен суд се обврзувачки за сите уставни органи на државата и на сојузните покраини, како и за сите судови и државни канцеларии“.

Да се спречи влијанието на екстремистичките партии како Алтернатива за Германија (АфД) - фотографија од протест на АфД во Дизелдорф на 16 март 2024Фотографија: Henning Kaiser/dpa/picture alliance

Според медиумите, опозициските партии на Унијата- ЦДУ/ЦСУ, без чии гласови во Бундестагот промените се неостварливи, сигнализирала подготвеност да ја поддржи владината намера. Има, како што се наведува, „потреба од појаснувања“, за кои опозициската Унија и Владата ќе разговараат по велигденските празници.

Уставниот суд е на удар на екстремистите

Во последните месеци, политичките партии расправаа како да ги заштитат судските органи, а особено Уставниот суд, од влијанието на екстремистите како партијата Алтернатива за Германија (АфД). Оваа партија, поради тоа што некои нејзини ограноци беа прогласени за радикални десничарски организации од Канцеларијата за заштита на уставниот поредок, покрена бран противтужби во повеќе судови во земјата.

Досега можеше со едноставно мнозинство во Бундестагот да се менува законот за регулирање на овластувањата и методите на Уставниот суд, што отсега нема да биде можно. Досега за измените во самиот Основен закон беше потребно двотретинско мнозинство гласови од пратениците.

И германското здружение на правници ја поддржува промената на законот.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми