1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија не треба да одврзе ќесе за цела ЕУ

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт
6 октомври 2022

Големиот пакет помош за граѓаните и стопанството во Германија предизвика лакомост кај европските партнери. Многумина сакаат ЕУ повторно заеднички да се задолжи, но Берлин не смее да го прифати тоа, смета Бернд Ригерт.

Заедничкото европско задолжување не е лек за сите болестиФотографија: Andrei Barmashov/PantherMedia/image images

Долго време поединечните земји членки на ЕУ си беа одговорни за задолжувањето и враќањето позајмици, а потоа дојде корона пандемијата. Германија, односно поранешната канцеларка Ангела Меркел тогаш направи пресврт во финансиската политика на Унијата. Дотогаш Берлин одбиваше заедничко европско задолжување, но големата криза доведе до промени на овој став. 

Фондот за справување со економските последици од пандемијата е тежок 750 милијарди евра неповратни средства или поволни кредити. Сè уште никој не може да гарантира дали овие пари ќе го дадат посакуваниот ефект и дали ЕУ некогаш ќе ги врати долговите, како што ветија Меркел и останатите.

Ветувањето гласеше дека заедничките долгови, за кои главно гарантираат побогатите земји членки на Унијата, ќе останат исклучок. Но, се повеќе земји членки како и двајца еврокомесари на состанокот на европските министри за финансии во Луксембург бараат „европска солидарност“ и во актуелната енергетска криза. Со други зборови повторно сакаат заедничко задолжување.

Паника поради енергетската криза

Постои паника дека енергетската криза која ја предизвика Русија би можела да значи колапс на европската индустрија.

Многу задолжените држави знаат дека немаат фискален простор за маневар за да ги заштитат компаниите и граѓаните – со други зборови, гласачите, од галопирачките цени. Наместо да штедат, или да бараат нови извори на енергија или барем да го подготват народот на тешки времиња, тие некако со леснотија се вртат за помош кон ЕУ, односно кон финансиски помоќни држави. Пред се кон Германија.

Додуша повод за тоа им даде германскиот министер за финансии Кристијан Линднер кој минатата седмица заедно со канцеларот Олаф Шолц најави огромен пакет помош за справување со високите цени на енергенсите тежок 200 милијарди евра. Германија ќе се задолжи за толку.

Бернд Ригерт, автор на коментарот

Либералот Линдер се согласи на тоа и покрај досегашните ветувања дека додека е на функцијата нема да има нови задолжувања. Овој голем пакет со кој ќе се субвенционира цената на енергенсите во Германија предизвика лакомост кај дел од европските соседи. Некои веќе велат дека Германија би можела да даде „спасувачки пакет“ за цела ЕУ. Но, тоа би било погрешно. Енергетската криза не може да се спореди со корона-пандемијата бидејќи е подлабока, поскапа и ќе трае подолго.

Короната и локдаунот доведоа до краткорочен прекин на побарувачката и прекин на синџирите на испорака, но сето тоа поминува. А недостатокот на енергенси е екстремно скап, а ќе трае дури и кога Владимир Путин, се надеваме, ќе ја загуби војната во Украина.

Загрозени благосостојбата и животниот стандард

За разлика од короната, сега ниту една држава на ЕУ нема да може да ги заштити граѓаните од драстичните последици на рецесијата која ја предизвика Путин. Таа ќе се одрази врз благосостојбата и животниот стандард на сите. Министрите за финансии на ЕУ меѓусебно си ветија дека ќе договорат мерки и нема да ги субвенционираат сопствените економии на начин што ќе ја нарушат конкуренцијата. Но, тоа се празни зборови. Во оваа криза на крајот секој мора сам да се справува.

Со ова на ум, непримерно е тоа што европски, односно германски пари бара токму идната десничарска премиерка на Италија, Џорџија Мелонии автократот Виктор Орбан. Италија одамна подготви сопствени пакети помош и дури доби 200 милијарди евра од корона-фондот. Унгарија се уште набавува евтин гас и нафта од Русија и ги поткопува санкциите. Ортакот на Путин, Орбан не заслужил да добие ниту еден цент во оваа криза.

Економската криза во наредните месеци ќе се заостри доколку продолжи лудата војна на Русија во Украина. Ќе се зголеми и притисокот врз германскиот министер за финансии да се согласи на ново европско задолжување со непознати последици.

Пред се, на европските влади би им било попаметно заеднички да настапуваат при купување на енергенси, а не меѓусебно да се наддаваат на полудениот слободен пазар. Би требало и заедно да се погрижат за тоа европските компании да не прават екстра-профит од кризата и тие пари да ги распределат. Тоа би била европска солидарност на дело.

Но наместо тоа, полесно им е да ја повикаат Германија да го одврзе ќесето и за другите, што пак сега нема да помогне.

 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми