1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија забрзано старее и бројчено се намалува

Сабине Кинкарц
25 февруари 2026

Германија се соочува со нагло стареење и пад на населението, бидејќи ниската наталитетна стапка и ограничената интеграција на доселениците не го надоместуваат демографскиот пад.

Старци - жена со количка и маж со бастун шетаат низ парк
Како може некој да остане независен што е можно подолго, дури и во старост?Фотографија: Fabian Sommer/dpa/picture alliance

Германија влегува во период на забрзано стареење и намалување на населението. Најновите проекции на Сојузниот завод за статистика покажуваат дека земјата се движи кон критичен пресврт: наталитетот е далеку под нивото потребно за одржување на населението и дури ни зголемената миграција не може да го спречи падот.

Според податоците, секоја жена во Германија статистички донесува на свет 1,35 деца – бројка значително пониска од неопходните 2,1 деца за  стабилна демографска структура. Во 2025 година биле родени околу 650.000 деца, додека годишно умираат приближно еден милион луѓе. На 31 декември 2025 година, во земјата живееле 83,5 милиони жители, што е 100.000 помалку од претходната година.

Желбата за деца постои – животните услови ја спречуваат реализацијата

Иако мнозинството млади меѓу 19 и 29 години изразуваат желба за повеќе деца – со хипотетичка наталитетна стапка од 2,4 – реалноста е поинаква. Директорката на Сојузниот институт за истражување на населението, Катарина Шпис, објаснува дека несигурноста, економските притисоци и низа кризи ги одложуваат или спречуваат родителските планови.

На тоа се надоврзуваат хронични проблеми како недостиг на достапни станови, растечки трошоци за живот и недоволно згрижување на децата, како и страв од финансиски пад на стандардот поради намалување на работното време.

Сè погласни се изјавите дека „во  Германија  веќе не може да си дозволиш дете“.

Населението старее, „беби-бумерите“ си заминуваат во пензија

Додека бројот на деца и млади се намалува, бројот на луѓе во старосни групи над 80 години драматично расте. „Беби-бум“ генерациите родени во 1960-тите години масовно  излегуваат од категоријата работна сила и преминуваат во пензија – секоја од тие генерации има повеќе од еден милион родени.

Веќе денес, на 100 лица во работоспособна возраст доаѓаат 33 лица над 67 години. До 2035 година, секој четврти жител ќе го надмине традиционалното пензиско доба. До 2050 година, бројот на лица над 80 години ќе се искачи од сегашните шест на девет милиони.

Социјалниот систем под огромен притисок

Економските и социјални експерти предупредуваат дека  германскиот социјален модел  станува неодржлив. „Имаме ниска наталитетна стапка, а систем што се однесува како таа да е висока“, предупредува Карстен Лумер од Сојузниот завод за статистика. Промените требало да се направат одамна, сметаат експартите.

Можат ли роботите за нега да го надоместат недостигот од работници?Фотографија: Christof Stache/AFP/Getty Images

Околу 40% од лицата над 80 години се во некој облик на потреба за грижа и нега. Со растот на оваа група расте и потребата од работна сила во социјалната и здравствената заштита. Денес во амбулантна нега работат околу 280.000 лица, но до 2049 година ќе бидат потребни најмалку 690.000.

Миграцијата помага, но недоволно и премногу бавно

Иако Германија од 1990 година порасна за 11 милиони жители благодарение на миграцијата, интеграцијата во пазарот на трудот е бавна. Во 2015/2016 година и по 2022 година, поради кризите во Сирија и Украина, земјата забележа голем прилив на бегалци. Сепак, многумина доцна влегуваат на пазарот на труд, што ја намалува економската корист од миграцијата.

Според истражување на Институтот за пазар на труд, две третини од бегалците од 2015/2016 година денес работат, но кај украинските бегалци – од кои голем дел се жени – вработени се само околу 31%.

Многу од Украинците сакаат да останат

Во Германија денес живеат над еден милион Украинци, што ги прави втора најголема група по Турците. Истражувањата покажуваат дека 42% од нив планираат да останат долгорочно. Но, расте и несигурноста – особено кај младите, од кои многумина не се гледаат во Германија на долг рок.

 

Сабине Кинкарц новинарка на ДВ
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми