1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потенцијалот на квалификуваните мигранти е неискористен

Сузане Ајкенфондер
2 јули 2026

Многу сектори во Германија се потпираат на доселениците. Студија на фондацијата „Бертелсман“ покажува дека преку подобра интеграција може уште повеќе да се искористи нивната стручност.

Симболична фотографија | Чистачка која чисти стакла на централната станица во Есен
Речиси половина од сите вработени вои секторот за чистење имаат странско државјанство (март 2026 година)Фотографија: Malte Ossowski/SvenSimon/picture alliance

„Подобра интеграција на доселениците на пазарот на трудот не само што го намалува недостигот од квалификувана работна сила, туку ги зголемува и даночните приходи и го стабилизира системот на социјално осигурување“, нагласува Фондацијата Бертелсман од Гитерсло. Според студија на фондацијата, германскиот пазар на трудот се соочува со големи предизвици, пред сѐ поради сѐ поголемото стареење на населението.

Така, бројот на вработени кои плаќаат придонеси за социјално осигурување во март бил за 0,2 проценти помал во споредба со претходната година, иако бројот на странски вработени значително пораснал - за 3,4 проценти. Севкупно гледано, „во рок од една година недостигале 75.000 работници“, истакнува фондацијата.

Во исто време, многу гранки во Германија веќе сега зависат од имиграцијата: според податоците, речиси половина од вработените во дејностите за чистење имаат странско државјанство (47,5 проценти), додека во производството на храна тој удел изнесува речиси 44 проценти. Во туристичката и угостителската индустрија уделот е 36 проценти, наведува Фондацијата Бертелсман. И во секторот за нега, кој и онака се соочува со сериозен недостиг од кадар, повеќе од секој петти вработен доаѓа од странство.

Многу работа, мала плата

01:40

This browser does not support the video element.

Во наредните години оваа појава дополнително ќе се засили поради демографските промени. Секој четврти германски работник има повеќе од 55 години и ќе се пензионира во следните десет години, наведува Бертелсман. Странските работници во Германија, пак, се значително помлади; кај нив уделот на постарите е само нешто повеќе од 12 проценти.

Повеќе од еден милион слободни работни места во Германија

„Бројките покажуваат: без значителна имиграција многу гранки ќе западнат во тешкотии“, објаснува експертот за пазарот на труд на фондацијата, Тобијас Ортман. „Дури и ако на некои места се намалува бројот на работни места, во Германија и понатаму има повеќе од еден милион слободни работни позиции“, додава тој. „Кој сака да го зачува просперитетот на нашето општество, мора да ја подобри интеграцијата на доселениците“, предупредува Ортман. Според него, „крајно време е дебатата за имиграцијата да стане пообјективна“ и да се поттикнат реформи.

Според студијата, постои голем неискористен потенцијал кај жените доселенички, кои многу поретко работат на работни места што подлежат на социјално осигурување отколку жените со германско државјанство. Дополнително, странските работници често се вработуваат под нивото на своите квалификации.

Нема мајстори: Во Германија за поправки се чека со недели

01:52

This browser does not support the video element.

Така, кај германските работници нешто повеќе од 12 проценти работат како помошни работници. Кај странските работници, пак, тој удел изнесува речиси 36 проценти – а дури и меѓу оние со завршено високо образование, 12,5 проценти од странските работници работат на тоа ниво.

Добро познавање на германскиот јазик и признавање на странските дипломи

Според студијата, една од најважните алатки е поддршката за учење на јазикот: доброто познавање на германскиот јазик ги зголемува шансите за вработување, особено кај жените, објаснува фондацијата. Затоа треба да се овозможи сигурно финансирана јазична поддршка, поврзана со квалификување и згрижување на деца, вклучително и паралелно со работниот однос.

Подеднакво важно е признавањето на дипломите и работното искуство. Многу доселеници носат со себе квалификации, но не можат да ги користат во Германија.

Според студијата, долгите постапки за азил и неизвесните перспективи за останување во земјата исто така го одложуваат вработувањето и „ги обесхрабруваат компаниите“. Дополнително, постојат и „проблеми во координацијата меѓу службите за странци и службите за вработување“.

Затоа е потребна „единствена контакт-точка“ за странските работници, објаснува експертот за пазарот на труд на Бертелсман, Роман Винк. Прашањата како јазикот, административните постапки и грижата за децата треба „да функционираат како непрекинат синџир на интеграција“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми