Признавање на Палестина: Германија во дилема
22 септември 2025
Пред седницата на Генералното собрание на ОН, неколку западни земји објавија одлука за признавање на Палестина како држава. Целта е да се изврши притисок врз Израел за да стави крај на војната во Газа и да се поттикне нов мировен процес. Речиси 150 од 193-те членки на ОН веќе ја имаат признаено Палестина, но со Франција, Велика Британија и Канада, сега веќе и водечки сили од Г7, групата на седум најразвиени западни индустриски земји, би биле дел од нив. САД пак, категорично го отфрлаат признавањето, исто како и Израел. Премиерот Бенјамин Нетанјаху смета дека признавањето е „награда за теророт“ на радикално-исламистичката организација Хамас. За Палестинските автономни власти признавањето на државата од страна на толку важни држави би претставувало престиж и дипломатски пораз за Израел, особено за време на ескалацијата на конфликтот во Газа.
Нереален предуслов решение со две држави
Од страна на германската влада во Берлин таков чекор „краткорочно" нема да има. „Нема да се придружиме на оваа иницијатива“, наведе канцеларот Фридрих Мерц од конзервативната ЦДУ во август годинава за време на посетата на канадскиот премиер Марк Карни. Образложението на Мерц беше од формална природа. „Моментално не гледаме предуслови за признавање на државата на каков било начин“, посочи канцеларот. Признавање, според Мерц, треба да биде последниот чекор во мировен процес што води кон решение на конфликтот со две држави. Проблемот е што решение со две држави нема на повидок. По масакрот од страна на радикалната исламска терористичка организација Хамас во Израел на 7 октомври 2023 година и последователната израелска воена акција во Појасот Газа, која сè уште е во тек, шансите да се случи тоа се практично нула. Затоа критичарите забележуваат дека германската влада таквиот нереален услов за признавање го користи за да избегне да донесе одлука.
Солзите на Фридрих Мерц
Германската влада во врска со Израел/Палестина се соочува со посебна дилема. Со оглед на милионите Евреи убиени за време на националсоцијализмот, таа се чувствува особено одговорна за безбедноста на Израел и дури го прогласи ова прашање за „државен резон“. За канцеларот тоа очигледно не се само зборови. Во говорот по повод повторното отворање на синагогата во Минхен, која била уништена од нацистите, на Мерц му наидоа солзи кога рече дека „од 7 октомври, доживуваме - вие доживувате - нов бран на антисемитизам во стари и нови форми; очигледен и едвај прикриен, со зборови и дела; на социјалните медиуми, на универзитетите, во јавниот простор“.
Тоа го засрамува, рече Мерц, видливо трудејќи се да остане сталожен. Тој ѝ објави војна на секоја форма на антисемитизам во Германија. Сепак, канцеларот ја разликува борбата против антисемитизмот од проценката на политиките на Израел и, пред сè на военото постапување во Појасот Газа. Тоа Мерц остро го критикуваше во друга прилика и како последица летоска го запре целиот извоз на оружје што Израел би можел да го користи во војната во Газа. На церемонијата по повод 75-годишнината од основањето на Централниот совет на Евреите во Германија, Мерц рече дека „критиката кон политиките на израелската влада мора да биде можна; можеби дури е и неопходна. Несогласување по ова прашање не е нелојалност спрема нашето пријателство“, потенцираше Мерц.
Притисокот на домашен терен и од надвор
Но, притисокот врз германската влада да заземе поцврст став се зголемува. Притисок има на пример од ЕУ. Еврокомесарката за надворешна политика, Каја Калас, бара Германија да учествува во санкциите против Израел. Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, предлага ЕУ да ги суспендира трговските бенефиции за Израел.
Јенс Шпан, лидерот на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот, се потсетува на најтемното поглавје во германската историја. „Какви ќе бидат последиците? Не купувајте веќе од Евреи? Тоа сме го имале веќе еднаш“, рече тој на јавниот сервис ЗДФ, алудирајќи на нацистичките повици за бојкот на еврејски бизниси во 30-тите години од минатиот век.
Кога станува збор за темата за Израел и Газа, токму во Германија „рамнотежата брзо се губи и се врти кон антисемитизам“, предупреди Шпан. Но и на внатрешно-политички план притисокот врз владата се зголемува. Социјалдемократите во коалициската влада може да си замислат санкции. Опозициските Зелени одат уште подалеку, па ко-претседателката Франциска Брантне за новинската агенција ДПА вели дека Мерц и министерот за надворешни работи Јохан Вадефул (исто така од ЦДУ) мора да одлучат „дали се на страната на силите кои се залагаат за мир за сите луѓе во Израел и во Палестина? Или пасивно ќе сведочат како една во делови десно екстремна израелска влада, продолжува да беснее во Газа и перспективата за мир и ослободување на заложниците, ја прави сè подалечна?“ И сојуз од десетици организации од граѓанското општество, исто така со петиција бараат од германската влада на критиките кон Израел да следат дела.
Анкета: Мнозинството во Германија е за признавање на Палестина
Признавањето на Палестина е друго прашање. Се чини дека канцеларот има цврст став, кој оди контра мнозинството од германското население. Во анкета на Форса од почетокот на август, 54 проценти од испитаниците се изјасниле „за“ признавање на Палестина како држава, додека 31 процент биле „против“. Фронтот на држави во Обединетите Нации што одбиваа признавање, се намалува. Со тоа што блиските сојузници на Германија, како Франција, Обединетото Кралство и Канада сега преоѓаат на другата страна, Берлин ќе се најде уште подлабоко во дефанзива. На страната на Германија остануваат особено САД, што не ја олеснува нужно работата за германската влада на дипломатски план со оглед на контроверзниот претседател Доналд Трамп. САД, каде што се наоѓа седиштето на ОН, му забрануваат влез на Махмуд Абас, претседателот на Палестинските автономни власти. Доколку разни западни земји сега ја признаат Палестина како држава, Абас нема да има можност за настап во Њујорк.