1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОбразованиеГерманија

Германија: ПИСА-шокот и недостигот на наставен кадар

Сабине Кинкарц
9 декември 2023

Во најновото тестирање ПИСА, германските ученици остварија очајни резултати. Според експертите тоа се должи во прв ред на недостигот на наставници. Згора на тоа бројот на ученици ќе продолжи да расте во наредните години.

Затворено поради недостаток на наставници: плакат на училиште во Германија
Затворено поради недостаток на наставници: плакат на училиште во ГерманијаФотографија: Hendrik Schmidt/dpa/picture alliance

Ребека е наставничка повеќе од триесет години. Предава англиски и историја во средно училиште во близина на Хамбург. Сè почесто е на часовите по англиски јазик, бидејќи за тој предмет нема доволно наставници, а има предност пред историјата. А, тогаш нема часови по историја - понекогаш и со месеци.

„Постојано ни недостига наставен кадар, а во канцеларијата за труд нема заменски наставници. Училишната управа не може да ги најде, иако колегите често се на боледување со недели или месеци, бидејќи се „прегорени“ на работа, ги стигнал „брнаут“, вели Ребека. Тоа не е нејзиното вистинско име, таа сака да остане анонимна.

Студијата ПИСА со шокантни резултати

Резултатот е таков бидејќи часовите по некои предмети привремено не се одржуваат. Некои училишта веќе воведуваат четиридневна работна недела. Тоа е особено голем проблем во основните училишта (кои траат четири години во Германија), токму каде децата учат да читаат, пишуваат и да сметаат. Во последната студија ПИСА, во која ОЕЦД редовно го тестира знаењето на 15-годишните ученици, германските ученици постигнаа во математика, природни науки и читање полоши резултати од кога било досега.

Претседателката на Конференцијата на покраинските министри за образование и култура, Катарина Гинтер-Винш, како причина ги наведува ограничувањата на часовите за време на пандемијата со корона, но и фактот дека бројот на ученици од семејства чии родители не можат да им помогнат на децата да го совладаат училишниот материјал е зголемен.

За време на пандемијата на коронавирусот, голем број часови беа откажани, а тоа сега се забележуваФотографија: Christian Charisius/dpa/picture alliance

Но, за синдикатите за образование, постои многу поважна причина за овој лош резултат на ПИСА: недостатокот на наставници и на професори, поради што не се одржува наставата.

Контрадикторни податоци

Десетици илјади наставници и професори недостасуваат во Германија. Точниот број, сепак, не е познат, имајќи во предвид дека образованието е одговорност на 16 сојузни покраини. Ова го отежнува утврдувањето на точните податоци. Конференцијата на министри за образование и култура, тело во кое покраиските министри за образование ги координираат прашањата од национално значење, во моментов проценува дека има околу 14.000 непополнети позиции со полно работно време. Од 2025 година, се претпоставува дека ќе бидат потребни дополнителни 21.000 наставници.

Економистите, научниците, но и Синдикатот за образование и наука (ГЕВ) сметаат дека ова е премногу оптимистичко. „Јазот меѓу побарувачката и понудата на наставници ќе порасне за 56.000 работни места со полно работно време до 2035 година“, вели за ДВ претставничката на синдикатот Ања Бенсингер-Штолце.

Според податоците на Сојузниот завод за статистика, во 2023 година во училиште биле запишани 830.600 ученици во прво одделение, што е повеќе отколку во последните 20 години. Се очекува во наредните десет години бројот на ученици да се зголеми од единаесет на дванаесет милиони.

Тој пораст делумно е резултат на повисоката стапка на наталитет, но првенствено на зголемената имиграција во Германија. На крајот на 2022 година, во целата земја имало четири отсто повеќе деца на возраст од пет до седум години отколку една година порано. Бројот на германските деца во таа возрасна група едвај се зголемил во споредба со претходната година. Меѓутоа, бројот на деца со странско државјанство е зголемен за повеќе од 20 насто.

Повеќе ученици со повеќе потреби - и помалку наставници

Состојбата е сѐ полоша, бидејќи од 2026 година основците ќе имаат законско право да останат на училиште цел ден. ГЕВ смета дека вкупниот број на непополнети наставнички места во германските училишта може да се зголеми на половина милион до 2035 година.

Германските покраини се одговорни за образованието на наставниците и за финансирањето на факултетите, но квалификациите се признати низ целата земја. Ова им отвори можност на политичарите да заштедат, објаснува Бенсингер-Столце. „Речиси сите сојузни покраини со години обучуваат помалку наставници отколку што им е потребно. Секој се потпира на другите“, објаснува таа.

Со оглед на недостигот на кадар, училиштата сѐ повеќе вработуваат луѓе кои немаат завршено факултет со наставничка струка, туку доаѓаат од други струки. Истовремено, бројот на студенти на наставнички студии опаѓа од демографски причини - а, и затоа што професијата станува сѐ помалку привлечна.

Професијата наставник е се помалку атрактивна во ГерманијаФотографија: Rayna Breuer/DW

Проблематична реформа

Ситуацијата може дополнително да се влоши со предлогот на Конференцијата на министри за образование и култура. Имено, тие решението го гледаат во тоа наставниците во иднина да работат повеќе и подолго - сакаат да го зголемат бројот на часовите за настава, подоцна да се пензионираат и да ја укинат можноста за скратено работно време.

Во моментов, околу 40 отсто од наставниците работат со скратено работно време. И професорката Ребека работи 23,5 часа неделно, наместо вообичаените 25. „Наставата, подготовката и работата по часовите, поправка на тестови... Тоа за мене значи повеќе од 40 часа неделно“, вели таа. А, има и административни работи. „Кога подготвувам училишен излет, понекогаш чекам во туристичка агенција по еден час за да купам билети.“

Предизвиците на миграцијата

Генерално, условите за работа значително се влошија во последните години. Часовите станаа поголеми, а наставата посложена. „Имаме повеќе ученици со мигрантско потекло на кои им е потребна поголема поддршка бидејќи не можат да ја добијат потребната помош дома“, вели Ребека.

Споровите со младите бараат и многу енергија. „Не сум премногу импресионирана кога учениците муслимани ми велат дека не ми дозволуваат ништо да им кажам“, вели Ребека. „Но, таквите работи доаѓаат и од родителите. А младите колеги кои штотуку почнале да работат често се преоптоварени“, додава тој.

Меѓу украинските бегалци во Германија има многу деца кои поради својот јазик првично биле во одвоени, т.н. „одделанија за добредојде“Фотографија: Maja Hitij/Getty Images

Се зголемува бројот на наставници кои се сомневаат дека добро ја одбрале својата професија, велат од Синдикатот. Претходно, велат, немало потреба од совети за „стратегиите за излез“.

Да се направи професијата поатрактивна

Синдикатот презентираше план од 15 точки за повторно да ја направи наставничката професија поатрактивна. Тој делува како контрапредлог на идејата на Конференцијата на министри за образование и култура. Во него, синдикатот се залага за намален број на часови, помали одделенија, повеќе дополнителни часови, подобра здравствена заштита и системи за бенефиции за наставниците.

Ова се однесува на тимовите во кои наставниците работат заедно со социјален педагог, педагог и психолог, но и со преведувачи и наставници по мајчин јазик.

„Подолго време бараме да се подобри и забрза признавањето на дипломите за наставници добиени во странство“, вели Ања Бенсингер-Штолце. Таа особено ги има на ум украинските бегалци кои досега имаа мали шанси во германските училишта. „Ако наставниците имаат само еден предмет - што е норма во странство, за разлика од Германија каде што има два - ова не треба да биде критериум за нивно вработување“, вели Бенсингер-Штолце.

Синдикатот има мала надеж дека состојбата во училиштата може да се промени на краток рок. Одговорните во политиката, според синдикатот, едноставно премногу долго ја сфаќале несериозно ситуацијата.

 

Сабине Кинкарц новинарка на ДВ
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми