1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова германска инвестиција од 65 милиони евра во Македонија

Елизабета Милошевска Фиданоска
4 септември 2023

Германската компанија БМЗ ќе произведува батерии во Македонија. Договорот за инвестицијата од 65 милиони евра за 10 години беше потпишан денеска (4.09) во седиштето на компанијата во Карлштајн, Германија.

БМЗ групација Карлштајн потпишување договор за инвестиции во Северна Македонија
Договорот за инвестирање беше потпишан во седиштето на БМЗ во Карлштајн (4.09.2023)Фотографија: Elizabeta Miloševska-Fidanoska/DW

Фабриката на германската компанија БМЗ во Македонија ќе биде сместена во технолошко индустриската зона Скопје 2, а во неа ќе бидат вработени 775 луѓе. Изградбата треба да започне кон крајот на оваа година и да заврши најдоцна за 24 месеци. Но, со производство ќе се почне веќе за околу еден месец, за што компанијата веќе има најдено хала и има вработено околу 15 локални работници, вели за ДВ директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски. Работната сила е она што БМЗ особено го цени: 

„Македонија има луѓе кои сакаат да работат и да ја развиваат и обликуваат иднината, а батериите се иднината“ – изјави за ДВ по потпишувањето на договорот за инвестицијата првиот човек на групацијата БМЗ, Свен Бауер, објаснувајќи ја одлуката за инвестирање во земјата. Тој додава дека земјата има добро образовани, високо квалификувани работници, за кои во Европа има недостиг. Освен тоа, целта на компанијата е да произведува што е можно поблиску до Германија, односно наместо на други континенти, да се произведува во Европа:

„Бележиме брз развој, 50% годишно, потребни ни се нови локации за фабрики. Целта ни е да ја користиме Европа како голема локација. Тука има многу ноу хау, луѓе кои може добро да составуваат батерии и тоа сакаме да го искористиме", потенцира Бауер.

Седиштето на групацијата БМЗ во КарлштајнФотографија: Elizabeta Miloševska-Fidanoska/DW

Според проекциите, просечната бруто плата на работниците во БМЗ во Македонија треба да изнесува околу 1.200 евра.

„Тоа зборува дека во компанијата го препознаваат и нашиот приоритет, а тоа е да се обезбедат повисоки плати за нашите вработени. Годишниот извоз е проектиран на околу 350 милиони евра“, информира Деспотовски.

Според него, предноста на Македонија, која е мала во споредба со други држави и има ограничени ресурси, е тоа што е флексибилна. За атрактивноста на земјата како дестинација за инвестирање на потпишувањето на договорот во Карлштајн зборуваше и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, кој ги нагласи добрите економски врски помеѓу Северна Македонија и Германија. 

БМЗ во Македонија ќе вработува 775 луѓеФотографија: Elizabeta Miloševska-Fidanoska/DW

Германија е најважен трговски партнер на Северна Македонија и еден од најголемите инвеститори во земјата. Трговската размена помеѓу двете земји во 2022 година забележа раст и изнесува 4,8 милијарди евра. Германските компании кои работат во Северна Македонија вработуваат повеќе од 20.000 луѓе во земјата. Голем дел од нив веќе ги имаат проширено своите капацитети и најавуваат дополнителни инвестиции.

Групацијата БМЗ повеќе од 25 години континуирано развива литиум-јонски батерии, кои наоѓаат примена во различни индустрии. Производствените капацитети на групацијата се лоцирани во Германија, Кина, Полска и САД,  а има отворено претставништва за продажба во Јапонија, Велика Британија и Франција. Компанијата располага со повеќе од 194.000 квадратни метри производствен простор и вработува повеќе од 2.300 висококвалификувани работници, а реализира повеќе од 100 проекти годишно.

Групацијата БМЗ повеќе од 25 години континуирано развива литиум-јонски батерииФотографија: Elizabeta Miloševska-Fidanoska/DW

Приходите на групацијата БМЗ во 2021 година изнесуваа 411 милиони евра, а планираните приходи од склучени договори за следните 2 години се проценети во вредност од повеќе од 500 милиони евра. Во моменов компанијата има повеќе од 2000 клиенти со кои соработува и има контиуниран пораст на уделот на пазарот.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми