1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Автомобили и мобилностГерманија

Германија: трепкачи и за велосипедите

СН/агенции | АРД
4 јануари 2024

Германското министерство за транспорт планира да дозволи индикатори за насока, познати како трепкачи или разговорно како жмигавци, и за класичните велосипеди. Причина се големиот број сообраќајни незгоди.

Велосипедистите во Германија во иднина ќе имаат можност да инсталираат трепкачи на своите велосипеди
Велосипедистите во Германија во иднина ќе имаат можност да инсталираат трепкачи на своите велосипедиФотографија: Sebastian Gollnow/dpa/picture alliance

Во Германија, велосипедистот е должен да сигнализира со рака при вртење, а токму тоа е проблемот - особено кај велосипедите кои се поддржани од електричен мотор и се движат со 45 километри на час.

Така, од Министерството за транспорт ја коментираат веста дека наскоро ќе бидат дозволени трепкачи за сите видови велосипеди, без разлика дали имаат или немаат мотор.

Правилото треба да се воведе наскоро, потврдуваат од Министерството, но нема да има обврска за воведување трепкачи туку само можност.

Како што објаснуваат, особено при поголеми брзини, кревањето на едната рака од управувачот на велосипедот може да доведе до нестабилност.

Според последните достапни податоци, во 2022 година во Германија животот го загубиле 474 лица возејќи велосипед.

За велосипеди како овој теоретски е дозволено да имаат трепкачи и денесФотографија: Frank Rumpenhorst/dpa/picture alliance

Потребно е особено навечер

Според сегашните прописи, трепкачите се дозволени само на трицикли или на широките товарни велосипеди. Дозволени се и на оние кои наликуваат на рикши, односно чија конструкција е таква што може да се тргне раката на велосипедистот кога ќе дава знак дека ќе сврти.

Генералниот германски велосипедски клуб (АДФЦ) го поздравува фактот оти ќе бидат дозволени трепкачи. Нивниот правен експерт Роланд Хун изјави дека електронските трепкачи се многу позабележливи од раката, особено навечер.

Тој за весникот Рајнише пост додаде дека рацете често треба да бидат на сопирачката при вртење. Хун вели дека повеќето несреќи се случуваат кога велосипедите вртат лево.

Недавањето знак чини десет евра

Според германскиот закон, недавањето знак со рака при вртење се смета за прекршок. Додуша казната е тривијална - десет евра. А, ако дојде до несреќа се плаќаат само 35 евра.

Во продажба има многу видови трепкачи за велосипеди, може да се најдат од околу петнаесет евра. Обично, самите индикатори за насока се монтираат зад седлото, а малата контролна табла поврзана со нив е поставена на воланот.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми