1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стотици илјади луѓе демонстрираа против десниот екстремизам

дпа | БЈ
22 јануари 2024

Стотици илјади луѓе низ цела Германија во текот на викендот демонстрираа против десницата. Нивните цели се „Одбрана на демократијата” и „Заедно против АфД”.

Демонстрации против десен екстремизам | Берлин
Демонстрации против десен екстремизам во Берлин (21.01.2024)Фотографија: Christian Mang/AFP/Getty Images

Стотици илјади луѓе во текот на изминатиот викенд (20/21.01) излегоа на улиците во Германија и мирно протестираа против десницата. Политичарите и организаторите се заблагодарија за „јасниот сигнал”.

Во Минхен, поради тоа што беше преполно, организаторот прекина една демонстрација против десните. Веќе не можела да биде осигурана безбедноста на учесниците, рече портпарол на полицијата, наведувајќи дека имало најмалку 80 илјади учесници. Организаторот, пак, зборува за дури 250 илјади насобрани демонстранти.

Во Берлин демонстранти се собраа во владиниот кварт - според полицијата имало најмалку 60 илјади лица. Со оглед на тоа дека спонтано се приклучувале нови демонатранти и ситуацијата била динамична, можно е да биле и 100 илјади лица, рече портпарол на полицијата. Бројката од околу 350 илјади учесници која ја споменаа организаторите, полицијата ја оцени како преголема.

Поради преголем број учесници и немоќќност да се гарантира безбедноста на учесниците, беше прекинат протест во МинхенФотографија: Johannes Simon/Getty Images

Десетици илјади лица и на други места излегуваа на улица, како во Келн и Бремен. Тоа е кулминација на досегашните протести, кои траат со денови. Веќе во саботата полицијата и организаторите наведоа вкупен број од најмалку 300 илјади лица, главно во Хановер, Франкфурт и Штутгарт.

На истокот на Германија поголем број луѓе се собраа во Хале, каде полицијата изброја 16 илјади лица. Во покраините Бранденбург, Саксонија и Тирингија во септември се избираат нови покраински парламенти. Според анкетите, десно популистичката АфД би можела да биде убедливо најсилната партија во сите три покраини.

Протестите ширум Германија беа предизвикани од откритијата на центарот за истражување „Коректив” за средба на десни екстремисти на 25 ноември во Потсдам, на која учествувале политичари од АфД, како и некои членови на ЦДУ и на многу конзервативната Унија на вредности. Поранешниот шеф на десноекстремното Идентитарно движење во Австрија, Мартин Зелнер, на средбата, според сопствен исказ, зборувал за „ремиграција”. Кога десни екстремисти го користат овој поим, тогаш по правило мислат на тоа дека голем број луѓе со странско потекло треба да ја напуштат земјата, ако е нужно и под присила.

Демонстрации против десен екстремизам во Бон (21.01.2024)Фотографија: REUTERS

Претседателот се заблагодари за ангажманот за демократијата

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер им се заблагодари на демонстрантите за нивниот ангажман за демократијата. „Овие луѓе нѐ охрабруваат. Тие ги бранат нашата Република и нашиот Устав од непријателите. Тие ја бранат нашата човечност“, рече тој во видео порака вчера во Берлин. На улица, според него, излегле различни луѓе. „Но, на сите им е заедничко тоа што сега застануваат против нечовечноста и десниот екстремизам. Тие сакаат и во иднина да имаат соживот во слобода и мир”, додаде Претседателот. Сега, според Штајнмајер, е потребна коалиција на демократите. „Иднината на нашата демократија не зависи од гласноста на нејзините противници, туку од силата на оние кои ја бранат. Да им покажеме дека заедно сме посилни”, рече Штајнмајер.

Штајнмајер: Иднината на нашата демократија не зависи од гласноста на нејзините противници, туку од силата на оние кои ја бранат.Фотографија: JOHN MACDOUGALL/AFP

Политичарите го фалат протестот

Вицеканцеларот Роберт Хабек демонстрациите ги оцени како охрабрувачки знак за демократијата. „Каква сила произлезе од овој викенд”, пиша тој во неделата на Инстаграм. „Вие покажувате дека Германија е силна демократија и дека не трпите кога десниот екстремизам сака да ги уништи темелите на нашата држава”, вели Хабек.

И министерката за надворешни работи Аналена Бербок го фалеше протестот против десницата во земјата, пред сѐ во помалите и средно големите градови. „Тоа е силата во нашата земја”, рече таа во неделата во Потсдам. Кога се работи за прашањето дали си човек или мразиш луѓе, луѓето излегуваат на улица - и без големи повици и за првпат.

Ополномоштеничката на сојузната влада за интеграција, Рем Алабали-Радован, демонстрациите ги оцени како „добри и важни”. „Потребна ни е сеопштествена коалиција”, рече политичарката од СПД за „Цајт онлајн”.

Министерката за внатрешни работи Ненси Фезер во саботата на платформата Х напиша: „Толку многу луѓе кои покажуваат образ и став - нашата демократија живее од силни демократи како вас.“

Баварскиот премиер Маркус Зедер им се обрати на граѓаните кои протестираа: „Голема благодарност за јасниот сигнал! Кога демократите се здружени, екстремистите немаат шанса.”

Премиерот на покраината Саксонија, Михаел Кречмер, кој и самиот учествуваше на демонстрацијата во Герлиц, рече дека протестите се трогателни. „Мислам дека за многуте волонтери во Германија кои се залагаат за нашето општо добро, за нив е ова огромна поддршка и секако и за оние кои имаат миграциска позадина”, рече тој во емисијата на АРД „Извештај од Берлин“.

Претходно и премиерот на Северна Рајна Вестфалија, Хендрик Вист, им се заблагодари на луѓето кои низ цела држава протестираат против десницата. Тоа покажува дека во центарот на општеството има „широка алијанса”, рече Вист и повторно побара таква „алијанса од центарот” и во политиката, која, според него, мора да се формира натпартиски и над сите државни нивоа. „Потребно ни е здружување на демократите”, рече тој и АфД ја опиша како „опасна нацистичка партија”. На платформата Х политичарот од ЦДУ оцени дека АфД не се потпира на Уставот. „АфД не е конзервативна партија, а уште помалку е ориентирана на вредности”, заклучи Вист.

Шефот на ЦДУ, Фридрих Мерц, во емисијата на АРД „Карен Миозга” во неделата предупреди од паушална осуда на гласачите на АфД.

„Ако сакаме да ги повратиме гласачите, не смееме да ги навредуваме. Сигурно има луѓе до кои веќе не допираме„, но „нацистичките стрели не помагаат многу ако сакаме да го решиме проблемот”, рече тој.

Шефот на ЦДУ, Фридрих Мерц, предупреди од паушална осуда на гласачите на АфДФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Благодарност и од преживеаните од Холокаустот

Меѓународниот комитет Аушвиц им се заблагодари на луѓето за протестите. „Преживеаните од Холокаустот се благодарни на сите оние кои деновиве излегуваат на улица против омразата и лагите на десните екстремисти. Тие демонстрациите ги доживуваат како моќен знак на граѓаните и заживување на демократијата на кое долго се надеваа и што одамна го очекуваа”, соопшти извршниот потпретседател Кристоф Хојбнер.

Келн: Илјадници луѓе протестираа против десничарската АфД

00:54

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми