1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија се соочува со рекорден број банкроти

Ненад Крајцер
25 октомври 2025

Најновите податоци покажуваат дека оваа година може да се достигне нов рекорд во бројот на банкроти во Германија. Трговската и индустриска комора повторно предупреди на потребата од политички реформи.

Жена поминува покрај затворена продавница во Германија
Многу продавници беа принудени да ги затворат своите вратиФотографија: Rupert Oberhäuser/dpa/picture alliance

Бројот на компании кои банкротираат во Германија и натаму расте. Бројот на поднесени барања за редовна стечајна постапка во септември е зголемен за 10,4 проценти во споредба со истиот месец минатата година, соопшти Сојузниот завод за статистика врз основа на прелиминарни податоци. Во споредба со август, кога растот изнесуваше 11,6 проценти, зголемувањето само малку е забавено.

Со оглед на тоа дека стечајните судови сè уште треба да одлучат за отворање на постапките, овие бројки сè уште не се конечни. Тие влегуваат во официјалната статистика дури по донесувањето на одлуката. Според податоците на Сојузниот завод, датумот на поднесување на барањето за стечај обично е околу три месеци пред отворањето на постапката.

Образец за поведување постапка за несолвентностФотографија: Fernando Gutierrez-Juarez/dpa/picture alliance

Во јули - 13,4 проценти повеќе стечаи

Конечни податоци има за јули, кога е покрената стечајна постапка за 2.197 компании. Тоа е 13,4 проценти повеќе отколку за претходната година. Побарувањата на доверителите од јулските стечајни постапки, окружните судови ги процениле на околу 3,7 милијарди евра. Во јули 2024 година побарувањата изнесувале околу 3,2 милијарди евра.

Особено се погодени компаниите од областа на транспортот и складирањето. Најновите податоци укажуваат дека оваа година може да се очекува нов рекорд. Минатата година Сојузниот завод за статистика забележа 21.812 случаи, што е највисок број од 2015 година. Овој раст беше очекуван по престанокот на државната помош воведена за време на ковид-пандемијата.

Покрај тоа, високите цени на енергијата, бирократијата и политичката неизвесност дополнително ги оптоваруваат компаниите.

Голем број градежници поднесоа барање за банкротФотографија: Frank Hoermann/SVEN SIMON/picture alliance

ДИХК очекува повеќе од 22.000 банкроти

Германската индустриска и трговска комора (ДИХК) не очекува подобрување во наредните месеци. „Опаднатиот извоз, особено кон САД, намаленото индустриско производство и слабата конјунктура – сето тоа не се добри вести за германската економија“, изјави главниот аналитичар на ДИХК, Фолкер Трајер, и ја потврди прогнозата дека во текот на 2025 година повеќе од 22.000 компании „засекогаш ќе ги затворат своите врати поради несолвентност“.

Трајер повторно апелираше до политичарите да спроведат повеќе структурни реформи со цел да се подобрат условите за бизнис: „Мора итно да ги намалиме високите трошоци за енергија и труд, како и, во споредба со другите земји, високите даночни и бирократски оптоварувања“.

Здружението на стечајни управници и доверители на Германија (ВИД), пак, истакна дека бирократијата не е главна причина за банкрот. „Напротив, бирократското оптоварување најмногу може да делува како забрзувач на кризата, кога веќе постојат проблеми како што се недоволна ликвидност, нефлексибилни деловни модели, нарушувања во синџирите на снабдување или стратешки грешки во одлучувањето“, изјави претседателот на ВИД, Кристоф Ниринг. Променетите навики на потрошувачите, нерешените наследни прашања и надворешните шокови често заедно доведуваат до банкрот.

Трендот сепак е забавен?

Во третиот квартал од 2025 година, според податоците, 4.478 претпријатија и капитални друштва биле погодени од стечај. Со тоа, рекордната вредност од вториот квартал беше помала само за еден процент. Штефен Милер, раководител на истражувањето за несолвентност на ИВХ институтот, го припишува високиот број на банкроти на долготрајните макроекономски проблеми, како и на одложените ефекти од политиката на ниски каматни стапки и државната помош за време на ковид-пандемијата.

Сепак, растечкиот тренд во бројот на стечаи моментално е запрен: „Иако и во октомври се очекуваат високи бројки на несолвентност, за наредните месеци во целина очекувам консолидација на стечајните процеси на високо ниво“, изјави Милер. Притоа, растот не престанува затоа што економските услови се подобриле, туку затоа што задоцнетите ефекти ја губат својата сила.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми