1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Германија вети нова голема воена помош за Киев

СН/агенции
13 мај 2023

Контраофанзивата на Украина против руските окупатори очигледно е пред почеток. Киев нагласува колку е важна натамошната воена поддршка за тоа. Германија сега повторно вети испорака на воена опрема вредна милијарди.

Нови германски тенкови за Украина
Нови германски тенкови за УкраинаФотографија: BeckerBredel/IMAGO

Германската влада состави нов пакет за воена помош за Украина. Како што соопшти Министерството за одбрана во Берлин, помошта е во вредност од околу 2,7 милијарди евра, што е најголемиот пакет кој Германија го испорачала од почетокот на руската агресија во февруари минатата година.

„Со овој голем придонес за итно потребен воен материјал, уште еднаш покажуваме дека Германија сериозно дава поддршка“, рече министерот за одбрана Борис Писториус.

Како што е најавено, ќе има триесет тенкови „Леопард“, дваесет пешадиски борбени возила „Мардер“, над двесте извидувачки беспилотни летала, четири системи за воздушна одбрана „Ирис-Т“, над сто помали оклопни возила и муниција.

Германскиот министер за одбрана, Борис ПисториусФотографија: Jens Krick/Flashpic/picture alliance

Овој пакет е најголемиот кој Германија го испратила од почетокот на рускиот напад на Украина.

Воените аналитичари особено ја нагласија вредноста на модерната воздушна одбрана (ПВО) и на германските системи „Ирис-Т“, како и за останатите, како што е „Патриот“.

Михаило Подољак, советник на украинскиот претседател, денеска ја поздрави ваквата најава од Берлин, со оценка дека Русија е „осудена да ја загуби“ војната.

Оваа помош „директно покажува дека... Русија е осудена да загуби“, напиша тој на Твитер, поздравувајќи ја оваа „демонстративна“ поддршка на западните сојузници за Украина по 15 месеци војна.

Се тврди дека контраофанзивата на Киев, исто така, е одложена додека се чекаат подобри временски услови и повеќе западно оружје, но дека таа би можела да започне наскоро.

Украина побара од своите сојузници оружје со долг дострел, млазни авиони и муниција пред контраофанзивата.

Германија првично не сакаше да испрати тешко оружје во Украина за да ѝ помогне да се соочи со руската инвазија, плашејќи се дека тоа може да придонесе за ескалација на конфликтот. Но, Берлин во јануари се согласи да ги испрати своите тенкови „Леопард“ и рече дека ќе работи со сојузниците за да се испрати повеќе помош.

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми