1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Проблемот на Мерц со „сликата на градот“

АРД
18 октомври 2025

Германскиот канцелар во последно време се изразува порезервирано отколку порано. Но сега, во контекст на миграцијата Мерц зборува за проблем со „сликата на градот“. Зошто ова предизвикува иритации?

Германскиот канцелар Фридрих Мерц во темно син костум, светло сина кошула и светло сива вратоврска се обраќа од говорницата во Бундестагот
Фридрих Мерц: Сè уште го имаме тој проблем со ’сликата на градот’ Фотографија: Niklas Graeber/dpa/picture alliance

Германскиот канцелар  мора внимателно да ги бира зборовите. Додека Фридрих Мерц како лидер на опозицијата беше познат по своите остри изјави, сега тој претежно е воздржан. Сепак, неделава канцеларот даде изјава која привлекува внимание бидејќи нејзиниот досег е поголем отколку што звучи на прв поглед.

На настан во Бранденбург во вторникот (14 октомври, 2025), тој рече дека неговата влада постигнала многу во однос на миграцијата и го намалила бројот на нови барања за азил за 60 проценти од август 2024 до август 2025 година. Потоа додаде: „Но, секако, сè уште го имаме тој проблем со ’сликата на градот’ ("Stadtbild") и затоа министерот за внатрешни работи сега работи да овозможи и спроведе враќање (на одбиените баратели на азил) во многу голем обем“.

Дреге бара „малку повеќе пристојност“

Оттогаш, имаше бројни обиди да се толкува изјавата, а таа повеќепати беше тема и во Бундестагот. „Време е за малку повеќе пристојност, господине Мерц“, рече шефицата на пратеничката група на Зелените, Катарина Дреге. Реченицата на Мерц, според Дреге, е навредлива, дискриминаторска и непристојна. 

Шефот на пратеничката група на Унијата(ЦДУ/ЦДУ), Јенс Шпан, возврати: „Не знам, колешке Дреге, каде се движите во Германија, но на главните железнички станици, на пазарите во оваа земја, секако дека последиците од нерегуларната миграција се видливи“. Тоа ги загрижува луѓето. „И секако дека мора да разговараме какви се последиците од тоа врз оваа земја“, рече Шпан.

Нејасно чувство на туѓост

Само пред неколку недели, шефот на ЦСУ, Маркус Зедер, исто така го употреби терминот „сликата на градот“. Весникот Минхенер Меркур , го праша дали се залага за тоа дека и сириските и авганистанските граѓани кои не извршиле кривични дела мора да ја напуштат Германија. „Тоа мора задолжително да се случи“, одговори премиерот на Баварија. „Сликата на градот мора повторно да се промени. Едноставно се потребни повеќе враќања“.

Што планираат германските партии во врска со миграцијата?

01:28

This browser does not support the video element.

Проблемот со терминот „сликата на градот“: Тој доловува нејасно чувство на туѓост и страв без точно да опише што се подразбира под него. Терминот функционира како разубавувачки код за „видливото присуство на луѓе кои се доживуваат како не-германски или не-бели, без оглед на нивното вистинско државјанство“, објаснува Нина Перковски, социолог на Универзитетот во Хамбург, на прашањето на tagesschau.de. Формулацијата „не е неутрално описна“. Со неа се конструира „колективно чувство на нелагодност“ само затоа што разликите стануваат видливи, и на тој начин ги легитимира мерките како што е депортацијата како неопходна реакција на наводно „нарушениот поредок“. „Тоа создава клима која охрабрува расистички непријателства и напади“.

„Нема хомогено јавно мислење“

Истражувањето на Перковски покажува: „Нема хомогено јавно мислење за миграцијата и за безбедноста. Напротив, постојат фундаментално различни, делумно контрадикторни разбирања за безбедноста“. Сепак, постои „доминантна наративна структура која ја прикажува миграцијата како безбедносна закана со децении“ - и тоа од страна на политичките актери од сите партии, засилена со медиумското известување.

Студијата на Германскиот институт за економија во Берлин покажува: Стравот од криминал само делумно е во корелација со развојот на криминалот. Неодамна, стапката на криминал се намали, но стравот од него се зголеми. 

Особено десничарските популистички и десничарските екстремни движења успешно ги поттикнаа стравовите од „расизираниот Друг“ и со тоа не само што постигнаа изборен успех, туку и го поместија дискурсот кон десно, вели Перковски. Социологот, исто така, нагласува: „Многу луѓе во Германија - особено оние со искуства со расизам - не ја доживуваат миграцијата, туку расизмот, дискриминацијата и социјалната исклученост како централни закани за нивната безбедност“.

Меркел реагираше поинаку

Досега, изјави, како онаа на канцеларот Мерц доаѓаа првенствено од Алтернатива за Германија (АфД). На пример, уште во 2017 година, тогашниот шеф на АфД, Јерг Мојтен, веднаш по изборите за Бундестагот изјави: „Понекогаш во градските центри каде што се движам, гледам само уште понекој Германец. Тоа не може да биде целта на нашата политика“.

Тогашната канцеларка, Ангела Меркел, му одговори: „Не знам што гледате, бидејќи на улица не можам да направам разлика помеѓу луѓето со мигрантско потекло кои се германски државјани и оние кои немаат германско државјанство“. Сегашниот канцелар се чини дека има поинаква перцепција.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми