1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Можни гранични контроли поради ЕУРО 2024

ЖА /АРД
7 јуни 2024

За да се овозможи ЕП во фудбал да биде мирна манифестација, можни се гранични контроли со цел да се намали насилството. Засегнати се и граничните премини каде сојузната полиција до сега не вршеше контроли.

Премин Валсерберг: Гранични контроли на германско-австриската граница
Премин Валсерберг: Граничните контроли на германско-австриската копнена граница се во сила од есента 2015 годинаФотографија: Revierfoto/dpa/picture alliance

Од денеска поради Европското фудбалско првенство можни се проверки на германските граници. Сојузната полиција, во зависност од ситуацијата, по случаен избор ќе ги проверува патниците кои влегуваат во земјата, соопшти  сојузното МВР. На овој начин треба да се открие и навремено да се спречи влезот на насилни навивачи. Се бара сите патници да носат валидни патни исправи.

Контроли ќе се вршат и на границите со Данска, Франција и земјите од Бенелукс. Патниците од Шенген зоната може да бидат контролирани и во воздушниот сообраќај, како и во германските пристаништа.

Сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер нареди преземање на овој чекор. „Нашиот фокус вклучува закани од исламистички тероризам, преку хулигани, сè до сајбер напади“, нагласи таа. Таа неодамна изјави дека безбедносната ситуација е „напната“, но дека нема конкретни индиции за планирани напади.

И покрај радоста за Европското фудбалско првенство во нашата земја, безбедноста има најголем приоритет, истакна германската министерка. Турнирот на најдобрите европски репрезентации започнува на 14 јуни со натпреварот меѓу Германија и Шкотска во Минхен.  Привремени контроли  на сите германски  внатрешни шенгенски граници  се најавени на ниво на Европската унија до 19 јули, односно неколку дена по финалниот натпревар што ќе се одигра на 14 јули на Олимпискиот стадион во Берлин.

Постојните гранични контроли со Полска, Чешка и Швајцарија неодамна беа продолжени за половина година и ќе траат до средината на декември. Министерката Фезер првпат ги нареди во октомври 2023 година и оттогаш неколкупати ги продолжи. Целта е борба против криминалот поврзан со шверцот и ограничување на нерегуларната миграција. Граничните контроли на  германско-австриската копнена граница  се во сила од есента 2015 година.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми