1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Ќе биде ли постигнат брз договор за нови избори?

Тагесшау | ЕМФ
12 ноември 2024

Една недела по распадот на владеачката коалиција во Германија, сѐ уште не е јасно кога ќе се одржат нови избори. Опозициската Унија (ЦДУ/ЦСУ) очекува брз договор и жестоко ја критикува раководителката на изборите.

Бундестаг пленарна сала
Работници во пленарната сала на Бундестагот (архивска фотографија)Фотографија: Jockel Finck/AP/picture alliance

Во Бундестагот во Берлин денеска (12.11) вонредна седница треба да одржи Комисијата за верификација на изборите. Во неа седат повеќе пратеници кои дискутираат за валидноста на изборите и за тоа дали сѐ тече како што треба при нивната подготовка. На јавната седница денеска треба да учествува и раководителката на изборите (или претседателка на изборната комисија - раководителот на изборите ги организира и надгледува изборите и подготовките за избори на сојузно ниво и заедно со замениците се назначува од страна на министерот за внатрешни работи, а традиционално оваа улога ја презема претседателот на Сојузниот завод за статистика, н.з.), Рут Бранд, која треба да даде информации за подготовките за нови избори. Притоа во фокусот особено ќе биде датумот на одржување нови избори.

По неколкудневни расправии во врска со датумот, наскоро би можело да има договор. Шефот на пратеничката група на ЦСУ, Александер Добринт, очекува дека Унијата и СПД сега брзо ќе се договорат. На вистинскиот пат сме, рече тој за АРД. „Верувам дека сега брзо ќе можеме да го разјасниме ова и потоа можеби неделава да објавиме датум за избори.“

По распадот на владеачката коалиција, канцеларот Олаф Шолц најави дека на 15 јануари ќе побара од Бундестагот гласање за доверба. Во таков случај нови избори би имало во март. Опозициските ЦДУ и ЦСУ бараат одржување избори побрзо. Кандидатот на Унијата за канцелар, Фридрих Мерц, во меѓувреме се стреми кон датум за избори во февруари. Во понеделникот, според новинската агенција ДПА, тој изјави дека избори би можеле да се одржат на 16-ти или 23-ти февруари.

Во спорот околу датумот на изборите, раководителката на изборите Бранд беше на удар на критики во последните денови. Таа предупреди да не се брза со нови избори и тоа го оправда, меѓу другото, со фактот дека можеби нема доволно хартија за да може толку брзо да се испечатат сите документи. Оттогаш, Унијата ја обвинува дека му дозволува на Шолц политички да ја инструментализира.

Во спорот околу датумот на изборите, раководителката на изборите Рут Бранд е на удар на критикиФотографија: Jens Krick/Flashpic/picture alliance

Во понеделникот таа се консултираше со покраинските изборни органи и потоа објави „дека периодот од 60 дена помеѓу распуштањето на Бундестагот и нови избори ќе биде исцрпен“. Ова е неопходно за најдобро да се одговори на „предизвиците во изборното организирање кои произлегуваат од роковите за нови избори“.

Критики за Бранд

Шефицата на економското крило на ЦДУ, Гита Конеман, сега дури бара смена на Бранд веднаш штом Бундестагот биде избран. „Според мене, раководителката на изборите во изминатите неколку дена докажа дека не е на висина на задачата“, рече Конеман за РНД. „Оваа функција мора да биде над сите сомнежи. Нејзиниот углед е веќе нарушен, така што за мене лично таа треба да си оди по изборите.“

Генералниот секретар на СПД, Матијас Мирш, ја повика Унијата веднаш да престане со нападите врз Бранд. „Ова е вода на воденицата на екстремистите“, рече тој во емисијата „Остро, но фер“ на АРД. Ако на независната раководителка на изборите ѝ се префрла дека манипулира, тоа е  многу проблематично, оцени Мирш, додавајќи дека со Доналд Трамп во САД се видело што значи кога се напаѓаат институциите на правната држава.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми