1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската економија е загрижена по покраинските избори

Дирк Кауфман | агенции
3 септември 2024

Очекуваниот, но сепак шокантен успех на АфД во Тирингија и во Саксонија според многу набљудувачи може да има влијание врз економијата. Тие стравуваат за Источна Германија како деловна локација.

Новата фабрика на Бош за чипови во Дрезден
Новата фабрика на Бош за чипови во ДрезденФотографија: Oliver Killig/dpa/picture alliance

Уште пред изборите во Саксонија и Тирингија, многу претставници на синдикатот и бизнисот предупредуваа на последиците од успехот на Алтернатива за Германија (АфД). На пример, дека тоа може да ги одврати инвеститорите. Така, Олаф Кахерт, кој инвестира во компании за да ги спаси од банкрот, изјави за ДВ дека „капиталот е плашлива срна“ и дека луѓето не сакаат да инвестираат „таму каде што не се чувствуваат добредојдени“.

По изборите,  претседателот на Сојузот на германските здруженија на работодавачи (БДА), Рајнер Дулгер, истакна дека просперитетната економија е важна за стабилна политика - и обратно. И овие изборни резултати, рече тој, ја покажаа „големата несигурност на народот и недостигот на доверба дека нашата земја се развива во вистинска насока“.

Тој ја обвинува  коалицијата на Социјалдемократите (СПД), Зелените и Либералите (ФДП)  на сојузно ниво за зголемувањето на поддршката за АфД и ги повикува на акција: „Резултатите се јасен знак за предупредување за политичарите на германската сојузна влада“, бидејќи секоја влада мора „да внимава на интересите на работните места, а со тоа и на социјалната кохезија“.

Бјерн Хеке од АфД во Тирингија предизвикува страв кај стопанствениците со своите изјавиФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Егзодус на компаниите?

По објавувањето на изборните резултати, многу деловни луѓе предупредуваат дека проблемот со недостигот на квалификувани работници ќе се влоши, а сметаат дека може да дојде до егзодус на компании кои работат во Саксонија и Тирингија.

За компаниите од овие две покраини, кои исто така се соочуваат со глобална конкуренција, проблемот со недостигот на работна сила може дополнително да се влоши, вели економистката Моника Шницер. Дополнително, додава таа, „наследувањето на компаниите би била отежнато и тоа може да доведе до затворање на претпријатија".

Државните институции, како и образовниот систем во Саксонија и Тирингија, веќе страдаат од недостаток на квалификувана работна сила и затоа се принудени да го намалат опсегот на нивните услуги. Некои окрузи во тие две германски покраини најверојатно ќе изгубат уште 20 до 30 отсто од своето активно работоспособно население во наредните години.

„Недостигот од квалификувани работници што веќе постои ќе стане уште полош“, очекува економистката Шницер. А со оглед на ставот на АфД кон имиграцијата, таа оценува: „Нивното отфрлање на квалификуваната имиграција испраќа погрешен сигнал, бидејќи ќе ги одврати квалификуваните работници да ги гледаат овие германски покраини како опција за доселување".

Економистката Моника Шницер: Може да дојде до затворање на претпријатијаФотографија: Stefan Boness/Ipon/IMAGO

Младите ќе продолжат да заминуваат

Марсел Фрачер, претседател на Германскиот институт за економски истражувања (ДИВ), исто така очекува губење на работни места и одлив на странски капитал. Тој потсетува дека АфД е за протекционизам и оддалечување од ЕУ, за помала  имиграција на квалификувани работници и помала отвореност и различност. Ова, смета тој, најверојатно ќе доведе до егзодус на компании и квалификувани работници.

„Пред сè, младите, квалификувани и мотивирани луѓе ќе ги напуштат тие две германски покраини и ќе одат таму каде што ќе доживуваат поголема отвореност и почит. А тоа веројатно ќе резултира со зголемување на бројот на стечаи и егзодус на компании“, вели Фрачер.

Загрижени се и во Германскиот деловен институт, кој е близок до работодавците. „Ова не може да биде добро за економијата, бидејќи ѝ треба политичка предвидливост, институционална стабилност и сигурни рамковни услови“, вели директорот на институтот, Михаел Хитер.

Опасност за фабриките за чипови

„Изборните резултати во Саксонија и Тирингија се предупредувачки сигнал и за дигиталната економија“, предупредува претседателот на германското дигитално здружение „Битком“, Ралф Винтергерст и нагласува дека „Германија мора да остане земја која се залага за космополитизам и духот на иновативноста, а АфД не ги претставува тие вредности“.

Винтергест укажува на еден конкретен пример. „Без квалификувани работници од странство, нема да можеме да управуваме со планираните фабрики за чипови во Саксонија. А таквите врвни менаџери имаат слобода да изберат каде ќе работат“.

Ралф Винтергерст: Изборните резултати во Саксонија и Тирингија се предупредувачки сигнал и за дигиталната економијаФотографија: Martin Schutt/dpa/picture alliance

Само привремено?

Изборните резултати во Саксонија и Тирингија ги коментираат и странските економисти. Така, Франциска Палмерс, виш економист за Европа во лондонскиот институт „Капитал економикс“, оценува дека резултатите од покраинските избори не треба да се копираат „еден на еден“ на цела Германија. Некои од  барањата и идеите на АфД сигурно ќе се одразат во изборните програми на етаблираните партии, а Германија, вели таа, ќе продолжи „да прави малку за нејзината деиндустријализација и ќе продолжи да се држи до својата строга политика на штедење во Германија и Европа“.

За одделот за истражување на Дојче банк (ДБР), резултатите од изборите исто така не се „слика на сојузните избори“ кои треба да бидат одржани следната година. Тие укажуваат дека условите во Тирингија и Саксонија се премногу посебни за да бидат применливи за целата земја.

Дури и кога гледаат кон иднината, економистите на ДБР се релативно опуштени. Сегашните податоци покажуваат дека „компаниите се плашат само од привремени економски ризици“ и дека тоа првенствено би влијаело на потрагата по квалификувани работници.

Дополнително, економистите на ДБР не очекуваат дека германската економска политика суштински ќе се промени. Тие веруваат дека ниту една замислива коалиција на сојузно ниво „нема да спроведе расипнички политики“, бидејќи особено конзервативните политичари се цврсти застапници на политиката на државно штедење.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми