Германија: Секоја шеста двојка нема деца
25 февруари 2023Во Германија сè почесто се користат медицински третмани за лекување на неплодност: во 1997 година по лекување на неплодност се родени над 6.500 деца, а во 2020 година повеќе од 22.200.
За неплодност може да има различни причини. Кај мажите главно е последица на тоа што не се создаваат доволно функционални и подвижни сперматозоиди. Кај жените, причина може да бидат хормонални нарушувања, промени во јајцеводите или матката. И ендометриозата, многу честа болест, може да влијае на плодноста на жените.
Во зависност од причината, постојат неколку различни методи на лекување. Една од можностите е давање на хормонски препарати за стимулирање на созревањето на јајце клетките и овулацијата кај жената. Друг метод е да се користи тенка цевка со чија помош спермата доаѓа директно во матката. За ова може да се користи и туѓа сперма.
Пораст на ин витро оплодување
Уште еден чекор понатаму е таканареченото ин витро оплодување. Оплодувањето на јајце клетките со сперматозоиди се врши во лабораторија, а оплодените јајце клетки - ембриони потоа се пренесуваат во матката.
Дури и ако трансферот на ембриони во матката денес е успешен околу 93 проценти, просечната стапка на бременост е 33 проценти. А, стапката на породувања по овој метод е сѐ уште многу мала и изнесува 23 проценти.
Во Германија првото вака зачнато бебе е родено во 1982 година. Бројот на вака родени деца постојано се зголемува. Според германскиот регистар за ин витро оплодување, од 1997 година на овој начин се родени вкупно 363.940 деца.
Ризични бремености
Репродуктивната медицина сака да избегне бременост со повеќе ембриони,кои често се ризични и обично доведуваат до предвремено породување. Затоа, ако прогнозата е добра, се користи само еден ембрион, иако веројатноста жената да забремени, односно ембрионот да се всади во матката, се намалува за околу четири проценти.
Жените до 32 години имаат најголеми шанси да забременат по третман на неплодност. Од 33-годишна возраст, стапката на бременост континуирано опаѓа додека од 40-тата година не падне под 20 проценти. Ова е уште појасно кога ќе се погледне бројот на раѓања: до 33. година е 30 отсто, а од 39. година паѓа под 20 отсто. Тоа значи дека третманот за неплодност не смее да се одложува предолго.
Бројот на сперматозоиди е преполовен во последните 50 години
Која е причината за зголемениот број третмани за неплодност сè уште не е јасно. Сепак, според една неодамнешна студија од Израел, во која се земени податоците за мажите и целиот свет од 1973 до 2018 година, концентрацијата на сперматозоиди е повеќе од преполовена во последните 50 години.
Според тие студии, концентрацијата на сперматозоиди на милилитар сперма во просек опаднала од 101 милион на 49 милиони. Од 2000 година, просечниот број на сперматозоиди се намалува уште побрзо отколку порано - моментално повеќе од 2,5 проценти годишно.
Уште во 2017 година научно беше утврдено дека бројот на сперматозоиди се намалува кај белите мажи, а оваа студија покажува дека се погодени и мажи од Јужна Америка, Африка и Азија.
За професорот Кристијан Граке, медицински директор за урологија во Универзитетската болница во Фрајбург, овие резултати не се причина за загриженост: студијата го испитувала само бројот на сперматозоиди, додека виталноста и подвижноста се поважни за плодноста.
Сепак, израелските научници предупредуваат дека ниската концентрација на сперма може да биде фактор на ризик за рак на тестисите. Авторите на студијата работат на дополнително истражување.
Замрзнување на јајце клетки
Денес, експертите од репродуктивната медицина сѐ повеќе препорачуваат замрзнување на јајце клетки и ембриони - односно неоплодени и оплодени јајце клетки. Таканаречената криопрезервација веќе сочинува 31 отсто од вкупните циклуси на третман на неплодност - а трендот расте.
Многу двојки ја користат оваа опција за замрзнување на ембриони кои останале по третманот за идна бременост. Стапките на успех со претходно замрзнати ембриони се речиси исто толку добри како и кај свежите. Тие се разликуваат за само 1,2 отсто во корист на свежи ембриони.
Задолжителното здравствено осигурување во Германија покрива криопрезервација од 1 јули 2021 година - но само при терапии, на пример кај пациенти со рак, што може да ги оштетат јајце клетките и спермата. Жените над 40 и мажите над 50 години не се подобни за покривање на трошоците.
Забрана за донирање јајце клетки
Ако двојките не можат да имаат деца затоа што мажот е неплоден, постои решение: донирање сперма. Но, кога проблемот е кај жената, станува потешко бидејќи донирањето јајце клетки е забрането со Законот за заштита на ембриони.
Сурогат мајчинството, кое е забрането во Германија, покренува и етички и правни прашања. Лекарите и посредниците во сурогат мајчинството можат да бидат кривично гонети, но не и родителите.