1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Можни сценарија во случај на распад на германската влада

АРД
2 ноември 2024

Економијата е ослабена, а партиите во владата се караат околу излез од кризата. Можен е предвремен крај на коалицијата составена од СПД, ФДП и Зелените. Што би можело да следи? Преглед на можни сценарија.

Олаф Шолц, Роберт Хабек и Кристијан Линднер
Олаф Шолц, Роберт Хабек и Кристијан ЛинднерФотографија: dts-Agentur/picture alliance

Владејачката коалиција во Германија составена од СПД, ФДП и Зелените е во криза. Сите три партии во коалицијата предлагаат различни мерки за зајакнување на германската економија - независно една од друга и  без меѓусебен договор.

Иако до следните редовни избори за Бундестагот остануваат само единаесет месеци (28 септември 2025 година), канцеларот Олаф Шолц, министерот за економија Роберт Хабек,  министерот за финансии Кристијан Линднер,  како и лидерот на опозицијата и шеф на ЦДУ Фридрих Мерц , веќе практично се во предизборна кампања.

Се поставува прашањето: Што ќе се случи ако некои од коалиционите партнери повеќе не учествуваат во владата. Што  ако владата е во ќорсокак  и повеќе не може да постигне компромис? Постојат четири можни сценарија:

Нова влада под водство на Шолц

Ако некој од досегашните коалициски партнери си замине од владата, тоа автоматски не значи и нови избори. Пратеничкиот мандат трае четири години, а канцеларот би можел да бара ново мнозинство - актуелните министри би биле разрешени од функцијата, би се формирала нова влада: на пример, во соработка со една од  опозициските партии.

Германскиот канцелар Олаф Шолц и лидерот на опозициската ЦДУ, Фридрих Мерц во БундестаготФотографија: Florian Gaertner/photothek/picture alliance

Меѓутоа, во актуелниот Бундестаг ова сценарио изгледа малку веројатно. Според анкетите, Унијата (ЦДУ/ЦСУ) е далеку пред партијата СПД на канцеларот. Од перспектива на Унијата, нови избори би биле многу подобри од учество во голема коалиција под канцелар од СПД.

Формирање на малцинска влада

Канцеларот може да одлучи да продолжи само со преостанатите членови на владата, но тогаш тој повеќе нема да има мнозинство во парламентот. Тоа би било незгодно, но остварливо.

Парламентот на покраината Тирингија го помина последниот мандат во малцинска влада под водство на премиерот Бода Рамелов.

Во овој случај, владата ќе треба да обезбеди мнозинство за секој закон, потпирајќи се на поддршката од опозицијата.

Нов канцелар во постоечкиот Бундестаг

Во ова сценарио се користи собраниски инструмент - конструктивно гласање недоверба. Некои пратеници би можеле да гласаат за недоверба на актуелниот канцелар и да предложат противкандидат - личност за која веруваат дека подобро би ја извршувала таа функција.

За новиот кандидат би се гласало, а за изборот би било потребно апсолутно мнозинство. Според сегашниот распоред на мандати, тоа би било тешко да се постигне без  гласовите на АфД.  Досега сите останати партии ја исклучуваа соработката со оваа партија.

Предвремени избори

Предвремени избори во Германија може да распише само претседателот и тоа само доколку парламентот изгласа недоверба на канцеларот. Клучниот збор овде е прашањето на довербата. Затоа, канцеларот би морал да побара гласање за доверба.

Ако добие мнозинство, владата продолжува да работи. Доколку не го добие, може да му предложи на претседателот да распише нови избори во рок од 21 ден, кои би требало да се одржат во следните 60 дена. Дотогаш старата влада останува на власт.

Автор: Николаус Штаудер, АРД

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми