1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Во Бугарија ми остануваат повеќе пари отколку во Германија“

Марија Илчева
9 февруари 2026

Висококвалификувани Бугари ја напуштаат Германија, но и натаму работат за своите германски работодавци од дома. Освен што така се поблиску до семејствата, за нив тоа значи и повеќе нето приход.

Маж и жена поминуваат низ ходник со неколку куфери
Во 2024 година, за прв пат, повеќе Бугари ја напуштија Германија отколку што имигрираа во неаФотографија: BGNES

„Во Бугарија ми остануваат околу 300 евра повеќе нето приход месечно отколку во Германија“, вели Кристина Борисова. 41-годишната Бугарка по 8-годишен престој во Германија, на почетокот на 2025 година се вратила во татковината. Денес, Кристина живее во Поморие, мал град на брегот на Црното Море, и натаму работи за својот германски работодавец како административка во енергетскиот сектор. Нејзината компанија со седиште во Гера, ѝ ја исплаќа истата германска плата, иако работи од Бугарија. 

По осум години во Германија, Кристина Борисова сега живее на брегот на Црното Море – со својата германска платаФотографија: privat

Поради пониските даноци и придонеси за социјално осигурување во  Бугарија,  Кристина има поголем нето приход. Таа во Поморие не плаќа кирија, туку живее во куќата на своите родители, ѝ остануваат значително повеќе пари на крајот од месецот - вкупно нешто повеќе од 700 евра. Тоа не е само во земја во која просечната плата минатата година изнесуваше 1.300 евра, многу. Кристина е многу благодарна на својот германски работодавач што се согласил за работа од далечина. „Финансиската придобивка е голема. Но, најдоброто е што сум блиску до моето семејство“, вели таа.

Близина до семејството наместо тешкотии при наоѓање стан

И Радимир Бицов по осум години во Берлин се вратил во својата татковина. Денес живее во главниот град на Бугарија, Софија, и продолжува да работи за својот германски работодавач, мала ИТ компанија. Тој се преселил среде пандемијата на коронавирусот.

Главната причина за преселба на Радимир Бицов во Бугарија била да биде поблиску до своето семејствоФотографија: privat

„Тогаш се роди нашето дете.  Беше многу тешко да се најде поголем стан  во Берлин. И сакавме да бидеме во близина на нашето семејство“, раскажува 38-годишниот ИТ специјалист. Тоа што од неговата германска плата има значително повеќе нето приход во Бугарија отколку во Германија, е многу добредојден пропратен ефект. „Сепак се работи за околу 20 проценти повеќе“, посочува Радимир.

„Работа од далечина“ е трендот

„Во последните години, забележувам нов тренд - сè повеќе млади и добро образовани Бугари ја напуштаат Германија и работат од далечина од Бугарија“, вели адвокатот Константин Русков за ДВ. Неговата адвокатска канцеларија советува германски работодавци чии вработени бугарски државјани се враќаат во нивната матична земја. „Ако на почетокот на пандемијата со КОВИД имавме пет такви клиенти, денес се најмалку 80. Некои имаат само еден вработен во Бугарија, други 20“, нагласува Русков.

Бугарите се враќаат

Нема официјална статистика што го евидентира точниот број на овие повратници што работат на далечина. Сепак, податоците за 2024 година на Сојузниот завод за статистика укажуваат на мал пресврт. Имено, за прв пат по долго време повеќе Бугари си заминале од  Германија,  отколку обратно. Негативниот миграциски биланс изнесувал 11 илјади лица. Во Германија живеат вкупно околу 432 илјади Бугари. Податоците од Бугарскиот национален институт за статистика покажуваат дека од 2022 година сè поголем број Бугари се враќаат во својата татковина. Во 2024 година се иселиле околу 9 илјади лица, додека во истиот период над 18 илјади бугарски државјани се вратиле назад во земјата.

1.500 евра месечно повеќе

По десет години во Минхен, Силви Бојаџиева се вратила во Бугарија. Денес 34-годишната економистка живее во Софија и од таму работи за својот германски работодавач. Таа првенствено сакала да се врати во Бугарија од семејни причини и затоа што „западна плата во Бугарија има значителни предности“, вели таа за ДВ. „Причините за враќање во Бугарија се многу индивидуални – но, за голем број млади, висококвалификувани Бугари кои се решаваат на ваков чекор,  мотивацијата е првенствено финансиска“,  вели Константин Русков. „Имав 30-годишен клиент кој заработуваше 8 илјади евра бруто во Минхен. По одбивање на сите даноци и придонеси за социјално осигурување, му остануваа околу 4.500 евра нето, претпоставувајќи даночна категорија 1. Од тие средства мора да плаќа кирија, а во град како Минхен  кириите драматично се зголемија  во последните години. Во Бугарија од друга страна, во моментов му остануваат околу 6 илјади евра нето“, вели Русков.

Предности и за германскиот работодавач

Адвокатот нагласува дека  преселба на вработените  има предности и за германските компании. И тие имаат за своите вработени во Бугарија пониски трошоци отколку во Германија, бидејќи овие вработени се осигурани преку бугарскиот систем. „За германските компании освен тоа воопшто и не настануваат инвестициски трошоци, бидејќи немаат регистрирано седиште во Бугарија. Само вработените се регистрирани таму“, објаснува Русков.

Адвокатската канцеларија на Константин Русков им помага на германските работодавци кога бугарските вработени се враќаат во БугаријаФотографија: privat

Во рамки на ЕУ,  ваквите работни односи се одлично регулирани, нагласува адвокатот. „Регистрацијата е едноставна и евтина. Во Германија траба да се вадат некои документи за што може да бидат потребни неколку недели, но во Бугарија сето функционира многу едноставно“, додава адвокатот. Според Русков, главниот мотив за германските компании да се согласат со преселби во матичната земја е задржување на вработените, особено со оглед на недостигот на квалификувани работници во Германија. Сепак, Кристина, Радимир и Силви велат дека ефектот од нивните германски плати малку е намален во последно време. Цените во Бугарија, особено во Софија, нагло се зголемени во последните години, односно долго пред Бугарија да се приклучи на еврозоната. „Некои работи како облека и намирници, сега се дури и поскапи во Бугарија отколку во Германија“, се жали Кристина. Сите тројца нагласуваат дека им недостига германскиот ред и тоа што е таму чисто, како и добрата медицинска грижа.

Назад во Германија?

Дали некогаш повторно  би се вратиле во Германија? Кристина сака трајно да остане во Бугарија. Радимир пак, може да си замисли повторно да ѝ  сврти грб на својата татковина - на пример ако политичката ситуација во земјата се влоши. Освен тоа, тој нагласува дека му „недостига германскиот ред и практичноста.“

Силви Бојаџиева ја напуштила Германија за време на пандемијата на КовидФотографија: privat

Ниту Силви не ја исклучува можноста повторно да ја напушти Бугарија. Таа е загрижена за политичката ситуација во земјата. Во декември бројни протести ја соборија владата. Непосреден повод беа планираните зголемувања на даноците во нацрт-буџетот за 2026 година. Економистката е сигурна дека „ако даночниот товар и придонесите за социјално осигурување во Бугарија се зголемат без соодветно подобрување на услугите и инфраструктурата, тоа ќе доведе до значително опаѓање на квалитетот на животот“. Во тој случај, Силви може да замисли повторно да се исели. „Но, дури кога моите деца ќе бидат малку постари. И овој пат повеќе би сакала да се преселам во Швајцарија или во Данска, каде што јавните услуги и здравствениот и образовниот систем се уште подобри отколку во Германија“, вели таа. И Константин Русков е загрижен за политичките случувања во Бугарија. Од 2020 година таму се одржаа седум парламентарни избори. Доколку ситуацијата не се подобри, земјата би можела брзо да ги испушти од рака своите високо-квалификувани повратници, вели адвокатот.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми