1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоГерманија

Германија сака да го забрани пушењето во автомобил

18 август 2023

Пушењето во автомобил во иднина би требало да биде забрането, доколку во возилото се возат и малолетни лица или бремени жени. Пасивното пушење може да предизвика тешки болести. Плановите не се сосем нови.

Пушење во автомобил
Пушењето во автомобил им штети на децата и бремените жениФотографија: Axel Heimken/dpa/picture alliance

Министерството за здравство под ресорниот министер Карл Лаутербах планира да забрани пушење во автомобил ако во возилото се наоѓаат малолетни лица или бремени жени.
Тоа произлегува од нацртот за легализација на канабис со кој истовремено треба да се направат и измени во законот за заштита на непушачите. Неродени деца и малолетници во таква ситуација не може да ги избегнат заканите од пасивно пушење, се вели во образложението во нацртот. Тие се „посебно ранлива категорија на лица” за кои со измените во законот треба да биде „обезбедена нужната заштита од пасивно пушење”. Забраната треба да важи за тутун,за електронски цигари, тутунски производи на загревање и канабис.
Пасивното пушење може да предизвика болести и смрт

Во нацртот Министерството предупредува дека „веќе со една испушена цигара рапидно расте концентрацијата на тутунски честички во возилото”. Поради малиот волумен на простор во автомобил, оптоварувањето со чадот е екстремно високо и вдишувањето на чад од цигара и без да пуши погоденото лице, може да предизвика тешки заболувања или смртни случаи. Можни заболувања се коронарна срцева болест, мозочен удар или хронично-опструктивно заболување на белите дробови. Постои и ризик за ненадејна смрт на новороденче. Во студии е докажана и поврзаноста меѓу пасивно пушење и канцер на бели дробови.
Нацртот уште не е усогласен со другите ресори, па според Министерството, може да дојде и до измени на планираните одредби.

Поради малиот простор во автомобил, оптоварувањето со чадот е екстремно високо Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Gabbert



Бундесратот бараше забрана уште во 2022 година

Уште во април минатата година Бундесратот со свој нацрт се изјасни за забрана на пушење во автомобил во присуство на малолетници и бремени жени. Од таму посочуваа на проценките на Германскиот центар за истражување на рак, според кои околу еден милион деца и млади се изложени на чад од тутун за време на возењето во автомобил.
Во ставот на владата во врска со ова се вели дека „непушењето во возило во присуство на малолетници се поздравува без задршки”, но дека постојат дилеми од аспект на Уставот. Сепак, владата смета дека треба да се испита „постоењето потреба од дејствување на законодавецот”. Во Германија не постои забрана за пушење во автомобил. Возилото важи за приватен простор. Грижата која постои кај вакви забрани е дека тоа може да претставува повреда на приватната сфера.

Концентрација на тутун како во зачадена меана

Во однос на таквите задршки Службата за помош на деца посочува на експертиза која ја претстави Научната служба на Бундестагот уште во 2015 година. Според проценките, забраната за пушење во автомобил е компатибилна со Уставот. Службата за помош на деца експлицитно ги поздравува плановите на министерот за здравство и нагласува дека само една испушена цигара во автомобил за само неколку минути предизвикува концентрација на чад од тутун која е повеќекратно повисока отколку во многу зачадена гостилница. Оттука постои опасност од големи штети по здравјето, како оштетувања на белите дробови во развој, проблеми со дишењето и болести на дишните патишта, како и ограничена функција на дробовите. Кога бремени жени се изложени на чад од цигари, им се закануваат абортуси или раѓање на мртов плод, пониска родилна телесна тежина и намалено тело и главче на новороденчето. Освен тоа постои и ризик фактор за ненадејна смрт кај новороденче.

Неродени деца и малолетници во автомобил не може да ги избегнат заканите од пасивно пушењеФотографија: picture-alliance/dpa/dpaweb/M. Führer



Во други земји има парични казни

Во други земји забраната веќе се спроведува на дело. Во Италија е табу да се пуши кога во возилото седат малолетници или бремени жени. При прекршување на забраната, според информации на германскиот автомото-сојуз, во зависност од возраста на малолетникот казната може да достигне и 500 евра. Во Грција пак може да биде изречена казна до 1500 евра, ако се пуши во автомобил во кој се вози дете под 12-годишна возраст. И во Франција, Белгија, Велика Британија или Австрија цигара зад волан во присуство на малолетници е строго забранета.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми