1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Зелено светло за легализација на канабисот

Тагесшау | ЕМФ
16 август 2023

Отворен е патот за планираната делумна легализација на канабисот во Германија. Владата даде зелено светло за соодветниот предлог закон. Новите прописи се жестоко критикувани од опозицијата и здруженијата.

Германија | Канабис-музеј во Берлин
Отворен е патот за планираната делумна легализација на канабисот во ГерманијаФотографија: Markus Schreiber/AP Photo/picture alliance

Германската влада го одобри предлог законот за делумна легализација на одгледувањето и консумирањето канабис. Предлогот на министерот за здравство Карл Лаутербах, меѓу другото, предвидува дека поседувањето на 25 грама канабис за возрасни приватни лица треба да се изземе од казнување. Покрај тоа, приватни лица можат сами да одгледуваат канабис, но најмногу три растенија.

Во нови здруженија, кои бројат до 500 членови, би требало да смее да се одгледува канабис за лична употреба. Притоа, ограничувањето за членовите треба да биде 25 грама дневно и 50 грама месечно. Сепак, покраините сами треба да одлучуваат дали ќе дозволат такви групи за одгледување канабис. Министерот за транспорт, Фолкер Висинг, сака да постави горни граници за консумирање на опојното средство додека се вози.

Остри критики од опозицијата 

По одлуката на владата, законот треба да помине и во Бундестагот и Бундесратот. Во претставништвото на покраините, меѓутоа, според наводи на Министерството за здравство, не мора да се гласа за законот. Министерството очекува тој да стапи на сила до крајот на годинава.

Околу предлог законот се водат големи дебати. Помеѓу владејачките партии и опозициската Унија (ЦДУ/ЦСУ), како и некои покраини предводени од Унијата, се полемизира околу тоа дали делумната легализација поттикнува консумација на канабис или самовго „извлекува од илегала“ консумирањето. Освен тоа, контроверзно е прашањето околу тоа дали има доволно превенција од ризикот од зависност, како и проблемот со можно дополнително оптоварување на судството.

Министерот за здравство Карл Лаутербах нагласи дека делумната легализација на канабисот може дури и да го растовари судствотоФотографија: Tobias Schwarz/AFP/Getty Images

ЦДУ стравува од „целосно губење на контролата“

Во пресрет на одлуката на владата, министерот за внатрешни работи на покраината Саксонија, Армин Шустер од ЦДУ, во изјава за медиумската мрежа РНД преудпреди од опасноста од „целосно губење на контролата“ што може да го предизвика планираниот закон. Во своите критики, демохристијаните првенствено укажуваат на поголем ризик за малолетниците и можно преоптоварување на судството и властите.

Во изминатите неколку недели политичарите на ЦДУ постојано предупредуваа на негативните ефекти - иако ограничени - од легализацијата на канабисот, со кои младите, како што вели заменик-шефицата на пратеничката група на Унијата, Доротее Бер, не се предупредуваат од консумирање дрога, туку се запознаваат со неа. За утринската програма на АРД и ЗДФ предупредување испрати и експертката на ЦДУ за здравствена политика, Зимоне Борхарт, која смета дека често се минимизираат опасностите од „почетната дрога“ канабис. Таа предупреди од штети по здравјето, особено за младите луѓе, бидејќи човечкиот мозок е целосно развиен дури на 25-годишна возраст.

Армин Шустер од ЦДУ предупредува од „целосно губење на контролата“Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Pedersen

Бушман го брани предлог законот

Министерот Лаутербах го промовираше предлог законот со строгите услови што тој ги содржи во однос на заштитата на младите и нагласи дека делумната легализација може дури и да го растовари судството, не само затоа што помалку прекршоци стануваат кривични дела, туку и финансиски. Неговото министерство очекува финансиско растоварување милијарди евра за органите за кривичен прогон, судовите и затворите.

Бум на производството на медицинска марихуана

03:13

This browser does not support the video element.

Сојузниот министер за правда Марко Бушман, во интервју за медиумската група „Функе“ исто така ги бранеше плановите на владата: „Многу сум уверен дека попрагматична политика за дрога ќе доведе до растоварување на судовите“. Приговорите на ЦДУ, кои ги дели и Германското здружение на судии, тој ги отфрла со аргументот „дека има општи политички резерви за овој проект“. Според Бушман, репресивната политика за дроги во изминатите децении „не го сопре консумирањето, турна безброј луѓе во криминал и создаде процутен пазар на црно“: „Мораме да го споиме реализмот со превенцијата“, побара политичарот од ФДП, повикувајќи се на насоките содржани во предлог законот, кои треба да гарантираат „образование и превенција“ на младите.

Ополномоштеникот за дроги бара повеќе средства за превенција

Еден од поддржувачите на предлог законот на Лаутербах е ополномоштеникот на германската влада за прашања на зависности и дрога, Буркхард Блинерт. Но, и тој смета дека заштитата на децата и младите се најважен основен предуслов. Затоа треба да се зголемат средствата за сеопфатна превенција. „Новата политика навистина ќе успее само ако од самиот почеток се разгледа и се имплементира централната компонента: превенција и поглед на дополнителна заштита на малолетниците“, предупреди Блинерт во изјава за „Цајт онлајн“. Тој додава дека детална превенција и едукација се неопходни во секое училиште. Но, ополномоштеникот за дрога исто така признава дека секоја форма на превенција има свои граници: „Да бидам искрен, училиште без дрога е истовремено сон и илузија, а сигурно не е реалност“.

Поседување на 25 грама канабис за возрасни приватни лица треба да се изземе од казнување, предвидува предлог-законотФотографија: Annette Riedl/dpa/picture alliance

Страв од „бирократија за надзор“

Не сите во редовите на владејачката семафор-коалиција ја поддржуваат делумната легализација на канабисот. „Ако има нешто што сега не ни е потребно, тоа е овој закон“, изјави сенаторот за внатрешни работи на Хамбург, Енди Гроте за НДР. Политичарот од СПД целосно се согласува со критиките од ЦДУ. „Искуствата од други земји покажуваат дека со легализацијата значително се зголемува потрошувачката - со сите ризици и несакани ефекти“, предупреди тој и изрази сомнеж дека нелегалната трговија со канабис може да се спречи со ограничена легализација. „Треба да се стравува од тоа дека нелегалниот канабис ќе биде многу баран поради повисоката ефикасност и пониските цени и дека овде ќе се измешаат црниот и легалниот пазар“, нагласи Гроте. Борбата против тој црн пазар и истовремената контрола на легалните здруженија за канабис се закануваат да дегенерираат во „обемна бирократија за надзор на канабисот“, предупредува Гроте.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми