Германија: АфД пред конзервативците на Мерц
17 април 2026
Делумно десноекстремистичката партија АфД за првпат стана најсилна политичка сила според „Политбарометарот“ на германската јавна телевизија ЗДФ. Во анкетата објавена во петокот, АфД доби поддршка од 26 проценти, со што за првпат ја надмина Унијата ЦДУ/ЦСУ, која се најде на второто место со 25 проценти.
Задоволството од работата на сојузниот канцелар Фридрих Мерц (ЦДУ) и неговата влада падна на рекордно ниско ниво. Дури 65 проценти од анкетираните оцениле дека канцеларот работи лошо, додека 63 проценти изразиле незадоволство од работата на владата како целина.
Пад на поддршката за СПД и критики кон владините функционери
Социјалдемократската партија на Германија (СПД) забележа нов негативен рекорд, паѓајќи на само 12 проценти во „Политбарометарот“ – еден процентен поен помалку во однос на анкетата од март. Зелените освоија 14 проценти (минус еден поен), додека Левицата се подобри за еден поен и достигна 11 проценти. Унијата ЦДУ/ЦСУ изгуби еден поен во споредба со претходниот месец, додека Алтернатива за Германија (АфД) остана стабилна. Со овие резултати, црно-црвената коалиција не би имала парламентарно мнозинство.
Вкупното задоволство од работата на сојузната влада, кое на крајот на март изнесуваше 34 проценти, сега падна на 27 проценти. Поддршката за работата на канцеларот Мерц се намали од 38 на 30 проценти. Значителни критики се упатени и кон сојузниот министер за финансии и вицеканцелар Ларс Клингбајл (СПД), чијашто работа 29 проценти ја оценуваат како добра, а 58 проценти како лоша, како и кон министерката за економија Катарина Рајхе (ЦДУ), која само за 19 проценти од анкетираните работи добро (лошо: 64 проценти).
Влошена соработка во коалицијата и рејтинг на политичарите
Анкетираните оценуваат дека соработката во рамки на коалицијата значително се влошила и е под нивото на очекувањата пред формирањето на владата пред една година. Во мај 2025 година, 51 процент верувале дека Унијата и СПД ќе соработуваат добро, додека сега само 18 проценти ја оценуваат коалициската соработка како добра. Наспроти тоа, 73 проценти ја сметаат за лоша – став што доминира кај симпатизерите на сите партии.
Во рангирањето на политичарите според симпатија и учинок, сојузниот министер за одбрана Борис Писториус (СПД) и натаму е на првото место со просечна оценка од 1,7 на скалата од плус 5 до минус 5. По него, со големо заостанување, следуваат новиот член на владата Џем Оздемир (Зелени) со 0,9 и министерот за надворешни работи Јохан Вадефул (ЦДУ) со 0,3.
Потоа следи негативната зона: Ларс Клингбајл (СПД) е оценет со минус 0,4, Бербел Бас (СПД) со минус 0,6, Хајди Рајхинек (Левица) со минус 0,8 и Маркус Зедер (ЦСУ) со минус 0,9. Канцеларот Мерц падна од петтото на осмото место, со својата досега најлоша оценка од минус 1,1.
Анкетата за „Политбарометарот“ ја спроведе Манхајмската истражувачка група „Wahlen“. Интервјуата се реализирани телефонски и онлајн, од 14 до 16 април 2026 година, на примерок од 1.355 случајно избрани избирачи. Статистичката грешка изнесува плус/минус три процентни поени кај удели од 40 проценти и плус/минус два поена кај удели од 10 проценти.