1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија размислува за повторно воведување воен рок

Фолкер Витинг
25 декември 2023

Дали треба повторно да се воведе задолжителен воен рок? Оваа дебата ја иницираше германскиот министер за одбрана Писториус, бидејќи Бундесверот со години има недостиг од персонал.

Борис Писториус
Борис Писториус размислува за повторно воведување воен рокФотографија: Tobias Schwarz/AFP/Getty Images

Германскиот Бундесвер не само што се соочува со недостиг од борбени авиони, фрегати или хеликоптери, туку со години му недостасуваат и мажи и жени војници. Поради ова, дебатата за тоа дали Германија треба повторно да воведе задолжителен воен рок се отвора повторно и повторно . Во едно интервју, министерот за одбрана Борис Писториус (СПД) ја наведе Шведска како модел. Таму, како и во Германија, задолжителната воена служба беше укината, а потоа повторно воведена. Дали е тоа модел и за Германија? 

Според Бундесверот, Германија на крајот на октомври 2023 година имала на располагање 181.383 војници. За време на Студената војна во 1970-тите и 1980-тите, имаше речиси половина милион војници. Времињата се сменија, Студената војна е минато. Сепак, министерот Писториус е многу загрижен. Бундесверот е далеку од целта до 2025 година да има 203.000 мажи и жени во униформи. И тоа во ерата на руската агресивна војна против Украина, која јасно покажа колку брзо можат да настанат конфликти во Европа. 

Откако ја презеде функцијата министер, Писториус размислува како да го направи Бундесверот повторно поатрактивен и дали треба повторно да се воведе регрутирање. Неодамна во интервју за весникот „Ди Велт“ изјави дека моментално испитува различни модели. „Ги разгледувам сите опции“, рече Писториус и додаде: „Имаше причини зошто беше укинат воениот рок. Но, гледајќи наназад, тоа беше грешка“. 

Со децении воената служба беше основата на германското општество. Со повторното вооружување на Сојузна Република Германија во средината на 1950-тите, мажите на возраст над 18 години беа регрутирани на воена служба. Идејата беше војниците да бидат граѓани во униформа. Во текот на пет и пол децении, речиси сите млади мажи служеа воена служба или работеа во домови за стари лица или болници како дел од нивната цивилна служба. Во летото 2011 година, задолжителниот воен рок беше укинат. Во тоа време, целта беше да се намали Бундесверот и да се спроведе реформа на вооружените сили. Меѓутоа, во случај на напнатост или потреба од одбрана, задолжителната воена служба може повторно да се активира. Денес Бундесверот е доброволна војска во која служат и жени. 

Бундесверот е сѐ понепривлечен за младитеФотографија: picture-alliance/dpa/M.

Но, доброволци веќе не доаѓаат. Новинарот и експерт за одбранбена и безбедносна политика Томас Виголд тоа го објаснува вака во интервју за ДВ: „Најголемата фрустрација во Бундесверот е бирократијата. Апликантите често чекаат шест месеци за одговор“. Пазарот на труд во моментов е таков што младите можат да изберат каде сакаат да работат. Бундесверот не е атрактивен работодавач. 

Воената служба во Шведска - „сон на сите војници“ 

Министерот за одбрана Борис Писториус доби 65 конкретни предлози од неговото министерство за реорганизација на Бундеверот: регрутирањето и обуката треба да се реформираат, изјави тој за весникот „Ди Велт“. Повторно се отвора и дебатата за задолжителниот воен рок : „Затоа размислувам за дополнителни модели, како што е шведскиот. Таму сите млади жени и мажи одат на регрутација и само одбран дел од нив го завршува основниот воен рок. Размислуваме дали нешто такво би било можно и овде“.

Експертот за безбедност Виголд го опишува шведскиот модел како „сон на секој војник“. „На вооружените сили не им требаат сите регрути. Наместо тоа, тие ги избираат оние кои ги имаат вистинските вештини“.

Јохан Вадефул: „ЦДУ се залага за општа воена обврска“Фотографија: Torsten Sukrow/SULUPRESS/picture alliance

Политичка дебата за воен рок - со изненадувања 

Штом Писториус ги објави своите мисли јавно, следеше големо негодување. Критики стигнаа дури и од редовите на Социјалдемократската партија на Германија (СПД) на Писториус. Лидерката на партијата, Саскија Ескен смета дека Бундесверот сега се развил на таков начин што нема да може да изврши задолжителна регрутација: „Бидејќи единиците за обука, кои се неопходни, веќе не постојат“. 

Критики искажаа и либералите (ФДП) кои се дел од владејачката коалиција. Шефот на нивната пратеничка група, Кристијан Дир, во интервју за медиумската група „Функе“ изјави: „Повторното воведување на задолжителна служба би било сериозно нарушување на слободата на младите луѓе кои сакаат професионално да се ориентираат“. 

Но, поддршка дојде од конзервативната опозиција. Во интервју за ДВ, шефот на пратеничката група на демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ) Јохан Вадефул објаснува: „Ставот на ЦДУ е јасен: ние се залагаме за општа воена служба , односно служба во Бундесверот, но и во други, организации, како противпожарни служби, служби за техничка помош или добротворни организации. Сега е време младите да се запрашаат што можат да направат за нашата земја - за нашето општество", додава Вадефул. 

Томас Виголд смета дека задолжителната воена служба, каква што имаше Германија до 2011 година, веројатно никогаш нема да се вратиФотографија: DW

Дали се враќа задолжителниот воен рок? 

„Тешко е да се одговори на ова прашање“, вели експертот за безбедност Томас Виголд. И посочува дека безбедносната ситуација, особено од почетокот на руската војна против Украина, радикално се променила. 

Но, тој смета дека задолжителната воена служба, каква што имаше Германија пред 2011 година, веројатно никогаш нема да се врати. Пред сѐ затоа што според стариот модел не се очекуваше од жените да служат војска. Сепак, тој не сака целосно да ги отфрли другите облици на задолжителен воен рок. „Во моментот има многу опции“, вели Виголд: „Кој би помислил пред две години дека Бундестагот, со оглед на руската агресивна војна, ќе одобри посебен фонд од 100 милијарди евра за Бундесверот?“ 

И министерот за одбрана Борис Писториус вели: „Ги разгледувам сите опции“. Но, за секој модел, без разлика кој, потребно е политичко мнозинство. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми