Кој има најголема државна плата, повисока од канцеларот
28 јануари 2023Германскиот канцелар Олаф Шолц заработува помалку од многу раководители на државни фирми и институции, покажува листата од Министерството за финансии, која е објавена по повеќе барања и преписки со Јан Корте, шеф на пратеничката група на Левица во Бундестагот.
Според таа листа, најмалку 21 член на управен одбор или на управата на фирми или институции во сопственост на германската држава, има поголема плата од Олаф Шолц, кој прима околу 360.000 евра годишно.
Најмногу заработува генералниот директор на Германска железница, Рихард Луц, околу 900.000 евра годишно, иако при составувањето на листата не се земени предвид годинешното зголемување на платата од десет проценти, како и дополнителните плаќања во вид на бонуси, а тоа се однесува и на другите плати.
Следен на листата со 863.000 евра е Штефан Хофшен, генерален директор на Државната печатница, која меѓу останатото е задолжена за изработка на пасоши, лични документи, поштенски марки, банкноти, како и уреди за нивна изработка.
Потоа следат останатите членови на одбори на Германска железница и членови на управата на развојната банка КфВ, кои годишно примаат меѓу 555.400 и 687.600 евра.
Заработувачките на генерални директорина различни истражувачки центри, Хелмхолц, Германската контрола на летање, Аутобан ГмбХ, операторот за наплата на патарини Тол колект и германската Сојузна финансиска агенција се делумно над платата на канцеларот или слични.
Повторени барања до министерот Линднер
Пратеникот Корте во преписката со Министерството за финансии конкретно му се обратил на министерот Кристијан Линднер од ФДП, кој неодамна изјави дека ниеден директор на јавен сервис во рамките на АРД не би требало да заработува повеќе од канцеларот и дека треба поштедливо да се трошат парите на оние кои плаќаат задолжителна радиодифузна такса. Тогаш политичарот од Левица му напишал на Линднер дека го поддржува неговото залагање со забелешка:
„Меѓутоа, за Вашето барање да се сфати во целост, би било важно да се знае кој во сојузните заводи, институции и фирми прима повисока плата од канцеларот. Мора да се биде поштедлив и со парите од даночните обврзници.“
Според пишувањето на Германската редакциска мрежа (РНД), Корте барањето го упатувал веќе два пати. По повеќе барања, Министерството конечно дало одговор во вид на листа со наведени плати на вкупно 151 член на одбори и менаџмент на разни фирми и институции на германската држава.
„Апсурдна ситуација“
„Во споредба со Управниот одбор на Германска железница АГ, канцеларот Олаф Шолц речиси како да работи волонтерски“, изјави Корте во реакција на листата.
„Како шеф на државната печатница, веројатно би имал помалку стрес, но и двојно повисока плата. Тоа е апсурдна ситуација. Мора да престане погрешната политика на приватизација на државната инфраструктура и институции“, вели Корте за РНД.
Државната железница, државната печатница, како и многу други фирми беа приватизирани, па потоа повторно купени – од страна на државата.
Платата на некои раководители – тајна
Според РНД, листата со плати не е целосна: во некои случаи Министерството за финансии го упатило Корте на Агенцијата на Бундестагот за заштита на доверливи податоци. Поради заштита на правото на лично и информативно самоопределување, платите на претседателот на Сојузната управа за финансиски надзор (БаФин) и двајца членови на одборот ФМС Менаџмент вредност, една банка за ликвидација на национализираната Хипо Риал Истејт, Корте како пратеник може да ги дознае, но не и да ги објави.
Корте тоа остро го критикува: ако Линднер, со право, бара транспарентност околу платите на јавните сервиси за информирање, тогаш тоа мора да го направи и со институциите во сопствената сфера на влијание, вели тој. Платите на челниците на сојузните институции да се сместат под заштита на агенцијата за тајност, „каде инаку се класифицирани информации опасни за државата, такво нешто требало да се смисли“, вели Корте.