Германската полиција се уште трага по избеганата лавица
21 јули 2023Видена и повторно исчезната: диво животно на слобода, веројатно лавица, е забележано во околината на Берлин и Бранденбург. Станбените реони беа блокирани во четвртокот, жителите беа замолени да останат во домовите. Ангажирани се стотици полицајци, поддржани од ловџии и ветеринари - но животното, до доцните вечерни часови во четвртокот, ни трага ни глас.
Првото предупредување стигна до жителите во населбите јужно од Берлин во ноќта кон четвртокот: Забележано е „опасно диво животно кое слободно трча“ во општината Клајнмахнов во Бранденбург. Видео од мобилен телефон во траење од неколку секунди го покажува животното како се прикрадува меѓу грмушки и дрвја. Во текот на ноќта животното било забележано и од полициски службеници. По изјави на сведоци, потрагата беше проширена и во соседната покраина Бранденбург. Но, залудно.
По какво животно се трага?
Вечерва е повторно забележано животното во регионот на Берлин и берлинската полиција сега се концентрира таму. Околу 220 полицајци се на задача, а во текот на ноќта ќе дежураат најмалку 70.
Во меѓувреме, експертите се сомневаат дали навистина се работи за лавица или за некое друго диво животно. Ветеринарот Ахим Грубер од Слободниот универзитет Берлин вели дека не е убеден оти се работи за лавица. Чудно е, вели тој, што кучињата-трагачи не пронашле никакви траги од животното.
Но, и доколку се работи за лавица, прашањето е од каде потекнува? Од Зоолошките и циркусите во регионот не е пријавено исчезнато животно, а полицијата нема информации дека никој приватно поседувал такво животно.
Во мирното место Клајнмахнов, кое директно граничи со Берлин, и каде најпрво беше пријавено присуството на дивото животно, граѓаните најпрво беа збунети од големото полициско присуство. Во четвртокот вечерта местото го облетуваа и хеликоптери. И покрај полициските препораки, веќе попладнето граѓаните нормално се движеа: по улиците се возеа велосипеди, си ги шетаа кучињата, одеа во шопинг... Остана отворена и градинката, иако децата мораа да останат во затворен простор.
Во блискиот Потсдам, градските власти ги повикуваа граѓаните да бидат будни. „Отворете ги очите! Потсдам не е многу оддалечен“, порача градот преку Твитер.