1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: „Странците надвор“ - вознемирувачко видео

25 мај 2024

Во видео од ноќен клуб на германскиот остров Зилт, пет млади луѓе извикуваат десничарски слогани, згрозувајќи ги политичарите. Реагираа и сопственикот на клубот и полицијата, а случајот е под истрага.

Ресторани на островот Зилт, Германија
Ресторани на островот Зилт, ГерманијаФотографија: Schoening/picture alliance

Видеото кое сега предизвика голема вознемиреност, вклучително и во политички Берлин, трае само 15 секунди. На него се прикажани млади луѓе на терасата на скап бар на островот Зилт во Северното Море. Снимено е за време на навидум пријатна летна вечер, а во позадина се гледа првиот самрак. Младите мажи носат скапа облека. Танцуваат и петмина викаат:  „Германија на Германците, странците надвор“. И барем еден од нив го покажува поздравот на Хитлер. Тој, исто така, држи два прста меѓу горната усна и носот, алудирајќи на мустаќите на Хитлер.

Сопственикот на ноќен клуб: „Овде сите се добредојдени!"

Веќе во четвртокот на Инстаграм се огласи дискотеката „Пони“ од луксузното место Кампен на Зилт и се огради од видеото. Видеото е снимено во нивниот ноќен клуб, без знаење на сопственикот. „Длабоко сме шокирани“, напиша сопственикот Тим ​​Бекер. „Кај нас секој гостин, без разлика на етничката припадност е топло добредојден." Клубот сега ги знае имињата на луѓето од видеото. „Ќе го пријавиме ова одвратно однесување и ќе ги искористиме сите законски можности."

Островот Зилт се наоѓа близу германско-данската граница и е најголем севернофризиски островФотографија: Burkhard Schubert/Geisler-Fotopress/picture alliance

Сопственикот на ноќниот клуб „Пони“, Тим Бекер, сега стравува дека инцидентот негативно ќе се одрази на угледот на неговиот бар и на целиот остров. Бекер за новинската агенција ДПА изјави дека во иднина ќе ги охрабрува гостите да ги пријавуваат расистичките инциденти  на редарите. Овој инцидент го погодува целиот остров. „Сите се тажни што се случи ова“, рече Бекер. Според неговото мислење, на петте лица инволвирани во инцидентот не само што ќе им биде доживотно забранет влез во „Пони“, туку воопшто не треба да се појавуваат на Зилт. „Имаме многу пријатели меѓу угостителите“, вели тој.

Полицијата започна истрага

Надлежната полиција во Фленсбург, на германско-данската граница, добила информација за видеото во четвртокот вечерта. Видеото веројатно е снимено пред нешто повеќе од една недела. Арне Хениг, портпарол на полицијата во Фленсбург, изјави за ДВ: „Постојат основани сомнежи за поттикнување омраза и  употреба на симболи на забранети организации.  На видеото се гледа како едно лице ја крева десната рака“. Истрагата за овој случај веќе е во полн ек.

Шолц: „Ова е одвратно“

Во петокот, веста за видеото стигна до политички Берлин, предизвикувајќи одвратност сѐ до сојузната влада. „Ваквите пароли се одвратни. Тие се неприфатливи!", им изјави германскиот канцелар Олаф Шолц (СПД) на новинарите во петокот во Берлин.

Тој истакна дека во врска со тоа не може да има сомнеж.

Во разговорот со новинарите од „Медиумската група Функе“, министерката за внатрешни работи Ненси Фезер (СПД) истакна: „Кој извикува нацистички слогани како ‘Германија на Германците - странците надвор', е срам за Германија“.

Министерката за внатрешни работи Ненси Фезер: Нацистичките слогани како „Германија на Германците - странците надвор“ се срам за Германија“Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Се поставува прашањето „дали овде станува збор за луѓе кои живеат во материјално изобилство, но целосно ги занемариле  вредностите на нашиот устав“, додаде Фезер.

Генералниот секретар на берлинската владејачка партија ФДП, Биџан Џир-Сараи рече: „Шокантно е да се види вакво нешто“. Ова е особено важно со оглед на актуелната дебата за тоа  како подобро да се заштити демократијата во Германија.

Знак на моралната запуштеност на богатите?

Вознемиреноста е дотолку поголема и затоа што баровите и ноќните клубови на Зилт се сметаат за место за средба на богатите уште од шеесеттите години. Многу деловни лидери, политичари, филмски и телевизиски ѕвезди имаат тука куќи. Очигледно е дека и младите од видеото се доста добро ситуирани. Дали и оваа социјална класа сега има проблем со  десничарските и ксенофобични ставови?

Овој сомнеж се гледа и во изјавите на локалните политичари од сојузната покраина Шлезвиг-Холштајн кои го коментираа видеото. Така, министерката за образование на оваа сојузна покраина, Карин Прием (ЦДУ), рече дека тоа е „знак на запуштеност на богатите“. Министерката за интеграција Амината Туре (Зелени) за Редакциската мрежа РНД изјави: „Ова не е детска шега, туку најлошото нацистичко дерење на возрасни луѓе на отворена сцена. Одвратно и гнасно. Тие треба да се засрамат! Сега мора да следуваат кривични истраги."

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми