1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема да има нови автопатишта во Германија?

Сабине Кинкарц
25 септември 2025

Германската влада сака да инвестира милијарди во инфраструктурата за транспорт. Но, нема доволно пари за сите проекти. На повидок е стоп на изградбата на нови автопатишта.

Сообраќај на автопат - возила на А2 во близина на Хановер, Германија
Германските автопатишта се преполни со сообраќајФотографија: Ulrich Stamm/Geisler-Fotopress/picture alliance

Колку може и треба да потроши државата и на кои проекти? Буџетот за 2026 година се дебатира во  Бундестагот.  За нацрт-буџетот претставен од сојузниот министер за финансии и вицеканцелар Ларс Клингбајл (СПД) ќе се расправа околу два месеци, а се очекува да биде усвоен од пратениците кон крајот на ноември. Веќе сега е јасно дека дебатите нема да бидат едноставни. Се очекува многу министерства во иднина да работат со значително намалени буџети, бидејќи фискалните приходи се далеку од доволни за да ги покријат државните трошоци. На отворањето на расправата за буџетот, Клингбајл зборуваше за тешки времиња.

Министерот за финансии, вицеканцелар и лидер на СПД Ларс Клингбејл во БундестаготФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Владата на ЦДУ/ЦСУ и СПД ќе мора да донесе „храбри и делумно непријатни одлуки“. „Ќе биде напорно, ќе биде предизвик“, рече тој.  Задолжувањето е огромно,  повисоко од сега беше само за време на пандемијата со коронавирус.

Брзо да се гради

Во сојузното Министерство за транспорт всушност и немаше голема загриженост дека би можело да биде погодено од кратење на буџетот. Санирањето на дотраената инфраструктура е врвен приоритет. Владата тукушто издејствува  посебен фонд од 500 милијарди евра  за инфраструктура и заштита на климата, кој  се финансира од кредити.  „Нашата земја е уништена од мерките за штедење во многу области. Сакаме багерите брзо да почнат со работа“, е мотото на министерот за финансии Клингбајл. Сојузниот министер за транспорт Патрик Шнидер (ЦДУ) очекува дека неговото министерство многу ќе профитира од посебниот фонд. Транспортните патишта, односно улиците, железничките пруги и мостовите се дел од инфраструктурата, која во Германија е во лоша состојба.

Дотраени патишта: кога бетонот и пругите попуштаат

Околу 13.200 километри вкупна должина имаат германските автопатишта. Сојузното министерство за транспорт проценува дека половината од нив е оштетена. Ако се додадат и магистралните патишта, на околу 25 илјади километри патишта е потребна санација. Ситуацијата е уште покритична со  мостовите над автопатите.  Околу 5 илјади треба комплетно да се санираат, односно од ново да бидат изградени. Мрежата на Германската железница е толку дотраена што само секој втор воз стигнува на својата дестинација на време.

Потребно е трпение на германските автопати - има повеќе од 1000 градилишта низ целата земјаФотографија: Marcus Brandt/dap/picture alliance

Клингбајл одвои речиси дванаесет милијарди евра од специјалниот фонд за Министерството за транспорт во тековната фискална година. Во 2026 година се очекува повеќе од 21 милијарда евра да се излеат за министерството. Но, тоа што беше неочекувано за министерот за транспорт Шнидер е кратењето на десет милијарди евра од регуларниот буџет на министерството, кое следната година треба да располага со 28 милијарди евра. Клингбајл негира дека со заштедените милијарди ќе пополнува буџетски дефицити, но опозицијата остро критикува бидејќи владата вети оти со кредитите од специјалниот фонд ќе се покриваат само дополнителни инвестиции.

Запирање на градби и покрај градежни планови – цехот од буџетската дупка

Министерот за транспорт е бесен. Не само затоа што треба да добие помалку пари - тој се соочува и со дополнителни ограничувања. Од посебниот фонд  - освен мостови над автопати кои не може да се санираат - не може да се финансира нова градба, или проширување на постоечка. За таа намена е вообичаениот буџет, но според Шнидер скратениот буџет веќе не е доволен за такви планови. „Ни недостасуваат во периодот меѓу 2026 и 2029 година околу 15 милијарди евра“, посочува министерот во интервју за „Франкфуртер алгемајне цајтунг" (ФАЦ). Изградбата на 74 нови автопати, како и стари кои требаше да бидат проширени и 99 планирани магистрални патишта, мора да биде запрена и привремено одложена. Тоа првенствено се однесува на затворањето на празнини на автопатите или обиколници.

Како министерот за транспорт врши притисок врз Бундестагот

Комисијата за буџет на Бундестагот побара од Министерството список на сите засегнати правци. Шнидер го достави и наведе и во кои изборни единици се наоѓаат. Така секој пратеник може да види што значи тоа за него, неговите гласачи и за локалните жители. Министерот за транспорт очигледно сака да врши притисок. „Има потреба од корекции во тековната расправа за буџетот“, вели тој во интервјуто. „Би поздравил повеќе средства за нови градби и проширување на постоечките", вели тој. Но, токму тоа министерот за финансии Клингбајл го отфрла. Во ладно формулирано писмо до Шнидер, тој истакнува дека сојузната влада заеднички се согласила за планираните инвестиции во транспортот и дека и Шнидер ја прифатил утврдената финансиска рамка. Во ниту еден друг ресор не се инвестира толку колку во транспорт. Вкупно 166 милијарди евра се предвидени за инвестиции во транспортот до 2029 година. Шнидер мора да постави приоритети и да ги користи доделените ресурси на ефикасен начин, порачува Клингбајл.

Сојузните покраини и пратениците огорчени

Во местата погодени од замрзнувањето на градбите, огорченоста е голема. Сојузните покраини инсистираат владата во Берлин да продолжи да ги финансира планираните градежни проекти и проширувањата. Пратеничката група на Унијата има слични барања. Со оглед на задолжувањето од 500 милијарди евра, не може никому да му се објасни дека проекти за автопати што се спремни за изградба не може да се финансираат, вели Штефен Билгер, шеф на пратеничката група на ЦДУ-ЦСУ. На координации на парламентарната група, канцеларот и лидер на  ЦДУ,  Фридрих Мерц вети дека се вложуваат сите напори за да се овозможи што е можно поголем број на нови градежни проекти. Тоа ќе се разгледува во коалициската влада со  СПД.

Креативна потрага по решенија

Магичниот збор гласи флексибилност. „Во моментов, структурата на специјалниот фонд сè уште не дозволува целосно да биде искористен", посочи министерот за транспорт Шнидер на почетокот на расправата за буџетот во Бундестагот. „Во парламентарната постапка ќе работиме да најдеме решенија и поголема флексибилност за инвестиции во транспортот“, порача тој. 

Германија: Инфраструктура во распаѓање

01:14

This browser does not support the video element.

Првично се приоритет санацијата и одржувањето. „Во следните буџетски нацрти ќе мора да се фокусираме и на поголем број нови градби на патишта и на железнички пруги", вели Шнидер. Од пратеничката група на СПД има мешани сигнали. Координаторот Дирк Визе вели дека принципот „одржување има предност пред изградба“ не значи дека сите претходно планирани проекти веќе нема да се спроведуваат, но дека должност е на сојузниот министер за транспорт да одреди кои се приоритетите.

Сојузната служба за ревизија со критики за владата

Речиси е сигурно дека за расправата за нови автопати и магистрални патишта  во  Германијанема да биде единствената контроверзија во расправата за буџетот, особено затоа што Сојузната служба за ревизија, која го надгледува начинот на кој државата троши пари, бара поголеми напори од владата за штедење. Сојузната влада троши повеќе отколку што има, се заклучува во Извештајот за буџетот за 2026 година. Кој планира речиси секое трето евро да го троши „од кредит“ е далеку од стабилна финансиска економија. Се заканува спирала на задолжување, предупредува државниот ревизор. Мерц пак истапи со идејата дека „јавните инвестиции сами по себе не може да обезбедат тоа што е потребно во Германија и да надоместат тоа што било запоставено во изминатите години во однос на инвестиции, вклучително и во инфраструктурата.“ Канцеларот наведува дека има голем интерес на  приватни инвеститори за германската инфраструктура,  па од таму може да има „и заеднички проекти на јавниот сектор и приватните инвеститори. Со Министерството за транспорт планираме поголеми проекти за ЈПП (јавно-приватно партнерство)“, посочи Мерц.

 

Сабине Кинкарц новинарка на ДВ
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми