1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто економијата мора постојано да расте?

22 ноември 2025

Германската економија стагнира. Додека повеќето политичари и економисти сакаат да го променат тоа, постои и поинаков став на оваа тема. Зошто воопшто и е потребен економски раст на земјата?

Тисен Круп
Германскиот концерн Тисен Круп веќе ја достигна границата на раст: се најавува отпуштање на илјадници работници и затворање на фабрикиФотографија: Rupert Oberhäuser/picture alliance

Критичкиот поглед на економскиот раст веќе се најде и во големиот речник на германскиот јазик, Дуден. Таму постои формулација „фетишист за раст, претставник на фетишизам за раст“.

Дебатата за тоа дали постојаниот економски раст е позитивна работа и каде може да го доведе светот ако се инсистира на него, започна во 1972 година кога „Римскиот клуб“ го претстави извештајот за „Границите на растот“.

Глобална катастрофа најдоцна до 2100 година?

Римскиот клуб е група на експерти од различни дисциплини од повеќе од 30 земји, основан во 1968 година. Во извештајот „Граници на растот“, првото сеопфатно и научно засновано истражување за иднината на планетата, експертите предупредуваат на проблемите со коишто може да се соочи светот којшто е фокусиран исклучиво на економскиот раст.

Под водство на американскиот економист Денис Медоус, истражувачки тим од 17 луѓе од познатиот Технолошки институт во Масачусетс (МИТ) спроведе сложени компјутерски симулации. Проекциите јасно покажаа дека „продолжувањето на досегашниот начин на водење на економијата“ нема да биде возможно без големи кризи.

Според една студија направена пред половина век, доколку човештвото продолжи да живее вака, може да се очекува нагло зголемување на светската популација. Резервите на суровини би биле исцрпени за неколку децении или нивното ископување би станало толку скапо што повеќе не би се исплатело. Долгорочниот индустриски раст тогаш ќе пропадне, а загадувањето на животната средина дополнително ќе го забрза колапсот. Катастрофата за глобалното општество би станала неизбежна најдоцна до 2100 година.

Центар на хемискиот концерн БАСФ во ЛудвигсхафенФотографија: Udo Herrmann/U. J. Alexander/imago images

Покрај тоа, како што се нагласува во студијата „Граници на растот“, техничкиот напредок не може да го запре таквиот развој - може да го пролонгира колапсот, но само ќе ги помести границите на растот, но нема и да ги укине.

Повеќе од 50 години подоцна, клиентите на продавницата „Булка“ во Гизинген, една од најстарите продавници за органска храна во Германија, размислуваат на сличен начин.

За Георг Рик, основачот и сопственикот на продавницата, тоа е сосема јасно: „Не е можен вечен раст. Тоа на сите им е јасно, бидејќи климата и биолошката разновидност се жртвуваат за растот на економијата“, вели тој.

„Просперитетот зависи од растот“

Ако за ова го прашате економистот Фолкер Виланд од Универзитетот Гете во Франкфурт, ќе наидете на неодобрување. Ваквиот став, според него, може да се спореди со мислењето дека „струјата доаѓа од штекерот“.

Идејата за откажување од економскиот раст не ја одобруваат и претприемачи како Андреас Видл. Тој е генерален директор на компанијата „Самсон АГ“ од Франкфурт, каде се произведуваат индустриски вентили. „Нашиот просперитет се заснова на растот од минатото“, тврди Видл. Според него, откажување од идниот раст не може да се замисли. 

Напротив, тој се потпира на раст и инвестира речиси 400 милиони евра во Офенбах. Компанијата таму ќе го пресели седиштето на фирмата, бидејќи старата локација во Франкфурт стана премала. За такви инвестиции, вели Видл, неопходен е раст.

Стапките на раст во постојан пад

Економскиот раст во Германија значително забави изминатите години: во 1950-тите стапката на раст беше осум проценти или повеќе, додека во 1980-тите беше околу два проценти.

Во последните две децении, стапката на раст беше само еден процент годишно, додека во 2023 и 2024 година забележан е дури и благ пад на економската активност.

Таа слабост, тврди директорот на „Самсон АГ“, може да биде опасна. „Големите компании инвестираат таму каде што веќе постои или се очекува раст. Ова создава надолна спирала што дополнително ги забрзува негативните трендови.

Стагнацијата на реалните плати е опиплива за сите

Ниту економистот Виланд не гледа позитивни страни во економијата којашто е во пад. „Ако нема раст, не може да се реализира дополнителна вредност за распределба“, објаснува поранешниот член на владиниот Совет на економски експерти, таканаречените пет мудреци. Резултатот е сè пожестока борба за распределба: „Кога државата со економија којашто опаѓа треба да ги распределува загубите, ситуацијата станува многу тешка“.

Фабриката на Бош во Именштат: дали автоматиката и роботиката ќе овозможат економски раст во Германија?Фотографија: picture alliance / dpa

Споредено на меѓународен план, Германија стои лошо кога станува збор за растот и особено за перспективите за раст. Разликата во однос на САД и другите индустриски развиени земји се зголемува. Оваа слабост директно влијае на животниот стандард. Така, на пример, луѓето во САД можат повеќе да си дозволат, бидејќи реалните плати се зголемени од 2018 година. Спротивно на тоа, германските реални плати стагнираат. „Растот овозможува да се создаде благосостојба во пошироките слоеви на општеството“, истакнува Виланд.

Растот не треба да и наштети на климата

Во исто време, растот не треба дополнително да ја оптоварува животната средина и климата. Ослободувањето на растот од емисиите на штетни гасови е главната цел на „зелениот раст“. Во Германија, барем засега, тој тренд се движи во вистинска насока.

Од обединувањето во 1990 година, германската економија порасна за речиси 50 отсто, додека емисиите на стакленички гасови се намалени за околу една третина во истиот период. „Значи, можно е“, вели Виланд. „Со поголем раст, можеме уште подобро да ја заштитиме климата“.

Меѓутоа, во сегашната ситуација во Германија, повисокиот раст останува само желба, а не реалност. Главната задача на новата влада ќе биде да го стимулира растот. Зашто што, без разлика на различните пристапи на партиите, постои голема согласност за целта: поголем раст е подобар од стагнација.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми