1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалГерманија

Германија: Рација против активисти од „Последна генерација“

ЖА / агенции
24 мај 2023

Во повеќе германски сојузни покраини е извршен претрес на становите на клима активисти од „Последна генерација“. Против седум членови на групата се води истрага поради формирање на криминално здружение.

Активисти на „Последна генерација“ во Франкфурт, Германија
Активисти на „Последна генерација“ во Франкфурт, ГерманијаФотографија: Sebastian Gollnow/dpa/picture alliance

По налог на Криминалистичката служба на Баварија и Генералното обвинителство од Минхен е спроведена рација на сојузно ниво против членови на „Последна генерација“, во чии рамки е извршен претрес на 15 објекти.

Врз основа на бројни кривични пријави од населението примени од средината на 2022 година, поведена е истрага против вкупно седум лица на возраст меѓу 22 и 38 години, соопшти Криминалистичката служба на Баварија. Станува збор за сомнение за формирање, односно поддршка на криминално здружение според параграф 129 од Кривичниот законик.

Криминалистичката служба соопшти дека на осомничените на товар им се става организирање донаторска кампања заради финансирање на натамошни кривични дела на „Последна генерација“, дека кампањата ја рекламирале преку нивната веб страница и на тој начин собрале досега сума од најмалку 1,4 милиони евра. Најголем дел од овие пари, според досегашните сознанија, бил користен за натамошно извршување на кривични дела од страна на здружението.

Двајца осомничени стојат под сомнение дека во април 2022 година се обиделе да извршат саботажа на нафтоводот Трист-Инголштад. Целта на денеска извршените претреси е пронаоѓање на доказен материјал за структурата на членството на „Последна генерација“, натамошно расветлување на нивното финансирање, како и заплена на имот. Криминалистичката служба на Баварија соопшти дека досега не се извршени апсења на осомничените.

Веќе една година клима активисти од „Последна генерација“ блокираат сообраќајници низ цела Германија. Од април годинава речиси секојдневно организираат протестни акции и ги блокираат улиците и автопатиштата во Берлин, а полицијата е во постојана акција за брзо отстранување на блокадите. Се почесто се случува изнервирани граѓани да вршат физички напади врз активистите, чија најчеста стратегија е да се залепат со лепило на асфалтот.

„Последна генерација“ се залага за порадикални и побрзи чекори на политиката во справувањето со климатската криза.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми