1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГерманија

Германија: Политичка поддршка на воените напади врз Хутите

ЖА
12 јануари 2024

Германија сигнализира поддршка за нападите на повеќе западни држави врз Хутите во Јемен. Според НАТО, во прашање е дефанзивен удар.

Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок
Германската министерка за надворешни работи, Аналена БербокФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

За германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, нападите на неколку западни држави врз позиции на Хутите во Јемен се во согласност со Повелбата на ОН. „Воениот напад е во склад со индивидуалното и колективното право на самоодбрана содржано во Повелбата на ОН“, изјави Бербок за време на турнејата низ Азија, искажувајќи германска политичка поддршка за акцијата во која САД и неколку партнерски држави извршија целни ограничени напади како реакција на нападите врз бродовите во Црвеното Море од страна на Хутите.

Ноќта кон петок, САД и Велика Британија со поддршка на Холандија, Канада и Бахреин  бомбардираа позиции на Хутите во Јемен. Од избивањето на војната меѓу Израел и исламистичкиот Хамас, Хутите, поддржувани од Иран, постојано атакуваат бродови со наводна поврзаност со Израел во Црвеното Море.

Бербок критикуваше што  акциите на Хутите  ја загрозуваат безбедноста на цивилната меѓународна пловидба, нормалното одвивање на светската трговија и безмилосно загрозуваат човечки животи. „На тој начин тие придонесуваат за дестабилизација на и онака веќе тензичната регионална ситуација“, истакна германската министерка, повикувајќи „Хутите итно да запрат со своите напади."

Бербок се изјасни и околу прашањето околу  германско учество за обезбедување на поморската пловидба во Црвено Море  и моментот на носење одлука во врска со тоа: Европската унија во моментов со полна пареа врши проверка „како самата да ја зајакне стабилизацијата во Црвеното Море. Одлуката треба да биде донесена заеднички во европски рамки.“

За НАТО, нападите се дефанзивни, Хамас се заканува

НАТО смета дека нападите врз Хутите се дефанзивни и служат само за „обезбедување на слободата на бродскиот сообраќај во една од најважните поморски рути во светот“. Портпарол на Алијансата го повика Иран да преземе одговорност и „да ги заузда своите штитеници“.

Додека Западот искажува поддршка за операцијата, нападите наидоа на остра критика кај  сојузниците на Хутите, меѓу останатите и кај Хамас. Воените напади врз Хутите ќе имаат „последици врз регионалната сигурност, а одговорноста за тоа ја сносат напаѓачите", порача терористичката организација.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми