1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТероризамГерманија

Колку е голема терористичката закана во Германија?

8 декември 2023

Поради војната меѓу Израел и Хамас, германските власти се соочени со „комплексна ситуација на безбедносна закана“. Некои аналитичари предупредуваат од преувеличување на опасноста од терористички напади.

Берлин, октомври 2023 година: Војната меѓу Израел и Хамас предизвика бројни протести во европските градови
Берлин, октомври 2023 година: Војната меѓу Израел и Хамас предизвика бројни протести во европските градовиФотографија: Michael Kuenne/PRESSCOV/ZUMA/picture alliance

Неколку изолирани инциденти од висок профил придонесоа политички мотивирано насилство да се најде на врвот на агендата на безбедносните служби во Германија. Стравот повторно се јави откако германски турист минатата недела беше смртно ранет во Париз од страна на маж со криминално досие, ментална болест и нешто што истражните органи го нарекоа симпатии за т.н. Исламска држава.

Иако е независно од овој инцидент, временски се поклопува и апсењето на тројца млади мажи од страна на германските власти заради сомневања дека планирале напади на Божиќни панаѓури. Вестите ги оживеаја сеќавањата на 2016 година кога еден маж - исто така со наводни симпатии за Исламска држава (ИД) – со камион го нападна Божиќниот панаѓур во Берлин. 13 лица беа убиени, а напаѓачот беше подоцна застрелан во Италија од страна на тамошните власти.

Заради серија странски и домашни чинители, Германија актуелно се соочува со „комплексна и латентна ситуација на закана заради паралелни кризи," во соопштение посочува Томас Халденванг, првиот човек на Службата за заштита на уставниот поредок.

Не-државните закани кои најмногу ги загрижуваат службите, имено насилните исламисти и белите врховисти, не се нова појава, но Халденванг смета дека големиот напад на Хамас врз Израел е катализатор за поголемата чувствителност на безбедносната состојба. Воената реакција на Израел, во која според податоци на здравствените власти од Газа се убиени повеќе од 17 илјади лица предизвика големи протести и политички поделби во европските општества.

Томас Халденванг, претседател на Службата за заштита на уставниот поредок на ГерманијаФотографија: Christoph Soeder/dpa/picture alliance

Да се класифицира заканата

Тероризмот е вид на политички мотивирано криминално дело, па тешко може директно да се направи соодветна проценка на таквата закана. Германската полиција до почетокот на неделава имаше регистрирано 4.200 криминални дела поврзани со настаните на Блискиот Исток од 7 октомври наваму, кога Хамас уби 1.200 лица во Израел. Бројката е резултат на дневните пријави и дава само груба претстава за вистинската состојба во Германија, според податоците ставени на располагање за ДВ од страна на сојузната полиција.

Потемелна, временски одложена анализа бројката ја преполовува на околу 2 илјади политички мотивирани криминални дела во тој период. Заради разлики во методологијата, портпарол на сојузната полиција рече дека двете цифри „не се споредливи“.

„Бројот на случаи за политички мотивирани криминални дела во 2023 е провизорен и предмет на постојани промени“, додава портпаролот.

 Антисемитски мотиви сојузната полиција припишува на помалку од половината од 2те илјади дела, при што се опфатени од вербални закани до оштетување на имот. Спорно е што се опфаќа „антисемитизам“, па портпаролот на полицијата за ДВ посочува и дека е тешко да се разликува меѓу мирни демонстранти кои ги користат своите основни права и насилни екстремисти кои може да бидат закана за јавниот ред и мир.

Наспроти портпаролот, шефот на Службата за заштита на уставниот поредок помалку двосмислено рече дека „сите форми на поттикнување анти-израелско или анти-семитско нетрпение“ се предмет на активности на германските безбедносни служби.

Токму таквата широка опфатеност може да е причина за високиот степен на политички мотивирани дела кои властите ги имаат регистрирано во изминатите недели. Истовремено низ таква мрежа поставена да лови примарно религиски екстремисти и анти-семитски лица „увезени“ од арапскиот свет, може да се проврат други потенцијални сторители. Во Париз на пример, истражителите испитуваат дали наводни антисемитски графити се поврзани со руските тајни служби или организиран криминал од Молдавија.

Како во Германија се реагира на теророт во Израел

01:38

This browser does not support the video element.

Во „треска“ за ред и мир

Од средината на 2022 година до сега сојузната полиција пријавила нешто повеќе од илјада лица од интерес во врска со исламистички тероризам. Таа надгледува неколку стотици лица во крајно десната сцена и неколку во крајно левата. Тоа се луѓе за кои властите сметаат дека имаат потенцијал да извршат или поддржат политички мотивирани злодела.

Актуелните безбедносни стравувања значително ги надминуваат ваквите категории на закана, заради што политичките синдикати и политичките партии бараат поголема безбедност и поголема демонстрација на сила, како и построги закони кои најмногу би ги погодиле имигрантите и малцинските групи. Експерти предупредуваат дека таквите чекори не се по секоја цена базирани на издржани податоци.

„Мерките кои сега се бараат се чист популизам за да се истуркаат построги закони и расистичка политика“, вели за ДВ, Александер Бош, истражувач на безбедноста при Берлинската школа за економија и право.

„Едноставно нема објективна потреба од нив. Тешко дека германската држава е слаба“, вели Бош и додава дека Германија е земја во која безбедноста е на високо ниво.

Да се прави разлика меѓу субјективното чувство на безбедност и реалната закана е голем предизвик, особено во жестоки политички моменти.

Другиот предизвик е да се знае разликата меѓу „зборови и дела“, вели за ДВ Јонас Груцпалк, домашен аналитичар на безбедносните состојби за Polizei.Wissen, платформа на ресурсите за спроведување на правото.

„Внатрешните служби веројатно забележуваат фактички гнев во сцените кои ги држат под надзор,” вели тој. „Никогаш не можеме точно да знаеме кога тој гнев ќе се манифестира вербално, а кога ќе прејде во насилни дела," додава тој.

Да може да се направи разлика, ќе може да се одреди дали, или кога безбедносните служби треба да преземат акција. Но, до тогаш може да е веќе доцна. Ова ја ограничува полицијата, без разлика на моќта и на ресурсите кои законите ѝ ја даваат. „Да одвратиш терорист е една работа, но да превенираш некој да стане терорист е сосема друга," вели Груцпалк. Тој се надева дека мерки во заедницата, а не само зголемената безбедност, се на агендата за овонеделната конференција меѓу покраинските министри за внатрешни работи и сојузната министерка.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми