1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Бербок во Киев: Украина може да се потпре на нас

ЖА / дпа
10 септември 2022

Германската министерка за надворешни работи порача: „Ќе ја поддржуваме Украина сѐ додека е потребно – со испорака на оружје, со хуманитарна и финансиска помош“.

Baerbock in der Ukraine
Фотографија: Michael Fischer/dpa/picture alliance

Министерката за надворешни работи Аналена Бербок пристигна во својата втора посета на Киев од почетокот на војната во Украина, со цел да покаже непоколеблива солидарна поддршка. „Ќе бидеме на страната на Украина сѐ додека е тоа потребно – со испорака на оружје, со хуманитарна и со финансиска поддршка“, истакна Бербок при пристигнувањето.

Со својата посета Бербок сака да даде знак и против заканувачкиот замор во Германија од  војната:  „За мене е јасно,  Путин  очекува дека ќе се измориме од сочувството кон страдањата на Украина. Тој верува дека со лаги може да предизвика раздор во нашите општества и  да нѐ уценува преку испораките на енергенси.  И дека може да ни ја одземе енергијата со која се браниме против овој брутален напад врз сите наши вредности. Ваквата сметка на Путин не смее да се оствари. Цела Европа знае дека Украина го брани нашиот мировен поредок“, рече министерката.

Бидејќи воздушниот протстор над Украина е затворен од почетокот на војната, Аналена Бербок во Киев допатува со специјален воз од Полска, придружувана од мала делегација. Бербок ќе има средба со својот ресорен колега Дмитро Кулеба, а од безбедносни причини програмата на нејзината посета не е јавно објавена.  

Бербок потсети дека Украинците повеќе од шест месеци се спротиставуваат на руската агресија, а во овие тешки времиња веруваат и во помош од Германија. „Мојата порака до сите нив е дека и натаму можат да се потпрат на нас“, рече Бербок, истакнувајќи две конкретни теми кои ѝ се важни при посетата– германска помош во отстранување на мини и во расветлувањето на воени злосторства. Украинските претставници веројатно ќе ги повторат барањата за испорака на германско тешко оружје. Украинскиот премиер Денис Шмихал при посетата кај германскиот канцелар Олаф Шолц минатата недела инсистираше на добивање германски борбени тенкови Леопард 2. Шолц пак одговори дека Германија ќе се концентрира на ставање на располагање на воздушни одбранбени системи и артилерија, а пред сѐ нема да презема еднострани чекори. Досега ниеден НАТО сојузник нема испратено во Украина борбени тенкови од западно производство.

Германската влада досега има испорачано или ветено оружје во вредност од 734 милиони евра, дел и т.н. тешко оружје, меѓу другото и десет тенковски хаубици 2000, 15 тенкови за противвоздушна одбрана и три повеќекратни ракетни фрлачи.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми