1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Се менува ли односот кон украинските бегалци?

СН/агенции | АРД
22 јуни 2024

Во Германија има се погласни повици за намалување на социјалните бенефиции за украинските бегалци, особено за регрутите. Ова е за да се поттикне побрза интеграција на пазарот на трудот.

саем за вработување за украинските бегалци
Во меѓувреме се организираат саеми за вработување за украинските бегалциФотографија: Christoph Soeder/dpa/picture alliance

По опозициската Унија (ЦДУ/ЦСУ),сега се огласи и претставник на коалициската влада: генералниот секретар на Либералната партија (ФДП), Бијан Ѓир-Сараи, кој во интервју за весникот „Билд" рече дека бегалците од војната во Украина треба да се финансиски еднакви со барателите на азил. Бегалците од Украина од првиот ден на пристигнување добиваат т.н граѓански пари (Бургергелд), кои во основа се социјална помош за луѓе кои бараат вработување и имаат пристап до пазарот на трудот. Барателите на азил добиваат помош како дел од законот за издржување на барателите на азил, а за тоа време не им е дозволен пристап до легалниот пазар на труд.

Конкретно тоа финансиски изгледа вака: граѓанските пари за самци изнесуваат 563 евра месечно. Дополнително, државата ја презема целата кирија и комуналиите. За барателите на азил додека трае постапката за признавање на барањето, но и за оние чие барање е одбиено, но не можат да бидат депортирани од хуманитарни причини, месечниот надоместок за самци е 460 евра. Освен тоа, државата ги сноси трошоците за сместување во прифатните центри за бегалци.

Правото на детски додаток од 250 евра по дете го имаат само примателите на граѓански пари и барателите на азил откако ќе им биде признаен статусот. По зголемувањето на социјалната помош на почетокот на годината, во Германија се отвори дискусија за тоа дали воопшто вреди да се работи, со оглед на тоа што едно семејство со три деца има право на значителна парична сума месечно преку социјалната помош.

Повеќето украински бегалци се жени со децаФотографија: Waltraud Grubitzsch/dpa-Zentralbild/picture alliance

Помалку пари побрзо до вработување?

„Новодојдените бегалци веќе не треба да добиваат граѓански пари, туку помош како онаа што ја добиваат барателите на азил“, вели Ѓир-Сараи. Тој смета дека тоа ќе донесе поттик за подобра и побрза интеграција на германскиот пазар на труд. „Насекаде: во угостителството, градежништвото или во секторот за нега има недостиг од работници. Не би продолжиле да ја финансираме невработеноста со парите на даночните обврзници, туку мораме да се погрижиме луѓето да најдат работа", нагласува либералниот политичар.

Според податоците на сојузната влада, во јануари 2024 година биле вработени околу 119.000 украински бегалци од над милион пристигнати од почетокот на руската агресија во февруари 2022 година. Многу од бегалците моментално се во програми за интеграција, односно учат германски или други мерки за професионална обука, а голем дел од бегалците се жени со деца кои дошле во Германија без брачен партнер.

„Финансирање на дезертери"

Политичарите од Христијанско-демократската унија, покрај намалувањето на бенефициите за украинските бегалци, посебно внимание посветија и на регрутите бегалци. „Мислам дека е контрадикторно да се каже од една страна дека Украина треба да биде поддржана на најдобар можен начин, а во исто време да се финансираат дезертерите“, изјави министерот за внатрешни работи на сојузната покраина Бранденбург, Михаел Штубген (ЦДУ). .

„Пивска помош“ за украинските бегалци

01:09

This browser does not support the video element.

Неговиот колега од Баварија, Јоаким Херман (ЦСУ), смета дека одлуката за обезбедување социјални бенефиции за украинските бегалци од самиот почеток, како и за граѓаните кои подолго време живеат во Германија, била погрешна. „Мислам дека тоа создава погрешни поттици", рече Херман.

Другите две партии во владејачката коалиција,Социјалдемократската партија на Германија (СПД) и Зелените, инсистираат на тоа украинските бегалци и натаму се третираат поинаку од барателите на азил. „Со влегувањето во системот на граѓанските пари, украинските бегалци добиваат пристап до пазарот на труд и до мерки за интеграција на пазарот на трудот“, изјави Мартин Роземан, портпарол на пратеничката група во Бундестагот за прашања од сферата на трудот.

На изминатите локални и парламентарни избори за ЕУ, Алтернатива за Германија (АфД) стана најсилната политичка партија на истокот на земјата. Една од главните теми на АфД е критиката на германската политика кон Русија и помошта за Украина.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми