1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Масовни протести против партискиот конгрес на АфД

ЖА
29 јуни 2024

Илјадници луѓе демонстрираат во Есен против партискиот конгрес на АфД. Некои од нив со блокади и попречувачки акции се обидоа да го спречат доаѓањето на делегатите. Полицијата ги пријави првите апсења

Илјадници луѓе протестираат против конгресот на АфД во Есен
Илјадници луѓе протестираат против конгресот на АфД во ЕсенФотографија: Henning Kaiser/dpa/picture alliance

Во Есен денеска почна сојузната партиска конференција на АфД. На почетокот, копартискиот лидер Алис Вајдел во говорот пред околу 600 делегати упати силна критика кон владината коалиција, која води „политика против сопственото население“. Резултатот е „де-индустријализација на Германија“ и „миграциска криза“. Таа побара сојузната влада да поднесе оставка и да го расчисти патот за нови избори.  Доколку АфД владее во Германија, на првиот ден ќе го укине законот за државјанство кој штотуку стапи на сила - како и законот за самоопределување, со кој транс луѓето во иднина ќе можат полесно да го менуваат нивниот пол и име во матичната служба. Во поглед на  последните европски избори, Вајдел зборуваше за турбулентна изборна кампања во која сепак е  постигнат одличен резултат. Во Европскиот парламент АфД првенствено сака да ги застапува интересите на Германија.

Копартискиот лидер Алис Вајдел во говорот пред околу 600 делегати упати силна критика кон владината коалицијаФотографија: Revierfoto/dpa/picture alliance

Пред почетокот на сојузната партиска конференција, активисти се обидоа да го спречат пристигнувањето на делегатите. Во околината на салата каде се одржува конгресот, Гругахале, демонстрантите ги окупираа улиците и раскрсниците, соопшти полицијата.

Неколку сојузни пратеници на АфД известија дека полицијата ги презела од хотелот и ги однела на местото на одржување на партискиот конгрес. Некои поединечно биле доведени до салата под силна полициска заштита, под заканувања од демонстрантите. Останатите делегати стигнале до Гругахале сосема непречено.

„Некои од демонстрантите беа маскирани"

Според полицијата, дошло до неколку насилни акции од страна на противниците на АфД, кои делумно биле маскирани и ги нападнале полицајците, се вели во соопштението. Полицијата јави за неколку апсења и апелираше до демонстрантите „да се воздржат од насилни акции".

Според полицијата, дошло до неколку насилни акции од страна на противниците на АфДФотографија: Henning Kaiser/dpa/picture alliance

Уште рано утрото се случил првиот судир на противниците на АфД со полицијата, кога поголема група лица се обидела да ја пробие поставената бариера. Според сопствените изјави, полицијата го спречила тоа со употреба на бибер спреј и палки. Биле побарани неколку амбулантни возила. Но, репортер на ВДР јави дека и политичар на АфД пробил полициска бариера, по што пришол на една демонстрантка и ја плукнал.

Се очекуваат до 100.000 демонстранти

Полицијата е присутна со неколку илјади службеници и водени топови околу салата каде се одржува  собирот на АфД,  Гругахале е опколена во голем радиус.

Илјадници луѓе на контра-демонстрациите против АфД и манифестации на викендов во ЕсенФотографија: Henning Kaiser/dpa/picture alliance

На контра-демонстрациите и манифестации на викендов се очекуваат до 100.000 луѓе од цела Германија и од странство, вклучително и околу 1.000 левичарски екстремисти. Првиот мирен протест се одржа во петокот вечерта под мотото „Бас против омраза“, а на него учествувале околу 5.000 луѓе. Многумина носеле транспаренти со пораки како „Нацистите надвор“ или „За омразата нема место во Есен“.

Економските експерти предупредуваат против стремежите на АфД

Критиката против АфД не е гласна само на улиците: во весникот „Ханделсблат“, економистите предупредија на намерите на влијателните политичари на АфД  да се дистанцираат од ЕУ и САД и да се ориентираат повеќе кон Русија и Кина. Таквиот курс „веројатно ќе придонесе за значителна политичка и економска несигурност и исто така е поврзан со големи долгорочни ризици“, изјави за весникот Оливер Холтемолер, потпретседател на Институтот за економски истражувања Лајбниц во Хале. Претседателот на Германскиот институт за економски истражувања, Марсел Фрачер, истакна дека фокусирањето повеќе кон Русија и Кина ќе биде „најголемата грешка“ што Германија може да ја направи на политички и економски план. „Ова дополнително ќе ја зголеми зависноста на Германија од Кина, ќе ги зајакне автократските режими и ќе ја ослабне демократијата во Европа. Тврдењето дека Германија добива суверенитет со слабеење на Европа и префрлање на важните надлежности на национално ниво е 'наивно и суштински погрешно'".

За директорот на Германскиот економски институт, Михаел Хитер, предлозите на АфД се „економски погрешни на овој или оној начин“. И покрај различноста на нејзините членки, ЕУ е „гнездо на стабилност, демократија и мир. Тоа се важни услови за економски успех“, рече тој за „Ханделсблат“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми