1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Никој не ги контролира цените на парното

Дојче веле
17 октомври 2022

Во Германија, добавувачите на централно греење сами си ги одредуваат цените и не се контролирани од никого. Организациите за заштита на потрошувачите сметаат дека топланите имаат преголема слобода за формирање на цените.

парно
Организациите за заштита на потрошувачите сметаат дека топланите имаат преголема слобода за формирање на цените.Фотографија: Michael Bihlmayer/CHROMORANGE/picture alliance

Додека цела година нон-стоп се зборува за цената на гасот, за сметките за греење и огромната помош од државата - меѓу другото и поради општата скапотија во пресрет на зимата - централното затоплување за кое исто така се користи гас, целосно е надвор од контрола. 

Според германското здружение за енергетска индустрија БДЕВ - 67 проценти од централното греење се произведува од фосилни горива: топланите работат на гас (47 проценти) и јаглен (20 проценти), а само 17 проценти доаѓаат од обновливи извори на енергија. Притоа, околу 14 отсто од домаќинствата во Германија се греат преку парно греење, односно преку топлана.

Приватните домаќинства во Германија се загреваат; 49,5 отсто на гас, 24,8 отсто на мазут, 14,1 отсто на парно греење – а од тоа 47 отсто на гас.

Секој има своја формула

Според организациите за заштита на потрошувачите во Германија, топланите имаат преголема слобода кога станува збор за формирање на цените. Топланите ги пресметуваат своите цени користејќи математички формули. Има основна цена независна од потрошувачката и работна цена, зависна од потрошувачката - а дали, колку и што е вклучено во цената - секој си одредува сам. Нема законски рамки како треба да се формира цената на парното.

Практиката е често ваква: снабдувачот Есва во Визбаден, на пример, вклучува 70 проценти од гасот во оперативната цена - иако повеќе од 60 проценти од греењето доаѓа од електрана што работи на отпадно дрво.

Во Поинг во близина на Минхен, корисниците се бесни на Баернверк бидејќи не го зема предвид високиот геотермален удел од 80 проценти во цената на централното греење - што компанијата го негира. Во Германија има многу такви примери.

Комунална геотермална централа во близина на МинхенФотографија: FrankHoermann/SvenSimon/picture alliance

Регионални и комунални монополисти

Вернер Дорс е специјалист за енергетско право и баран експерт за централно греење и вели дека пазарот на централно греење во Германија главно се состои од регионални или општински монополисти.

Проблемот од негова гледна точка е ова: ниту Федералната канцеларија за картели, ниту Федералната агенција за мрежа не се одговорни за централното греење.

„Во законот за енергетика зборот топлина воопшто не се појавува. Тоа значи дека овде имаме важен пазар кој во иднина ќе стане уште поважен и не подлежи на никаква контрола или надзор“, вели Дорс.

Тој објаснува дека многу од овие компании сè уште живеат „во минатото“, а дека бројот на иновативни добавувачи е мал: „А тоа не е добро за централното греење, што всушност е добар производ“.

Речиси секоја петта топлана не ги објавува своите цени на интернет

Текстот во германската уредба за централно греење од 2021 година е недвосмислен: комуналните претпријатија мора да ги објават „сите прописи за цените, клаузули за прилагодување на цените и компоненти на цените“ на достапен начин на Интернет.

Звучи сосема логично, бидејќи секој купувач на гас и електрична енергија може брзо да ги дознае моменталните цени на овие извори на енергија со еден клик на глувчето. Добавувачите на парно не само што треба да ги информираат своите клиенти за цената, туку и за загубите во мрежата, односно колкав процент од топлината се губи на патот од производството до зградата што се загрева. Во 63 отсто од случаите, според случаен примерок, немало информации за загуби во мрежата.

Немаме луѓе, немаме веб-страница

Сепак, индустријата за централно греење во Германија се чини дека сè уште заостанува зад овие барања. Ова го покажува обемниот примерок на Федералната асоцијација на организации на потрошувачи (vzbv), кој е достапен за јавниот сервис Хесише рундфунк ХР. 

Поставување на нови цевки за централно греење во ДортмундФотографија: Frauke Schumann

Во јуни, експертите за енергетика ги прегледаа веб-страниците на 330 добавувачи на централно греење кои заедно управуваат со 799 мрежи за греење во Германија. Резултатот е : 18 проценти од компаниите воопшто не објавуваат цени на интернет. А за 34 проценти, податоците за цената се неточни или нецелосни.

Здружението на индустријата АГФВ го оправдува недостатокот на информации за цените со фактот дека во поединечни случаи им недостигаат „човечки ресурси“ Здружението исто така забележува дека не сите провајдери имаат „своја веб-страница“.

Доаѓаат промени

Затоа експертите и застапниците на потрошувачите сега бараат законски измени - и тие очигледно имаат поддршка од провинциските влади.

На пример, ХР имаше увид во проширената изјава што работната група од Конференцијата на покраинските министри за градежништво ја испрати до Федералното министерство за економија во август. Повид е планираната измена на Правилникот за парно греење.

Меѓу другото, документот повикува на „ексклузивна употреба на слободно достапни и официјално признати ценовни индекси“ со цел да се пресметуваат цените на централното греење во иднина. Дополнително, во цените треба да се вклучат само оние извори на енергија „кои реално се користат за производство на парно греење“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми