1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

АфД смета на правото да владее во Тирингија

Ханс Пфајфер
2 септември 2024

Екстремно десничарската АфД во Тирингија и Саксонија постигна рекордни резултати на покраинските избори. Но, веројатно нема да води, па дури и да се приклучи на влада, бидејќи сите други партии се дистанцираат од неа.

Претседателот на огранокот на АфД во Тирингија, Бјерн Хеке
Претседателот на огранокот на АфД во Тирингија, Бјерн ХекеФотографија: Bodo Schackow/dpa/picture alliance

За прв пат Алтернативата за Германија, АфД, стана најсилна партија на избори на покраинско ниво.  Во Тирингија АфД освои речиси 33 проценти.  На покраинските избори во Саксонија, АфД со повеќе од 30 проценти е веднаш зад демохристијанската ЦДУ. Изборниот резултат со нетрпение се очекуваше, бидејќи Службата за заштита на уставниот поредок АФД во Тирингија, како и во Саксонија, ја класифицираше како докажано десно-екстремна. 

Претседателот на огранокот на АфД во Тирингија, Бјерн Хеке, се смета за еден од најрадикалните политичари во Германија. Тој постојано привлекува внимание со референци од националсоцијализмот. Само во 2024 година тој два пати беше осуден заради користење нацистички пароли.

АфД гледа јасен мандат за формирање влада

Непосредно по објавувањето на првите изборни прогнози, ко-претседателот на АфД на сојузно ниво, Тино Крупала, вршеше притисок врз другите партии изјавувајќи во интервју за втората програма на јавниот радиодифузен сервис дека „едно е многу јасно: волјата на гласачите е да има промена на политиката“. Централното барање на АфД е промена на германската миграциска политика. За време на предизборната кампања партијата со многу кампањи повикуваше на  масовни депортации на бегалците од Германија  и со месеци доминираше во политичките дебати со таквите барања. За Тирингија, Крупала ја гледа неговата партија како победник и смета дека имаат „јасен мандат за формирање на влада во Тирингија“, како што рече тој за ЗДФ.

Изборен плакат на АфД во Тирингија - барање за масовно депортирање на мигранти Фотографија: dts-Agentur/dpa/picture alliance

Во првото интервју вечерта на изборите, лидерот на тирингискиот огранок на АфД, Хеке, исто така, извлече јасен мандат од изборните резултати. „Ние сме народна партија број еден во Тирингија“, рече Хеке на првата програма на германскиот јавен телевизиски сервис,  АРД. Неговата партија прво ќе ја анализира политичката ситуација и можните коалициски партнери, „а потоа ќе одлучиме на кого ќе му понудиме разговори“, нагласи Хеке. Во неговата изборна единица, главниот кандидат на АфД, Хеке, претрпе пикантен пораз. Тој ги загуби директните избори за место во парламентот од противкандидатот од ЦДУ. Тој може да влезе во парламентот на покраината Тирингија само преку покраинската изборна листа, или доколку друг директно избран политичар на АфД се откаже од својот мандат во корист на Хеке.

На крајот, АфД може и покрај нејзините изборни успеси да извиси и да остане во опозиција затоа што  сите други партии исклучуваат директна соработка со АфД.  Затоа, учество во владата се смета за малку веројатно и во Тирингија и во Саксонија. Тоа не е сосем исклучено, бидејќи изборните резултати го комплицираат формирањето влада за сите партии.

Предупредување од штети за демократијата

Подемот на АфД во Германија со години е проследен со масовни протести и предупредувања. Истражувачите на десничарскиот екстремизам сметаат дека АфД е идеолошки блиска до расистичките и антидемократски традиции. Политичките аналитичари постојано прават паралели со подемот на националсоцијалистите под водство на Адолф Хитлер. Неговата партија, НСДАП, за прв пат успеа да стане дел од владата во Тирингија во 1929 година. НСДАП потоа започна први чистки во државната администрација и на важни функции распореди свои партиски членови.

Анти-АфД протести во Ерфурт пред покраинските избори во Тирингија Фотографија: Wolfgang Rattay/REUTERS

Јенс-Кристијан Вагнер ги нарекува сегашните  политики на АфД „понижувачки за луѓето и одвратни“. Историчарот е директор на меморијалното спомен-место од поранешниот концентрационен логор Бухенвалд, кој се наоѓа во Тирингија и е еден од најважните германски споменици за ужасите на националсоцијализмот.

Со необична активност тој предупреди од изборот на АфД во Тирингија. Во писмото до 350 илјади домаќинства во државата, тој го обвини Бјерн Хеке дека „се обидува да го направи националсоцијалистичкиот наратив повторно општествено прифатлив“. Вагнер добива смртни закани поради таквото предупредување.

На своите профили на социјалните мрежи, директорот на меморијалот првите изборни резултати ги нарече катастрофа за демократијата. Тоа се должи на фактот дека и покрај сите предупредувања, АфД по изборите е посилна од кога било. И во сите нивни првични изјави, врвните политичари на партијата јасно ставија до знаење уште на почетокот на изборната вечер дека сакаат многу  да ја променат германската политика.

АфД има блокирачко мнозинство

АфД има посебен инструмент на моќ по изборите со таканареченото блокирачко мнозинство. Со својот дел од гласовите во Саксонија и Тирингија, таа може да ги блокира сите одлуки за кои е пропишано двотретинско мнозинство. Без АфД тогаш ништо нема да функционира. Со помош на таквиот инструмент, АфД може да парализира важни демократски процеси. Еден пример е судството. Во Тирингија тоа се соочува со генерациски пресврт поради огромниот бран на пензионирања. Па така, АфД ќе може да блокира назначување на уставни судии и да ја блокира и работата на важниот Судски совет, а со тоа и доживотното назначување на судии.

Пред изборите, Хеке јасно стави до знаење што мисли за германското правосудство. По неговата  двократно осуда за употреба на нацистички пароли за време на изборната кампања, тој му се закани на судството преку неговите канали на социјалните мрежи во јули 2024 година. „Нема да трпиме вакви нешта“, пиша тој. Одлуката на независното судство тој ја нарече политичка и веднаш го дискредитираше и целиот демократски систем наведувајќи дека „ваков е вкусот на самоволието. Веќе немам чувство дека живеам во функционална правна држава“.

Според парламентарните обичаи, како најсилна политичка сила,  АфД би имала пристап и до највисоката формална функција во сојузната држава - на претседател на покраинскиот парламент. Функцијата е незабележлива, но носи големо влијание: претседателот на парламентот го организира изборот на премиерот и може да назначува и отповикува важни функционери. Претседателот на покраинскиот парламент смее да одбие да потпише важни законски текстови и со тоа формално да спречи тие да стапат на сила.

„За АфД не се работи само за парламентарно мнозинство“

Фактот дека АфД најверојатно нема да биде дел од владата не е нужно разочарувачки за партијата, анализира експертот за десничарски екстремизам Давид Бегрич од здружението „Заедништво“ од Саксонија-Анхалт. „АфД особено во Источна Германија, не е само парламентарна партија која се занимава само со нумеричкото мнозинство во парламентот“, вели Бегрич во подкастот „Современи дијагнози на десничарскиот екстремизам и антисемитизмот“ непосредно пред изборите. „Таа е парламентарна партија и движење“, вели тој и појаснува дека таа ги користи своите пратенички мандати за да прави политика со говори и предлози вон парламентот.

Давид Бегрич од здружението „Заедништво“ од Саксонија-Анхалт Фотографија: Benjamin Knight/DW

Токму од тоа предупредуваат и бројни клубови и здруженија во Германија кои со месеци се жалат дека АфД со нејзините антимигрантски слогани политичката дебата ја помести  на десно.

Бегрич ја предупредува сојузната политика да не извлекува лажни заклучоци од покраинските избори во источните германски покраини, како на пример полемики против луѓето од територијата на поранешна Источна Германија, која некогаш херметички се одвојуваше од Западот. „По изборите повторно ќе слушнеме: изградете го пак Ѕидот“, вели Бегрич и критикува дека таквите дебати се деструктивни и само би ги ослабнале посветените луѓе во Источна Германија. „Ако не сакаме такво нешто, тогаш мора радикално да се оттргнеме од политичката агенда на АфД и да се свртиме кон демократското јадро на истокот. По изборните успеси на АфД, целта треба да биде зајакнување на малите демократски иницијативи во покраината и да се обезбеди нивниот опстанок."

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми