1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија во потрага по нова стратегија во нестабилен свет

30 декември 2025

САД, Украина, Кина, Блиски Исток - ова се времиња на превирања ширум светот, а Германија се бори да го одржи чекорот со глобалните политички промени.

Германија Берлин 2025 | Фридрих Мерц и Јохан Вадефул на 27-та пленарна сесија во Бундестагот
Министерот за надворешни работи Вадефул (лево, на сликата со Фридрих Мерц) предупреди дека Русија и Кина се обидуваат да го преработат меѓународниот поредокФотографија: Andreas Gora/IMAGO

Основниот проблем на надворешната политика за германската влада неодамна го сумираше историчарот и политиколог Херфрид Минклер: „Либералниот идеализам за меѓународен поредок заснован на правила се покажа како илузија.“

Канцеларот Фридрих Мерц се жали дека поредокот заснован на правила денес не е доведен во прашање само од авторитарни политички системи. „За жал, тоа важи и за Америка“, рече Мерц мислејќи на претседателот Доналд Трамп. Најновиот американски стратешки документ (Национална стратегија за безбедност) со остра критика кон европските сојузници и ЕУ го потврди овој впечаток.

Збогувањето на САД од Европа веќе започна

Најголемата грижа во германските политички и воени кругови е дека САД се оддалечуваат од Европа во безбедносната политика. Тоа веќе изгледа како да е во полн ек.

На почетокот на декември генерал Кристијан Фројдинг, еден од највисоките германски генерали, во интервју за американското списание „The Atlantic“ изјави дека директниот контакт со неговите американски соговорници во меѓувреме е „пресечен“.

Порано директната комуникација била можна „ден и ноќ“. Недостигот на брзи канали за комуникација за него е „алармантен знак“, особено со оглед на можен руски напад врз источните НАТО-држави.

САД и Трамп како нов предизвик за германската дипломатија

Европејците ја чувствуваат непосредно оддалеченоста на САД во врска со Украина. Трамп инсистира на мир кој многу би одговарал на барањата на рускиот претседател Владимир Путин.

Хенинг Хоф од Германското друштво за надворешна политика за ДВ вели: „Ако дојде до тоа Американците да се повлечат, притисокот врз Европејците да бидат способни за дејствување и да изградат силна противтежа уште повеќе ќе се зголеми.“

Мерц побарал од Трамп да изврши поголем притисок врз Путин

01:16

This browser does not support the video element.

Мерц, заедно со францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер, се обидува да се спротивстави на опаѓањето на американската поддршка. „Никој не треба да се сомнева во нашата поддршка за Украина“, рече Мерц на една средба на оваа тројка во Лондон на почетокот на декември. Но сите тројца лидери се соочуваат со затегнати буџети, внатрешен политички притисок од десницата и опаѓање на јавната поддршка за Украина.

Германија стана молител на Кина

Во односите со Кина, Германија моментално се обидува да поправи нарушени врски. Министерот за надворешни работи Јохан Вадефул есента ја откажа посетата на Кина кога стана јасно дека кинеската страна нема да му понуди важни соговорници освен неговиот колега.

Неговата критика за „сè поагресивното однесување“ во Тајванскиот Теснец и во Источното и Јужното Кинеско Море предизвика бесна реакција во Пекинг. Вадефул ја реализираше посетата во декември, а претходно вицеканцеларот Ларс Клингбајл се обиде да ги смири тензиите.

Кина е премногу важен трговски партнер за Германија за да се остане во конфронтација. Особено поради речиси монополската позиција на Кина во снабдувањето со ретки метали, германската индустрија е многу зависна од кинеските испораки.

Кина е подготвена да го освои европскиот пазар на автомобили

00:53

This browser does not support the video element.

Берлин како помалку важен играч во кинеската стратегија

„Односот на силите се промени“, објаснува Хенинг Хоф: „Кинезите се многу успешни во тоа да станат лидери во многу технолошки области и да заземат позиции кои традиционално ги имала германската индустрија. И во таков момент Германија веќе не е толку важна.“

За почетокот на 2026 година конечно е планирана посета на канцеларот Мерц на Кина.

Критичка солидарност со Израел

„Дојдов како пријател на Израел, кој знае дека пријателството меѓу Германија и Израел е бескрајно вредно и драгоцено“, рече Мерц при посетата на Израел во декември. Овие топли зборови не беа сами по себе разбирливи за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Во август Мерц ја суспендираше испораката на оружје за Израел кое би можело да се користи во Појасот Газа. Во ноември ја укина забраната и го отвори патот за својата прва посета.

Тврдиот воен одговор на Израел во Газа по терористичкиот напад на исламистичкиот Хамас врз Израел во октомври 2023-тата ја стави германската влада „пред неколку дилеми“, како што рече Мерц во присуство на Нетанјаху. Германија сака да се залага за безбедноста на Израел, меѓу другото и поради одговорноста од Холокаустот, но сака и да критикува каде што смета дека е неопходно.

Во неколку точки двете влади се сосема спротивставени, како на пример кога германската страна инсистира на целта за решение со две држави – палестинска и израелска. „Целта на палестинската држава е да го уништи единствениот еврејски државен ентитет“, вели Нетанјаху.

Денот кој го промени Блискиот Исток

02:23

This browser does not support the video element.

Нетанјаху не доби покана за Германија, бидејќи против него постои налог за апсење од Меѓународниот кривичен суд, а германската влада би била обврзана да го уапси. Во Берлин сакаат да избегнат ситуација, вели Шиндлер, „каде што мора да кажеме: Добро, од дипломатски причини не можеме да го уапсиме г. Нетанјаху, не сакаме ни да го направиме тоа, но не сакаме ни да го оштетиме Меѓународниот кривичен суд.“

Европа ја губи улогата на посредник на Блискиот Исток

Како посредник во блискоисточниот конфликт германската влада, како и ЕУ, во голема мера отпадна, вели Шиндлер: „Јасно е дека и Палестинците и Израел гледаат кон Вашингтон како централен посредник, а не кон Европа.“ Европа ќе има важна улога во обновата на Газа и хуманитарната помош, „но како централен посредник Европа во последните десет години навистина се повлече.“

Мерц, канцелар за надворешни работи

Канцеларот од самиот почеток стави акцент на надворешната политика. Поради многуте патувања во странство, делумно подбивно го нарекуваа „канцелар за надворешни работи“.

„Вкупно може да се зборува за одредено оживување“, оценува Хенинг Хоф од Германското друштво за надворешна политика. Но, додава: „Берлинската надворешна политика сè уште е премногу бавна за да реагира на новата светска ситуација.“

Сепак, планирана е реформа на Министерството за надворешни работи, а комисија ќе се занимава со прашањето за зависноста од Кина. „Сето тоа е добро, но доаѓа две, три, четири, пет години предоцна. И ако не успееме да внесеме повеќе брзина, ќе биде тешко.“

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик

Кристоф Хаселбах Новинар, дописник од странство и коментатор на меѓународната политика
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми