1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија свртува во десно? АфД силна колку владејачката СПД

Сабине Кинкарц
2 јуни 2023

Кога оваа недела би биле избори во Германија, 18 проценти од бирачите во Германија би гласале за десно популистичката АфД. Зошто? Одговори пружа испитувањето на јавното мислење „Дојчланд тренд“.

Плакат на АфД Германија
Плакат на АфДФотографија: Revierfoto/dpa/picture alliance

Граѓаните на Германија никогаш не биле толку незадоволни од сојузната влада и трите партии кои ја сочинуваат, Социјалдемократи (СПД), Зелени и Либерали (ФДП): две третини од испитаниците се сомневаат дека Германија со сегашната влада е во вистински раце, а само секој петти граѓанин позитивно ја оценува владејачката коалиција.

Тоа произлегува од актуелното испитување на јавното мислење „Дојчланд тренд“, кое редовно го спроведува институтот Инфратест-димап на репрезентативен примерок, а на барање на германскиот јавен сервис АРД. Анкетирани се околу 1300 Германци и тоа на 30 и 31 мај 2023 година.

ЦДУ/ЦСУ најсилни, но послаби од минатиот месец

Од незадоволството на граѓаните од владата, профитира првенствено десно-популистичката Алтернатива за Германија (АфД). Во споредба со испитувањето од минатиот месец, таа е засилена за два проценти и кога сега би се одржале избори, би освоила 18 проценти од гласовите. Со тоа на второ место според популарноста се изедначи со владејачката СПД, а е зад ЦДУ/ЦСУ, кои би освоиле 29 проценти гласови.

Зелените и натаму губат и паднаа на 15 проценти, што е најлош резултат од сојузните избори во септември 2021 година. ФДП останува на седум проценти, опозиционата Левица би освоила помалку од пет проценти и така не би го поминала цензусот.

Зошто расте популарноста на АфД?

Испитувачите на јавното мислење овој пат посебно внимание посветиле на симпатизерите на АфД и ги прашале зошто гласаат за таа партија. Од одговорите се гледа дека кај мнозинството станува збор за незадоволство од политиката на актуелната влада.

Големо мнозинство (67 %) наведува дека би гласале за АфД зашто се разочарани од другите партии. Само една третина (32 %) наведува дека се убедени во политиката на АфД. 

Одбивање на бегалци

Освен тоа, анкетираните се прашани кои теми им биле клучни за изборот на АфД. Две третини изјавиле дека најважен им е критичкиот став на АфД кон доселувањето на странци. За 47 проценти биле важни актуелните дебати за заштита на животната средина, климата и снабдувањето со енергија, а за 43 проценти се важни економските прашања.

Енергијата и греењето на системи на обновливи енергии е тема која ги поларизира ГерманцитеФотографија: Rupert Oberhäuser/picture alliance

Партиите од владејачката коалиција веќе со месеци се караат околу системите за греење кои подобро би ја штителе климата. Министерот за економија Роберт Хабек (Зелени) сака да воведе пропис според кој од 2024 година би смеело да се вградуваат само системи кои користат најмалку 65 проценти енергија од обновливи извори.

Населението очигледно е поларизирано од тоа што државата преминот на системи кои помалку ѝ штетат на климата сака да го регулира и со забрана за греење на гас и нафта: 45 проценти анкетирани сметаат дека таа забрана во принцип е правилна, а 49 проценти се против. Воедно, 67 проценти стравуваат дека планираните мерки за замена на системите за греење би можеле да ги пречекорат нивните финансиски можности.

АфД жестоко ги критикува „зелените“ министри Аналена Бербок и Роберт ХабекФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Кавгата околу греењето ѝ штети на владејачката колаиција

Расправиите и кавгите меѓу партиите во владејачката коалиција и со опозицијата донесоа сѐ друго, само не јасност и сигурност. Мнозинството смета дека е лошо информирано како треба да изгледа преминот на други системи на греење.

Падот на популарноста на министерот за економија Хабек продолжи и натаму, само 23 % анкетирани биле задоволни од неговата работа, седум проценти помалку отколку пред еден месец.

Соларни керамиди наместо фотоволтаични панели

01:09

This browser does not support the video element.

Четири петтини од граѓаните сметаат дека на партиите од владејачката коалиција им е потребно премногу време за решавање на горливите проблеми. Исто толку од нив мислат дека сојузниот канцелар Олаф Шолц би требало да дава јасни смерници во владата, а тоа го мисли и големо мнозинство симпатизери на СПД.

Борбени авиони за Украина?

Шолц го обвинуваат зе неодлучност посебно кога е во прашање испораката на оружје на Украина.На самитот на Г7 во јапонскиот град Хирошима повеќе западни земји, меѓу кои и САД, најавија спремност на Украина да ѝ испорачаат борбени авиони Ф-16.

Украина изрази желба и за германски борбени авиони од типот Јурофајтер, но мнозинството германски граѓани и натаму се противи на испорака на германски авиони, само 28 % тоа го сметаат за добро, а 64 % се против.

Лоша е и оценката на германските дипломатски напори во врска со војната во Украина – малку повеќе од половината (55 % ) смета дека напорите не се доволни. Непроменет е и ставот кон санкциите против Русија, 42% проценти сметаат дека постојните санкции би можеле да се заострат.

 

Сабине Кинкарц новинарка на ДВ
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми