Германија ослободува дел од нафтените резерви
11 март 2026
Германија ослободува дел од своите национални резерви на нафта како одговор на значителното зголемување на цените на нафтата и горивата предизвикано од војната со Иран. За ослободување на резервите разговараа државите од Г7. Тие се надеваат дека овој потег ќе ги смири пазарите и ќе го ублажи брзиот пораст на цените на нафтата предизвикан од војната.
Ослободувањето на резервите на нафта го координира Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), која вчера одржа вонреден состанок. ИЕА сега им го препорачува овој чекор на своите земји-членки, изјави германската министерка за економија Катерина Рајхе.
Се очекува од резервите да бидат ослободени до 400 милиони барели сурова нафта. Според агенцијата Ројтерс, и Јапонија и Австрија ја објавија својата намера да ја следат препораката. 400 милиони барели приближно би одговарале на количеството кое што пред војната е транспортирано преку Ормускиот Теснец за 20 дена. Според весникот „Ханделсблат“, 19,5 милиони барели од ова количество би дошле од германските резерви. Тоа би претставувало околу една петтина од вкупните резерви на Германија.
Германски нафтени резерви за три месеци
Во Германија, од избувнувањето на војната со Иран, цените на горивата значително се зголемија. Политичарите водат дебата за можни контрамерки и олеснување за потрошувачите.
Германија има стратегиски нафтени резерви за најмалку 90 дена со што може да ги надмине евентуалните нарушувања во снабдувањето. Со овие таканаречени стратегиски резерви, според германското Министерство за економија, може да се компензира целосен прекин на целиот увоз во период од три месеци. За нив е одговорен Сојузот за складирање на нафта (ЕБВ), кој складира сурова нафта и нафтени производи (бензин, дизел, керозин).
Резервите на нафтени производи се распределени низ цела Германија, додека суровата нафта претежно се чува во подземни складишта во северна Германија, од каде што преку цевководи или со бродови може да се транспортира до рафинериите за преработка.
Германија и порано ослободувала резерви
Државите ги ослободуваат своите стратегиски нафтени резерви во кризни ситуации за да го стабилизираат пазарот на нафта или да реагираат на недостиг на снабдување. Оваа мерка се користи ретко. Според ИЕА, од нејзиното основање пред повеќе од 50 години тоа се случило пет пати на координиран начин. И Германија во минатото учествувала во такви мерки.
Поводи за претходните ослободувања на резерви биле Заливската војна 1990/91, штетите предизвикани од ураганите „Катрина“ и „Рита“ во САД во 2005 година, како и прекинот на либискиот извоз на нафта во 2011 година. Последен пат, во 2022 година, националните нафтени резерви беа ослободени поради војната во Украина.