1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалГерманија

Германија: „Обединетите патриоти“ пред суд

Петер Хиле
17 мај 2023

Обвинети се дека планирале пуч и киднапирање на германскиот министер за здравство. Денеска во Кобленц започнува судењето на петмина осомничени членови на терористичка група, блиска до движењето „Граѓани на Рајхот“.

Групата „Обединети патриоти“ е дел од сцената на таканаречените „Граѓани на Рајхот“
Групата „Обединети патриоти“ е дел од сцената на таканаречените „Граѓани на Рајхот“Фотографија: picture-alliance/Bildagentur-online/Ohde

Денеска (17 мај) пред Вишиот покраински суд во Кобленц започнува судскиот процес против петмина осомничени членови на групата „Обединети патриоти“.

За што се товарат обвинети?

Се вели дека четворицата мажи и 75-годишната осомничена лидерка на групата планирале соборување на германската влада. Според Сојузното обвинителство, тие ги здружиле силите најдоцна до средината на јануари 2022 година. Се нарекле „Обединети патриоти“. Тие се обвинети за основање или за членство во терористичка организација.

Со прекин на снабдувањето со електрична енергија и киднапирање на министерот за здравство Карл Лаутербах, тие сакале да предизвикаат услови слични на граѓанска војна. Нивна цел било ставање крај на парламентарната демократија во Германија. По планираното преземање на власта, обвинетите сакале самите да ги преземат владините функции. Затоа, Сојузното обвинителство ги обвинува дека „подготвиле чин на велепредавство против сојузната влада“.

Зградата на Вишиот покраински суд во Кобленц, каде ќе се одвива судскиот процес против групата „Обединети патриоти“Фотографија: Thomas Frey/picture alliance/dpa

Колку конкретни биле плановите на групата?

Иследниците зборуваат за „конкретни подготовки“ на групата, која главно разменувала информации во група за разговор на интернет сервисот Телеграм и се среќавала неколкупати на различни места. Обвинетата жена се залагала за брзо спроведување на проектот. Таа постојано повикувала на конкретни датуми за тоа.

Еден од обвинетите извидувал цели за напади со кои би било прекинато снабдувањето со електрична енергија. Друг го планирал киднапирањето на министерот за здравство, „веројатно убивајќи ги неговите телохранители“. За таа цел групата набавила калашникови и пиштоли, како и муниција. Сакале да увезат и тони експлозив од поранешна Југославија.

Дали обвинетите припаѓалe на сцената на „Граѓани на Рајхот“?

Да. Идеолошка лидерка на групата е 75-годишната поранешна свештеничка и учителка која живеела во покраината Саксонија. На интернет блоговите на сцената се наоѓаат текстови на жената. Тие се напишани во типичен стил на сцената на „Граѓаните на Рајхот“, која има околу 23.000 следбеници: конфузни теории дека германскиот Рајх продолжува да постои, односно германската држава под водство на цар, како што постоела до 1918 година. Според тоа, сите денешни државни органи работат незаконски. Таа ги напишала овие и други идеи, некои од нив екстремно десничарски, во алтернација на слободно асоцијативна мисловна поезија и јазик што се обидува да звучи правнички.

Демонстрации на припадници на „Граѓани на Рајхот“ во Берлин во 2020 годинаФотографија: Marc Vorwerk/SULUPRESS/picture alliance

На блоговите на „Граѓаните на Рајхот“ има и отворени писма за кои се вели дека ги напишала жената - на пример до Владимир Путин, Доналд Трамп или до „сојузниците“. Во нив таа изразува некои антисемитски мисли, потпишани со „Вилхелм-Император-Рекс-Потомци“. Така, таа се гледа себеси како потомок на последниот германски цар.

Сојузното обвинителство е убедено дека жената и нејзините соучесници биле повеќе од налудничави измамници. Од тезата дека германскиот Рајх продолжува да постои врз основа на уставот од 1871 година, тие конечно заклучиле дека демократскиот поредок на Сојузна Република Германија нема важност. Наместо тоа, морало повторно да се воведе авторитарен систем на владеење заснован на моделот на Германскиот Рајх.

Зошто групата го имала „на нишан“ министерот за здравство?

Во сцената на таканаречените „Кверденкери“ и „Граѓаните на Рајхот“, Карл Лаутербах долго време се сметаше за непријател. Дури и пред неговото назначување за сојузен министер за здравство во декември 2021 година, политичарот и професор по медицина имаше бројни настапи во медиумите како експерт за коронавирусот. Во него тој се залагаше за строги мерки, како на пример ограничувања на контактите за да се спречи ширењето на вирусот. Овој курс го продолжи и како министер.

Требало да биде киднапиран: германскиот министер за здравство Карл ЛаутербахФотографија: Tobias Schwarz/AFP/Getty Images

Така Лаутербах ја навлече врз себе омразата на екстремистичките кругови кои ги отфрлаа владините мерки за борба против пандемијата во Германија. Денес, Лаутербах е под лична заштита деноноќно.

Како беше фатена групата?

Се вели дека таен иследник имал централна улога во апсењето на обвинетите. Тој со месеци бил ангажиран во блиските кругови на обвинетите. Четворицата обвинети мажи се уапсени на 13 април 2022 година, а обвинетата жена на 13 октомври истата година. Оттогаш тие се во притвор. Доколку судот дојде до заклучок дека обвиненијата против нив се точни, може да се соочат со повеќегодишна затворска казна.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми