1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската економија стагнира во вториот квартал

ЖА / агенции
25 август 2023

Германската економија стагнира, во вториот квартал нема пораст на БДП, а извозот опаѓа - единствено приватната потрошувачка се опоравува

Економија Германија
Германската економија тапка во местоФотографија: Andreas Rentz/Getty Images

Германската економија тапка во место.Бруто домашниот производ (БДП) од април до јуни останал „закован“ на ниво од претходниот квартал, како што соопшти Сојузната служба за статистика денеска, потврдувајќи ја прогнозираната стагнација објавена во јули. На тој начин, Германија за влакно избегна рецесија. „По лесниот пад во двата претходни квартали, германската економија во почетокот на годината се стабилизираше“, изјави претседателката на Сојузната служба за статистика, Рут Бранд. На крајот на 2022 година и на почетокот на 2023 година беше забележан пад на БДП и тоа во два последователни квартали, што меѓу експертите се смета за техничка рецесија.

Во првите месеци од годинава потрошувачката малку се опорави и прекина да опаѓа. И покрај инфлацијата, издатоците на потрошувачите останаа на ниво од првиот квартал. Извозот се намали за 1,1 процент, додека увозот се зголеми. Поради тешкотиите во градежната бранша, инвестициите во градежништвото пораснаа само минимално – за 0,2 проценти, наспроти речиси три проценти на почетокот на годината.

Расположението во стопанството останува и натаму воздржано па дури и тмурно, истакнува аналитичарот Бастијан Хеперле од приватната банка Хаук Ауфхојзер Лампе: „Брзо опоравување не е на повидок, перспективите засега се доста помрачени".

Стагнација во моментов е највисокиот дострел на германската економија, објаснува и главниот економист Томас Гицел од ФП банката: „Се` додека владее слабост во глобалната економија, германската економија ќе остане во незавидна ситуација."

Бундесбанката очекува стагнација на конјунктуратаво Германија и во тековниот летен квартал. Многумина експерти дури прогнозираат и пад на БДП за целата 2023 година. Најновите бројки од економијата будат страв дека лошата ситуација од индустријата евентуално ќе се прелее уште посилно врз услужните дејности.

Финансискиот дефицит на германската држава во првата половина од годинава се зголеми на 42,1 милијарда евра, што е за 37,6 милијарди евра повеќе од пред почетокот на годинава. Мерено според БДП, стапката на дефицит изнесува 2,1 процент. Причина за тоа се пред се` мерките на сојузната влада за време на енергетската криза, образложуваат статистичарите.

Ифо-индексот за деловна клима меѓу германските стопанственици, кој е важен економски барометар, и во август натаму опаѓа, четврти месец по ред: „’Сушниот’ период на германската економија се пролонгира“, констатира минхенскиот Ифо-институт.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми