1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Повеќе работа не значи секогаш и повеќе пари

АРД
25 март 2024

Откако актуелната влада го подигна нивото на социјална помош, се водат дебати дали воопшто се исплаќа да се работи. Во некои случаи одговорот навистина гласи: не.

Повеќе работа не значи секогаш и повеќе пари
Повеќе работа не значи секогаш и повеќе париФотографија: Micha Korb/picture alliance/dpa

Кога во Германија се расправаше за т.н. граѓански надоместок, како што од почетокот на годината се вика помошта за невработените, секогаш се поставува прашањето – дали воопшто уште се ислаќа да се работи или не. Досега со оваа тема главно се занимаваа популистите кои актуелната влада ја обвинуваа дека помошта за невработените ја подигна на недозволено ниво.

Сега и економистите во една студија заклучија дека навистина постојат ситуации во кои социјалниот надоместок ја прави работата непривлечна. Опозициската Христијанско демократска унија (ЦДУ), на пример, најави дека ако победи на изборите, ќе го модифицира системот за граѓанскиот додаток, посебно со заострување на санкциите против оние кои одбиваат да прифатат работа. Но, постои и дебата која е уште подлабока и не се однесува само на граѓанскиот додаток. Станува збор за тоа какви последици има комбинацијата на различни социјални додатоци кои различно се намалуваат ако на оние кои овие надоместоци ги примаат им пораснат примањата.

Правилата се лошо усогласени

Одговор на ова прашање дава студијата направена под водство на институтот Ифо од Минхен, во која соработувал и берлинскиот економист Рони Шеб. Резултатот на студијата не е многу поинаков од многу други студии претходно: оној кој работи, има повеќе отколку оној кој не работи. Но, постојат ситуации во кои повеќе работа не носи по секоја цена и подобри примања. „Повеќе работа не се исплаќа нужно во однос на помалку работа“, вели Шеб.

Тоа може да се види на пример кај посебни категории на вработени,  кои поради  висината на приходите  и основните животни околности сепак примаат граѓански надоместок или додаток за домување, а како родители евентуално и детски додаток. Обично станува збор за луѓе кои работат слабо платени работи и не работат со полно работно време.

„Надоместоците не само што се доделуваат од страна на различни служби, туку и според правила кои се лошо усогласени“, вели Шеб. Последица на ваквата состојба е да се случи повисокиот приход да биде целосно „изеден“ од губитокот на државна помош. Економистите во овој случај зборуваат за „стапка на повлекување на трансфер“ од 100 проценти.

Основен проблем се високите одбитоци

Тој феномен се забележува кај одредени семејни ситуации и во градови со високи станарини, како што покажува студијата спроведена по налог на Министерството за труд и социјална политика, на чие чело е Хубертус Хајл од СПД.

Министерот за труд и социјална политика, Хубертус Хајл од СПДФотографија: Jens Krick/Flashpic/picture alliance

Но, основниот проблем на високи одбитоци постои насекаде. Со погубни последици, нагласува Шеб: „Зошто некој би работел повеќе, ако на крајот не добие ништо или само малку повисока нето плата?“ Се случува и апсурд во случај на зголемување на платата, на луѓето во  некои платежни групи да може само да им се советува да работат помалку, зашто тогаш со помалку работа приходите би им биле еднакви или дури и повисоки. Значи, повеќе пари и повеќе слободно време.

Недостиг од работни часови на пазарот на труд

Токму за оваа појава сведочат и работодавачите. „Вработените би реагирале на зголемување на платите со  намалување на работното време.  Иако општествено важно би било токму спротивното“, посочува Паскал Кобер, во пратеничката група на владејачката Либерална партија (ФДП) задолжен за прашањата на социјалната политика.

Кобер како пример наведува самохрана мајка која моментално заработува 1.000 евра и размислува да работи 50 проценти повеќе. Поради одбитоците од социјалните бенефиции што ги добива во моментов, од дополнителните 500 евра што ќе ги заработи би ѝ останале само 84 евра. „Доколку самохраната мајка е во таа категорија на приходи каде што не вреди да работи повеќе, тие работни часови недостасуваат на пазарот на трудот". Ова е катастрофално со оглед на познатиот  недостиг на работна сила и стручњаци во Германија.

За многумина во Германија повеќе работа не се исплаќаФотографија: Imago Images/K. M. Höfer

Но, како што истакнува Кобер, во што го поддржува и неговата социјалдемократска колешка Аника Клозе, „разбирам дека тоа го погодува и чувството за правда, кога луѓето велат: Јас работам повеќе часови, зошто да немам повеќе пари на мојата сметка на крајот на месецот?"

Реформа би требало да се исплати

Затоа економистите предлагаат социјалните бенефиции да се исплаќаат на подолг временски период, така што од секое дополнително заработено евро остануваат најмалку 30 центи. „На прв поглед, ова само ќе доведе до повисоки социјални трошоци“, вели Шеб од Слободниот универзитет во Берлин. Но, на крајот, ваквата реформа би ѝ се исплатела на државата. „Ако создадеме стимулации за луѓето повторно да работат повеќе, тоа значи дека плаќаат повисоки придонеси за социјално осигурување, плаќаат данок на доход и помали издатоци за оние на кои треба да им се гарантира минимален приход."

Сепак, Министерството за труд се двоуми со оценката и спроведувањето на заклучоците од студијата што само ја нарача. На прашањето, Министерството соопшти дека овие резултати „се анализираат во различни министерства“.

Сепак, политичарот на ФДП, Кобер, инсистира на придвижување. „Принципот дека работата се исплати всушност треба да најде ехо во СПД.“ Пратеничката колешка на Кобер, Клозе, во секој случај ќе се залага за реформа на социјалните бенефиции. „Да се работи на воспоставување ситуација во која работата се исплати е секако пат што го поддржувам."

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми